Фото: Маја Јаневска-Илиева

Периодичните и дозирани изјави во врска со одредени сегменти и бројки од пописот, додека сѐ уште се чека објавувањето на конечните резултати, само дополнително внесуваат забуна и недоверба во јавноста, предупредуваат статистичарите. Но какви сѐ последици и искри може да предизвикаат одредени нецелосни статистички показатели и дилеми, кои во моментот се појавуваат во врска со пописот

Во очекување на целосните и официјални податоци од пописот

Македонската јавност со нетрпение ги очекува првите статистички податоци за бројот на населението по спроведениот попис, а според првичните најави, официјалните бројки би требало да бидат соопштени кон крајот на март следната година, иако не е исклучено тоа да се случи и нешто порано.
И додека статистичарите по завршените теренски активности во септември сега го обработуваат прибраниот материјал и ги собираат бројките во сите пописни категории, првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, уште и пред почетокот на пописот, па и по неговото завршување, одвреме-навреме излегува со информации и мислења што се однесуваат на некој важен статистички податок, од бројот на населението, бројот на пријавените граѓани што не примиле попишувачи, до бројката на граѓаните во дијаспората што не се попишале. Ваквите изјави во период додека се чекаат резултатите од пописот, макар дадени и со доза на резерва и воздржаност, само дополнително внесуваат забуна во јавноста, која со право сака да знае дали некој веќе располага со податоците.

Официјални резултати нема, а податоците протекуваат

Од ДЗС веднаш по завршувањето на пописот соопштија дека ќе им биде потребен период најмногу од шест месеци, во кој ќе можат точно и прецизно да ги сумираат сите прибрани податоци од терен и тие ќе можат да им се соопштат на граѓаните како конечни, што би било во март следната година.
„Нова Македонија“ уште тогаш побара одговор од Статистика зошто е потребен толку долг рок за сумирање на резултатите ако се има предвид дека целата постапка беше дигитализирана, односно голем дел од податоците за граѓаните се влечеа од постојните електронски бази. Објаснувањето тогаш беше дека е потребно време да се сумираат сите резултати и дека евентуално предвремено објавување на некои податоци, кои подоцна нема да се поклопат со официјалните резултати, ќе создаде сомнеж кај јавноста дека некој намерно ги фингира резултатите.
Но во меѓувреме, директорот на ДЗС, Апостол Симовски, излезе со неколку изјави, кои беа различно протолкувани во јавноста, која доби впечаток дека првиот статистичар веќе има увид во резултатите, но дека и натаму се пролонгира објавувањето на конечните податоци од пописот.
Имено, уште пред почетокот на пописот, Симовски изрази стравување дека во земјава нема повеќе од 1,5 милион луѓе. Подоцна по завршувањето на пописот тој оваа бројка ја коригираше на 1,7 милион, за последната информација што се појави во јавноста да биде повеќе од 1,8 милион попишани граѓани во земјава.
Сето ова меѓу обичните граѓани остава сомнеж дека можеби намерно се лансираат пробни балони во јавноста во врска со одредени состојби во однос на пописниот материјал, за да се види нивната реакција.
– Во ред е реакцијата на јавноста кога ќе се појават вакви податоци и не ме зачудува, па затоа јас избегнувам да кажам прецизно некаков податок, туку секогаш тоа е кажано со некоја резерва, дека е можно, дека ако веќе спомнувам бројка, на тоа додавам околу итн. – вели првиот човек на ДЗС, Симовски.
Тој уште додаде дека за да се избегнат секакви шпекулации и недоверба кај јавноста, треба да се почекаат конечните резултати.
– Крајните резултати од пописот ќе бидат соопштени не подоцна од крајот на март. Засега како што стојат работите со сумирањето на податоците, нема да биде подоцна од тој шестмесечен рок. Ако биде порано уште подобро, бидејќи тоа е во наш интерес, во интерес на граѓаните, но и на државата – нагласува Симовски.
За експертот за пописни прашања Дончо Герасимовски подобро е во овој период, кога веќе има рок до кога ќе се соопштат податоците од пописот, да не се изнесуваат никакви бројки.
– Најлошо е во овој временски период кога очекуваме за два-три месеца официјални податоци од пописот да кажуваме одредени состојби со бројки. Првиот човек на ДЗС треба да се воздржи од соопштување на какви било бројки, бидејќи тоа создава една друга полемика и размислување. Тоа е суштината – вели Герасимовски.
Според него, она што можеби ДЗС треба сега да ѝ го соопшти на јавноста е дека обработките на пописните податоци се вршат квалитетно.
– Тоа е стручната работа во однос на податоците што се попишани и тоа треба да ѝ се соопшти на јавноста во моментот, ништо друго – истакнува Герасимовски.

Кои се причините за незаинтересираност кај дијаспората

Директорот на ДЗС, Симовски, очекува пописот да покаже дека околу 300 илјади македонски државјани што се во странство не се попишале, што наметнува уште позагрижувачко прашање, кои се причините за малиот интерес кај иселениците да се попишат, ако се има предвид дека попишувањето можеа да го направат од дома преку интернет.
– Ние во моментот располагаме со некои податоци. Имаме регистар на државјани, кои се околу 2,4 милиони, во земјава со пописот сме опфатиле околу 1,8 милиони, разликата на тие луѓе е дека се во странство, а со пописот сме опфатиле 200 илјади од луѓето што се во странство. Тоа значи луѓето надвор или не добиле навреме информација како да се самопопишат или едноставно го игнорирале пописот. Не зборуваме на памет, во таа смисла е бројката од 300 илјади непопишани иселеници – појаснува Симовски.
Тој уште додава дека ова е загрижувачка работа над која државата треба сериозно да се замисли.
За Герасимовски малиот одзив на дијаспората е поради тоа што класичен попис во странство нема, туку станува збор само за евиденција, која, според неговите зборови, траеше предолги шест месеци.
– Се виде по периодиката на попишување како одеше ова евидентирање на населението во странство. На почетокот одеше помасовно, па потоа стагнираше. Потоа на крајот повторно се притисна дека мора до одреден рок иселениците да се евидентираат. Од некои граѓани ваквиот начин на попишување не беше прифатен и затоа имаше слаб одзив – појаснува Герасимовски.
Според него, единствени што може да дадат релевантна бројка за тоа колку македонски граѓани се надвор од државата се Евростат и ОН.