Америка е во перманентна повеќедецениска „асиметрична војна“ со разни терористички групации. Но Америка е наедно и суперсила што може да си дозволи да дејствува со специјални операции речиси насекаде во светот. Имено, САД го прават тоа штитејќи ги својата безбедност, „суверенитет и територијален интегритет“ надвор од своите граници. Во името на демократијата, САД се декларираат како „светски полицаец“ што превентивно дејствува за „глобален мир“, но дејствува и репресивно на која било точка од Земјината топка, кога дискреционо ќе реши дека тоа нешто треба да го стори. Дали ваквата стратегија на САД е легитимна во контекст на грижата и сигурноста за своите граѓани или, пак, е во спротивност со меѓународното право, кое големите сили го толкуваат онака како што им одговара?!

Хрватски експерти коментираат некои аспекти од егзекуцијата на Ајман ал Завахири, еден од најбараните терористи во светот

Во извонредно прецизна разузнавачка операција, американските безбедносни служби физички го ликвидираа Ајман ал Завахири, еден од најбараните терористи во светот. Тој беше и еден од идејните творци на терористичкиот напад од 11 септември 2001 година. Завахири беше египетски хирург, кој се трансформира во радикален исламистички идеолог, по кој САД трагаа многу години, дури и пред нападите врз Њујорк и Вашингтон во 2001 година. Завахири беше убиен на балконот на неговиот стан, во центарот на Кабул. Акцијата беше плод на повеќемесечно најстрого тајно планирање на безбедносните експерти од САД. Во текот на подготовките била изработена и 3Д-макета на куќата каде што бил засолнет Завахири, направена идентична (во размер намалена), токму онака како што разузнавачките служби дале информации собрани од сателитските снимки. Макетата била сместена во т н. ситуациска соба на Белата куќа, за да може претседателот на САД во секое време да ја анализира, а и да расправа за можностите за реализација на замислата на специјалната операција. Американскиот претседател во април оваа година првпат бил известен дека неговите разузнавачи го лоцирале Завахири во куќа во Кабул. Разузнавачите со месеци ја следеле мрежата што го поддржувала терористичкиот водач во авганистанската престолнина. Безбедносните служби на САД, во засолништето ги идентификувале неговата жена, ќерката и внуките.
Во 6.18 ч., по локално време, биле испукани два проектила „хелфајр“ кон балконот на куќата во Кабул. Завахири беше убиен, а членовите на неговото семејство, кои беа во други простории, останаа неповредени.

Зошто САД имаат право да ликвидираат лица во други делови од светот, а никој друг го нема истото право?

Ова прашање беше поставено и во хрватскиот медиум „Индекс“, а интересни одговори дадоа двајца соговорници, Денис Авдагиќ, хрватски експерт за антитероризам, и политичкиот аналитичар Бранимир Видмаровиќ.
– Специјалната операција на САД може да ја разгледаме од повеќе аспекти: осврнувајќи се на меѓународното право, но расправајќи и суштински. Кога ќе ги анализираме нештата, јасно е дека американскиот разузнавачки и воен систем не прогонува продавачи на цвеќе или борци за демократија, туку луѓе што според сите дефиниции се терористи. Се разбира, секој човечки живот треба да се гледа индивидуално и јасно е дека не можеме да оправдаме чие било убиство од морален аспект (особено без судење), но затоа може реално да согледуваме. Треба да се има предвид неоспорниот факт дека САД се во континуирана асиметрична војна со терористички групации, кои во своите напади целат на Американците. Во војна луѓето умираат, но Америка е единствената вистинска суперсила што може да дејствува секаде, и го прави тоа. Таа е светски полицаец и кога тоа му се допаѓа некому, но и кога многумина не се согласуваат со тоа. Само за споредба: кога ќе ги погледнеме ликвидациите што им се припишуваат на руските разузнавачи, сфаќаме дека станува збор за убиства на опозициски лидери и дисиденти – значи, сосема спротивно од акциите на САД. Затоа на Вашингтон не му е проблем да објави кого убил, додека за Москва мора да нагаѓаме или сè се открива само преку хемискиот состав на отровот и снимки од невнимателните разузнавачи… – изјави Денис Авдагиќ, хрватски експерт за антитероризам.

