Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

По неколкумесечна пауза

Пратениците во македонското собрание вчера ја одржаа првата седница на која беа поставувани пратенички прашања, откако беше испочитуван рокот од 100 дена што ѝ се даваат на секоја нова влада на почетокот на нејзиниот мандат.
Како и вообичаено, пратениците од редовите на опозицијата во најголем број упатија низа прашања до премиерот поврзани со повеќе актуелни прашања, а особено внимание предизвика прашањето на пратеничката Рашела Мизрахи до премиерот Димитар Ковачевски во врска со отворањето на бугарскиот културен клуб во Битола, на кој присуствувал речиси целиот бугарски државен врв.
– Ковачевски дали ви е јасно дека во ваше време се отвора културен центар со име на фашист во антифашистичка Македонија и сега вие како претседател на Владата што ќе направите со културниот центар, барам концизно да одговорите пред да се отвори здравствен дом со името Александар Турчиев – нагласи Мизрахи.
Премиерот Ковачевски возврати дека токму ВМРО-ДПМНЕ била партијата што ги величала ликот и делото на Михајлов.
– Вашата партија ВМРО-ДПМНЕ го слави Ванчо Михајлов, погледајте ги сликите од него што ви стојат во белата палата – одговори Ковачевски, притоа додавајќи дека лично не се чувствувал пријатно кога во Битола бил отворен клуб со името „Ванчо Михајлов“, но истовремено најави отворање македонски културен клуб во Благоевград.
Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ го праша премиерот Ковачевски дали чувствува одговорност поради тоа што во рок од пет години двајца генерални секретари на Владата се под истрага.

– Дали размислувате и дали чувствувате одговорност од ова што се случувало во Владата, која вие ја водите, што практично ви се случувало пред нос, а вие или не сте знаеле, или сте биле соработник – праша Лефков.
Премиерот му одговори дека нема толеранција за криминал од никого, без оглед од која партија доаѓа, потсетувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е, како што рече, корумпирана партија бидејќи нејзини високи функционери признале вина за незаконски дејства.
– Не толерирам никого, без разлика на неговата политичка припадност и се придржувам на тоа. Во истиот момент кога беше објавено дека постои истрага од страна на Јавното обвинителство, генералниот секретар поднесе оставка, таа во истиот момент беше прифатена и на наредната седница е именуван нов генерален секретар на Владата – истакна Ковачевски.
Пратеникот Лефков упати и прашање до јавниот обвинител Љубомир Јовески во врска со трагедијата во тетовската модуларна болница, односно до каде е истрагата и дали ќе има кривична одговорност.

– Истрагата за трагедијата во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември лани, при што во пожарот животот го загубија 14 лица, од кои 12 пациенти и двајца роднини на пациенти, е при крај и деновиве, за брзо време очекувам Основното јавно обвинителството во Тетово да донесе одлука за овој настан – одговори Јовески. Тој уште додаде дека обвинителите не се под ничие влијание, апелирајќи политичарите и другите центри на моќ да ги тргнат рацете од Обвинителството. С.Т.