Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општа констатација е дека минатата администрација на главниот град не успеа да го реши проблемот со загадувањето, па овој горлив проблем остана во наследство на новата градска управа. Но настрана политичките агенди, нашиот весник побара одговори од екологистите како да се најде брзо, квалитетно, но и трајно решение на проблемот со загадениот воздух

Скопје повторно на врвот на листата на најзагадените градови во светот

Скопје повторно се најде меѓу најзагадените градови во светот, а од скопските општини најзагаден е воздухот во Лисиче, Аеродром, Центар, Карпош, но и во другите населби. Апликациите за мерење на загаденоста на воздухот деновиве покажуваат рекордни нивоа на штетни материи во воздухот, со предупредување за опасност од престој на отворено. За време на викендот, во Скопје беа измерени 282 микрограми на кубен метар штетни честички по здравјето на луѓето. Позагаден град од Скопје е само Лахоре во Пакистан.
Во контекст на актуелните случувања со енормно високата загаденосг на воздухот, општа констатација е дека минатата администрација на главниот град, за жал, не успеа да го реши проблемот со загадувањето, па овој горлив проблем остана во наследство на новата градска управа.
Но настрана дневнополитичките агенди и меѓусебните расправии околу состојбите со загадувањето на воздухот, нашиот весник побара одговори од екологистите и од партиите на зелените како да се најде брзо, квалитетно, но и трајно решение на проблемот со загадениот воздух што ги мачи граѓаните.
Игор Смилев, граѓански активист и борец за чиста животна средина и претседател на ЕГ „Грин пауер“, вели дека решение за загаденоста, не само на воздухот туку на почвата, водите… има само со координирана работа на сите институции од сите нивоа, кои најмалку четири години ќе се вложат за подобрување на квалитетот на животот на сите, наспроти подобрување на сопствениот живот за еден мандат.
Тој советува дека треба најитно да се постават мерни единици за мерење на загаденоста на амбиенталниот воздух во секое маало, со што прецизно ќе се утврди изворот на загадување, а загадувачите ќе бидат казнети со драконски казни.
– Инспектори нема, а нема ниту интерес за буџетско финансирање на проблемот, а тоа треба да биде приоритет на сите досегашни и идни влади – вели Смилев.
Тој нагласува дека загадувањето на воздухот е само еден тип загадување што го чувствуваме најбрзо и најбрутално.

– Сето ова за да има ефект, мора координирано да се врши на ниво на општина, градоначалници, инспектори и Министерство за животна средина, инаку ќе има бескрајно префрлување на топката поради што и веќе дојдовме до ваква тешка состојба. Сите други мерки (гасификација, греење на палети, инвертори, соларни панели и сл.) бараат подолго време, кое надлежните за нас го немаат. Неопходно е итно формирање фонд за животна средина, во кој би се слевале сите екодавачки што ние граѓаните ги издвојуваме на разни начини (преку регистрација на возила, преку купување пластични ќесиња, преку сметки за вода и струја)…, на овој начин финансиите наменети за екологија се губат во системот во разни министерства и се користат за сосема други намени, а не за тоа за кое ги издвојуваме – објаснува екологистот.
Пратеничката Маја Морачанин од партијата ДОМ, која е дел од владејачкото мнозинство и од групата за борба против загадувањето, вели дека ефикасно решение во битката со загадувањето се постигнува само ако навистина се има политичка волја да се реши проблемот со загадувањето од сите фактори во земјата.
Морачанин вели дека надминувањето на овој проблем е круцијално во време кога живееме со пандемијата, бидејќи загадениот воздух дополнително ја влошува здравствената слика на граѓаните.
– За да добиеме квалитетно решение за овој еколошки проблем, сето тоа може да се стори за година до две доколку, нормално, се има поддршка од сите за оваа проблематика и на централно и на локално ниво – вели Морачанин.
Таа објаснува дека комплексноста на проблемот по природата на нештата подразбира и сет мерки за битка со загадувањето на воздухот.