Еве и други примери…

Индекс.хр набројува слични примери на специјални операции на разузнавачките служби на САД. Имено, акцијата за елиминација на Ајман ал Завахири не е исклучок. Неодамна беше убиен и друг челник на ИСИС. На средината на јули, за време на американски воздушен напад беше убиен еден од петте главни водачи на милитантната сириска група Исламска држава – Махер ал Агал. Тој беше убиен во северозападна Сирија, додека еден негов близок соработник беше тешко ранет. И оваа операција беше изведена по темелно планирање, кое беше неопходно за нејзина успешна реализација. За акцијата во јавноста информира Централната команда на американската армија, додавајќи притоа дека Агал е одговорен за развојот на мрежите на ИСИС надвор од Ирак и Сирија. Кон крајот на август 2021, во Кабул се убиени десет цивили. Но не се сите напади без цивилни жртви. Го паметиме минатогодишниот американски напад со беспилотно летало во Кабул, во кој загинаа десет цивили, од кои седум беа деца. Американската војска тогаш излезе со соопштение дека станувало збор за „трагична грешка“.
Мала е веројатноста возилото и жртвите да биле поврзани со џихадистичката групација на Исламска држава – Корасан (ИС-К), или дека претставувале директна закана за американските сили – изјави пред новинарите шефот на американската војска во Авганистан, Кенет Мекензи, пред нивното финално повлекување од оваа земја.

САД не се единствените што може да дејствуваат вака, но сојузниците ги толерираат нивните постапки

– Пресвртница за ваквиот свет беше Втората светска војна, кога САД се покажаа во целата своја моќ, а работите се забетонираа во времето на Студената војна. САД не се единствените што може да дејствуваат, меѓутоа западните земји ги толерираат нивните постапки, затоа што ја земаат предвид улогата на Вашингтон во историјата на западните демократии, но и довербата во фактот дека таквите напади се резервирани исклучиво за оние што веќе ги окрвавиле своите раце со терористичко дејствување – вели експертот Авдагиќ.
А зошто другите западни земји не дејствуваат на ист начин?
– Пред сè, немаат сите можност за такво дејствување, ниту пак се способни да се бранат себеси од одмаздата на другиот. Сепак, треба да кажеме дека секој има рамен на себеси или, подобро кажано, граници секако постојат. Ваков напад од страна на САД нема да видите на територијата на Русија или Кина, иако во техничка смисла, тоа не би бил некој голем проблем за американските вооружени сили – смета Авдагиќ.

Каде е во сето тоа меѓународното право?

– Сосема е јасно дека самите воени операции на територија на друга земја не се законски чисти. Знаеме зошто Американците најпрвин пукаат, а потоа прашуваат – да се изразам така – а тоа најдобро ќе го објасниме доколку укажеме на фактот дека такво нешто не се случува на териториите на Велика Британија, Јапонија, Австралија или Хрватска. Значи, да поедноставиме: САД вака дејствуваат главно на територијата на неуредени земји или на оние во чиј безбедносен систем очигледно немаат доверба. Овде како особено интересен се покажува случајот со Пакистан. Од една страна, оваа земја е американски сојузник, земја што располага и со нуклеарен потенцијал, меѓутоа тоа е и земја што е засолниште и расадник на терористи. Навраќајќи се на прашањето за меѓународното право, на крајот сè се сведува на можности за спор – кој го нема – или, пак, на волја за оспорување – вели Авдагиќ.
Но тој, одговарајќи на интересни реторички прашања, ја анализира и другата страна на медалот, дури оправдувајќи ги споменатите „специјални операции“… Доколку ги отстраниме САД од планетава, колку долго би требало да чекаме за нови геноциди? Каков би бил тој свет во кој Америка не би била светски полицаец?
– За жал, овде повторно се враќаме во реалноста, која е – морам да истакнам – реално трагична состојба за човештвото. Да замислиме дека утре по некоја случајност ќе ги тргнеме САД од нашата планета. Колку би требало да чекаме до првите воени интервенции и новите геноциди? Реалноста кажува дека САД се гаранција за слобода и демократија во поголемиот дел од светот. На западното мнозинство многу му се допаѓа постоењето на еден таков полицаец. Ова ни кажува дека рамнотежата, мирот и слободата, па и можноста да се разговара за потезите на САД што некому не му се допаѓаат, ги гарантира токму една ваква Америка – вели Авдагиќ.
Но, наедно, тој го отвора и прашањето дали ерата на Америка како светски полицаец полека завршува? Многумина дури и причините за украинската војна ги гледаат во американското слабеење, односно недостигот од амбиција за зачувување на светскиот ред и мир…

