Фото: Маја Јаневска-Илиева

Муслиманите ќе слават еден од најголемите празници, а христијаните, пак, ќе изразуваат почит кон своите соседи и сограѓани. Така е зашто македонскиот мултирелигиски соживот има длабоки корени во земјава, но токму за време на празниците тој е и најмногу видлив

НА 2 МАЈ МУСЛИМАНИТЕ ГО СЛАВАТ РАМАЗАН-БАЈРАМ

Една недела откако христијаните го прославија Велигден, најголемиот христијански празник, муслиманите на 2 мај годинава го слават Рамазан-бајрам, еден од најголемите празници во исламот.
Празниците се денови за слава, но и денови за почит на различностите. Обично се вели дека празниците ги обединуваат луѓето. За празникот се испраќаат пораки полни со солидарност, изрази на морална помош и пораки за што поскоро поминување на мачните и тешки денови. Бајрам е исто така повод за да се потсети на сиромашните, децата без родители и на осамените. Тоа, според познавачите на исламот, е должност на секој муслиман за Бајрам.
Ова е само еден од неколкуте дена во годината што ги поврзуваат граѓаните во државава токму преку нивната различна верска определба.
Муслиманите ќе слават еден од најголемите празници, а христијаните, пак, ќе изразуваат почит кон своите соседи и сограѓани. Така е зашто македонскиот мултирелигиски соживот има длабоки корени во земјава, но токму за време на празниците тој е и најмногу видлив. Продолжува традицијата на почит едни кон други, без разлика на религијата и без разлика на опкружувањето, состојбите и наметнатите околности. Оние што имаат свои блиски пријатели муслимани ќе ги посетат за празникот, повеќето од нив ќе разменат честитки преку телефон, но и преку социјалните мрежи.
Али Пајазити, професор по социологија на Универзитетот на Југоисточна Европа, вели дека Бајрам е посебен ден и празник кога муслиманите се солидаризираат со другите, почнувајќи од пријателите, соседите, без разлика дали се муслимани или од некоја друга вера.

– Ова ја отсликува големината на исламот како религија и муслиманите што се трудат да бидат добри луѓе, верници што се молат за себе, но и за другите, за сите луѓе: убавите, добрите нешта да надвладеат насекаде низ светот каде што егзистира човековото, кое треба да биде во хармонија со Бога, себеси, со другите луѓе и со секое битие, па и со материјалниот свет. Бајрам е поубав кога неговата хумана порака се споделува, кога се споделува добриот збор, насмевката, позитивната енергија, убавите нешта приготвени во домот, особено традиционалната баклава, кога се посетуваме и кога се потсетуваме на тоа дека здравјето и мирот се двете најголеми вредности на овој свет – заклучува тој.
Рамазан-бајрам се слави еден месец откако муслиманите постеа, односно не јадеа и не пиеја ништо од изгрејсонце до зајдисонце.
Рамазан е деветтиот месец во исламскиот календар, а наедно е и месец на почетокот на објавата на светата книга за муслиманите – Куранот.
Токму по завршувањето на постите, муслиманите го слават празникот Рамазан-бајрам. Самиот ден кога се слави Бајрам започнува со рамазанбајрамска молитва, потоа се оди на гробишта да се посетат гробовите на предците и блиските. Празникот прво им се честита на најстарите, а потоа на другите. Помладите секогаш одат кај постарите. За славењето на денот се приготвуваат и се служат традиционалните бајрамски јадења (бајрамско месо, аландити и баклава).
Празникот се слави три дена и цело време се оди на честитање.