– Мерките треба да бидат краткорочни и долгорочни. На долгорочно ниво општинските и централните власти во државата треба да најдат успешни решенија за сите фактори на загадувањето на воздухот, кои потекнуваат од пет центри. Тоа е клучниот проблем со загадувањето на индустријата во Скопје, загадувањето од емисијата на гасови од автомобилите и сообраќајот и од затоплувањето на домовите, но и од загадувањето на воздухот од депониите што согоруваат и од градежните зафати – вели Морачанин.
Пратеничката нотира дека индустриските објекти мораат редовно да бидат контролирани и на што почеста динамика да се проверува дали емисиите во воздухот што ги испуштаат се во дозволено ниво.
– Натаму на долгорочен план треба да се најде механизам со кој граѓаните ќе бидат демотивирани да користат автомобили и да започнат што помасовно да употребуваат современ економски исплатлив и точен јавен превоз во Скопје. Истовремено, со овој процес треба да се стимулираат граѓаните да ги направат своите домови да се енергетски ефикасни и да започнат да користат обновливи извори на енергија. Тука, пред сѐ, е потребно да се изврши демократизација на производството на енергијата, а тоа ќе значи дека граѓаните ќе треба да се поддржат, самите преку фотоволтаици да започнат да си произведуваат енергија за сопствени потреби. Дополнително, истото треба да се направи и за институциите во градот чии објекти истовремено треба да бидат надградени да користат сончеви панели и да имаат енергетски ефикасни фасади, врати и прозорци. На долгорочен план добредојдено ќе биде и забрзувањето на гасификацијата на државата, со која значително ќе се помогне во напорите за еколошки почисти градови – вели Морачанин.
Пратеничката објаснува дека на краткорочен план, во период кога живееме со загадениот воздух што делумно се поврзува и поради географската местоположба на главниот град, постојат и сет краткорочни мерки што општините и Град Скопје треба да ги употребуваат.

– Со измените оваа година сторени во Законот за квалитет на амбиентален воздух се предвидени и задолженија на сет мерки што треба да ги преземаат локалните и централните власти за да се намали загадувањето. Измените во законот, за разлика од претходната легислатива, препораките за преземање мерки ги преточија во заложби што се задолжителни да ги спроведуваат властите. Според законот, сега во овие месеци се наметнува потребата од задолжителни чести инспекциски контроли и мерења во сите локации во градовите во земјата за да се утврдат и санкционираат загадувачите, па дури и да се стопираат производствени и градежни процеси ако загадуваат во периодот додека загадувањето е високо во земјата. Натаму, општините сега имаат право да ги ослободат од работни обврски ранливите категории граѓани доколку се процени дека загадувањето во одреден период може да им наштети на нивното здравје. Дополнително, со буџетите на општините се наложуваат спроведувања политики за намалување на загадувањето со изградба на што е можно повеќе зелени површини наспрема бетонски и со стимулирање на рециклирањето на отпадот – резимира таа.


Од „зелената“ ДУИ – немаат одговори, ниту решенија

Од друга страна, од партијата Демократската унија за интеграција (ДУИ), која од неодамна со ребрендирањето себеси се декларираа како зелена партија што пропагира еколошки политики, вчера до затварање на весникот не добивме одговори на поставените прашања поврзани со изнаоѓање решение за загадувањето во Скопје, но и во другите градови во земјата. Како дел од власта, ДУИ партиципира и со свои министри токму во секторот за екологија и животна средина, како и во редица други тела и органи што имаат допирни точки со екологијата.


Според апликацијата „Мој воздух“

Алармот вклучен во повеќе градови

Квалитетот на воздухот во Струмица и во Ново Село е опасен – предупредуваат податоците на интернет-апликацијата „Мој воздух“, која веќе неколку години ја мери загаденоста во скопските општини и во градовите во Македонија.
Според податоците на оваа алатка, ако во Струмица загаденоста била 295, во Ново Село била 265, а во Кавадарци, пак, загаденоста била 101 мерни единици насловени „ер квалити индекс“ (ЕКИ), во Свети Николе алармот се вклучил на измерени 184 единици.
Инаку, „ер квалити индекс“ е мера што прави сума на сите измерени вредности од сензорите на една станица, прикажувајќи ја загаденоста на Европската скала за ЕКИ од 0 до 100. Колку е повисока мерата, толку е позагаден воздухот според барем еден од сензорите на станицата.