Фото: Маја Јаневска-Илиева

Традиционална крводарителска акција

Со традиционалната крводарителска акција, со која вработените уште еднаш ги потврдија хуманата мисија и професионалноста, првата приватна општа болница „Ремедика“ вчера го одбележи 17-от роденден.
Проф. д-р Андреја Арсовски, медицинскиот директор на болницата и торакален хирург, истакна дека му е чест да им го честита Светскиот ден на здравјето, 7 Април, на сите здравствени работници и на сите пациенти и порача да го чуваме и штитиме здравјето на секој од нас.
„Ремедика“ како здравствен систем е изградена со големо внимание и почит кон здравствените потреби на пациентите, според врвни стандарди. Тоа ја прави болница-пријател на своите пациенти.

– Навистина можеме да се гордееме со постигнатото високо ниво на здравствена услуга. Пред сè од аспект на развојот на медицината, примената на нови и современи методи, користењето нова и најсофистицирана апаратура, на најсоодветен начин, како и во дијагностиката и во терапевтските третмани. Се грижиме за постојано унапредување на едукацијата на кадарот што работи овде. Тоа е навистина неминовен предуслов да имате следење на високото ниво на квалитетот на давање на медицинските услуги – рече проф. Арсовски.
За 17-те години работење, тој истакна дека е задоволен не само со квантитетот на услугите туку и поради нивниот квалитет.
– Тоа секогаш било поголем императив во однос на нашето работење. За нас не е битен само обемот и квантитетот, туку и квалитетот. Со тоа сме препознатливи не само во нашата средина туку и пред други болници во нашето опкружување и пошироко. Имаме високо ниво на стручност и на квалитет, комплементарност за многу третмани, што значи да добиете комплетна услуга за повеќе аспекти што одредено заболување ги бара. Она по што мислам дека во целиот период сме препознатливи е домаќинскиот однос, односот на почитување на пациентот, на неговата најблиска околина, семејство, како и на адаптирање на цените на можностите на нашите граѓани, без правење непотребни трошоци, како и со дефинирањето на пакетите што ги добиваат овде пациентите. Сакам да го истакнам и срдечниот однос на нашиот персонал со пациентите, по кој сме препознатливи. Тие можат задоволни да си заминат од кај нас – вели професорот.
За наредната година планираат усвојување и воведување нови методи во работењето, нова апаратура и проширување на палетата на услуги.

– Сè уште работиме во пандемиски услови, а и политичките и економските случувања ги допираат и нашите граѓани и нашата економија, па влијаат и врз нашата струка. Ние го имаме предвид тоа и се приспособуваме на условите, а планираме понатамошен развој на квантитетот и на квалитетот на медицинските услуги. Планираме развој на баријатриска хирургија, воведување новини во урологијата, особено поврзани со реконструктивни зафати, кои за првпат се изведуваат во нашата држава и, секако, тоа не е сѐ, а пациентите, како и досега, ќе ги информираме за новините – додава проф. Арсовски.
„Ремедика“ е пример за тоа како може да се покаже морална одговорност кон заедницата за зголемување на крвните единици што ќе овозможат да се спасат повеќе животи.
Оваа акција се спроведува во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, Црвениот крст на Општина Гази Баба и Институтот за трансфузиона медицина. С.Н.М.