Видмаровиќ: Зад нас е 20-годишна целосна американска доминација

И политичкиот аналитичар Бранимир Видмаровиќ даде многу интересни одговори за Индекс.хр. Тој вели дека САД можат да си дозволат такво нешто, бидејќи тие се победници во Студената војна против Советскиот Сојуз.
Таква констелација на силите се оформи по завршувањето на Студената војна. Америка уживаше во таа моќ повеќе од 20 години. Значи, зборуваме за апсолутна доминација – воена, економска и техничка. Во еден момент, САД ја прифатија улогата на светски полицаец и станаа земја што ги контролира туѓите државни системи, ги урива оние што не ѝ одговараат, па, следствено на тоа, стана и земја што го оформува светот по сопствениот лик. Чесно ли е така? Тоа е сосема друга тема – рече Видмаровиќ.
Тој потсети и на структурата на Советот за безбедност на ОН, каде што постои право на вето, кое, како што напомена, го побарале Американците.
Тие не влегоа во Советот за безбедност сè додека не добија гаранција за право на вето, така што од една страна имаме идеализиран колективистички систем за носење одлуки во ОН, а од друга страна сурова моќ и технолошка доминација, која на Американците им овозможува да прават што ќе посакаат – објасни Видмаровиќ.
Тој додаде и дека светот напреднал.
Меѓутоа, тоа полека се менува. Вашингтон би сакал да ја зачува глобалната доминација, но светот напредна и веќе не е можно тоа. Освен Кина, напреднаа и голем број држави во различни региони од светот. Покрај Кина и Индија, во последниве 15 години се развија и земјите од Блискиот Исток, Турција, Саудиска Арабија и земјите од Латинска Америка. Во безбедносна смисла, одреден идентитет стекнаа и земјите од Африка. Во воена смисла, никој не претставува предизвик за САД. Нема дилема дека Американците се најголема воена сила во светот. Меѓутоа, некои земји им претставуваат идеолошки предизвик. Проблемот на Америка е што има голем број вакви земји, кои веќе не се примитивни како некогаш – рече Видмаровиќ.
Светот без Америка како број еден не е нужно постабилен или понестабилен. Видмаровиќ напомена дека светот без САД како светски полицаец не мора да биде ни подобар ни полош одошто е денес.
Како аналитичар, јас не размислувам дали постојат зли или добри сили. Како што реков, овде не станува збор за правичност, бидејќи секоја голема сила – а Америка е суперсила – се обидува да ги потчини другите земји. Тоа е така. Ако САД дополнително изгубат од своето влијание, другите сили веројатно би ја прошириле својата моќ на ограничен простор. На пример, Кина во својот регион, Турција во својот итн. Но ниедна од нив не го може тоа што го може Америка – глобално проектирање на своите вредности преку економија, популарна култура, наука… Ниту една земја нема моќ и капацитет да го прави тоа толку успешно како Америка. Оттука, светот во кој ја нема Америка како светски полицаец не е нужно постабилен или понестабилен. Хипотетички, доколку Кина би ја заменила Америка, веројатно би одела со други, економски алатки и не би дејствувала на воено поле, како што го прават тоа САД. Доколку во некоја уште похипотетичка смисла замената би била Турција, таа би имала друг сет на методи при обликувањето на светот. Тоа е онаа теорија за „крал на ридот“. Оној што ќе се искачи највисоко, ги потчинува и другите држави и формира безбедносна архитектура, која го штити од секакви закани. Тоа секогаш ќе го има, но како аналитичар, не ги набљудувам работите како подобри или полоши во морална смисла – заклучи Видмаровиќ.

Ангел Митревски Наш постојан соработник од Хрватска