Фото: Маја Јаневска-Илиева

Собранието, со нови препукувања меѓу пратениците, денеска напладне ја продолжи расправата за избор на новата Влада.

Лицемерието на Левица, како и секогаш е пуштено на најјако, кога се работи за вас и за вашиот гуру Христијан Мицкоски за да дојдете на власт некои работи не ви пречат, а за да се донесе нешто добро за граѓаните ви пречат, порача во реплика на собраниската седница посветена на изборот на новата Влада, пратеникот на СДСМ Дарко Каевски.

– Димитар Апасиев зборуваше за биотероризам, кога граѓаните очекуваа пакети мерки во ова Собрание, во услови кога се соочуваме со пандемија, а тоа не му пречеше кога требаше да „формира“ Влада со својот гуру Мицкоски, а истото се однесува и со Преспанскиот договор, потпишува документи со називот Република Северна Македонија, кога му одговора, а инаку го критикува. Вашето лицемерие не поминува ни тука во Собранието, ни кај граѓаните – нагласи Каевски во реплика на пратеникот од Левица, Димитар Апасиев.

Оваа влада изминатите четири години е подобра од која било Влада, предводена од која било политичка партија во претходниот период, но и тоа е не доволно зашто граѓаните очекуваат и заслужуваат повеќе, порача Каевски од собраниската говорница.

Апасиев, претходно во Собранието упати силна критика на ресорот МВР, поради скандалите со фалсификуваните пасоши.

– И по сето тоа, Оливер Спасовски останува и си ја носи десната рака Славјанка и колешката Грковска кои доаѓаат од МВР, а да не зборуваме за Бисера Костадиновска и нејзиното владиното покривање за биотероризам – рече тој.

Пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска при реплика на опозицијата во врска со кредибилитет и легитимитет на новата Влада од собраниската говорница истакна дека во демократиите во светот неретко е власта на Владата да ја има една политичка опција, а опозицијата да ги добила локалните избори, и никој не слушнал дека некој го оспорува легитимитетот.

– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред некое време најави дека ќе се обиде да формира ефикасна политичка Влада, која ќе биде способна да ги решава предизвиците и тоа ќе го направи доколку биде сигурен дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет и Влада со силни институции. Одговорете ми од каде ќе го извлече легитимитетот, а не беше на листите за парламентарни избори – нагласи Георгиевска.

Таа додаде дека Владата ја гласа парламентарно мнозинство, кое дефакто го има и неретко се случува во Владата да има коалиции, некој да ја напушти некој да влезе.

Парламентарното мнозинство се обидува да ни каже дека овој мандатар и влада е нова свежина и надеж за Македонија, а не продолжение на заевизмот, а самиот мандатар повеќе се осврна на легтимитетот отколку на визијата за справуавање со проблемите. Мандатарот Ковачевски не учествувал на избори, ниту побарал доверба и го нема народниот легитимитет, рече Благица Ласовска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ на вториот ден од собраниската расправа за составот на Владата предводена од Димитар Ковачевски.

Според неа најголем дел од министрите остануваат и се продолжение на хибридниот режим кој беше поразен на локалните избори пред неколку месеци.

– Преговорите за оваа Влада не ги водеше Ковачевски, туку Заев. Ковачевски беше само стаист. Најголема симболика за старо новата влада е есцајгот. Начинот на владеење на претходникот и останувањето на старите заеви кадри испраќа порака дека стариот монарх му ги предава златните лажици на новиот. Оттука и хедонистичка порака која вели да од вашите пари ние самонаречената елита ќе ве ограбуваме, уживаме, ќе владееме, а вие, плебсот ќе тонете во сиромаштија ќе гладувате, мрзнете и ќе молчите. А додека молчите и ги губите животите во распаднатите болници очекуваме аплауз. Ете зошто есцајгот е врв на иронијата, лудориите на старо новата власт – рече Ласовска.

Оттука, по падот на власта, додаде таа, треба да се продаде есцајгот на аукција како прибор од кој јаделе последните диктатори од СДСМ.

– Ротираните кадри, носители на лошо менаџирање и слепи послушници на Заев се доказ дека нема визија за излез од катастрофалната состојба во државата со која владеат 5 година, а не се сменети кадри на ДУИ. Тие остануваат главни и со тоа се кажува дека тие се власт, а не СДСМ – вели Ласовска.

Таа се осврна и на европските интеграции за кои рече дека се во сериозен ќорсокак а власта постојано вели дека има датум за старт на преговорите со ЕУ.

– Никола Димитров кажа дека нема доверба и бил сведок на спремноста на Заев и Османи да попуштат во преговорите со Бугарија. На страна моето мислење за него, тој пет години е дел од Владата, а 18 години дел од дипломатските процеси и ова не е само црвен аларм, туку е и голем пожар пред да биде фрлено шкорчето за тотално велепредавство – кажа Ласовска.

На мандатарот Ковачевски, таа му порача „да не ги применува струмичките прочитани финти и лаги и да најде заеднички јазик со опозицијата“.