Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Македонија, според податоците на Државниот завод за вработување, само 1.200 високообразовани лица нашле работа во првиот месец по завршувањето на образованието, додека над 18.600 лица биле невработени над три години!

Работодавците не преферираат да вработат без кандидатите да демонстрираат конкретни работни вештини и искуство, иако поседуваат диплома

По завршувањето средно или високо образование, мнозинството млади лица во земјите од Западен Балкан тешко доаѓаат до првото вработување. Една третина од младите во регионот се невработени, а како причина се наведува несоодветната образовна структура за моменталните потреби на пазарот на трудот, но и непоседувањето соодветни работни вештини, кои не можат да ги стекнат во текот на образованието. Периодот од завршувањето на образованието до првото вработување е долг и за многумина млади тоа е над една година. Стажот на чекање во бирото за вработување за високообразованите лица е уште подолг. Во Македонија, во 2020 година, според податоците на Државниот завод за вработување, само 1.200 високообразовани лица нашле работа во првиот месец по завршувањето на образованието, додека над 18.600 лица биле невработени над три години!
Состојбата со невработеноста на младите високообразовани лица не е подобра ни во другите земји во регионот. Во Србија, во 2021 година, над 55 отсто од младите не се вработени со професиите за кои се образовале. Просечниот период до првото вработување трае до две години, а тоа се должи и на недоволните работни места за лицата со факултети, но и поради недостигот од практика во текот на образовниот процес. На некои факултети од општествените науки, како што е економијата, има само две недели практична настава, што не е доволно за да влијаат кај работодавците да вработуваат работници без искуство. Во анализата за младите, која ја пренесува Радио Слободна Европа, се наведува дека една од негативните страни на образованието во Босна и Херцеговина е недостигот од практична компонента во образованието. Над 58 отсто од анкетираните лица изјавиле дека тешко ќе најдат работа според стручната спрема. Во истражувањето на младите во Хрватска, 49 отсто од испитаниците изјавиле дека поминале на практична настава во текот на школувањето. Во Македонија, недостигот од практична настава во високообразовните институции е присутен и на факултетите од природните науки.

– Нашата практична настава се одвиваше цело време во лабораториите на факултетите. Таа се сведуваше само на некои општи практични вежби. Воопшто не бевме вклучени во некоја од лабораториите на државното или приватното здравство, каде што располагаат со нови посовремени апарати, кои бараат и други постапки. Прво што нѐ прашуваат кога конкурираме за работа е дали имаме претходно искуство. Но каде ќе добиеме практични сознанија ако никој не нѐ научил на тоа. Доколку и се одлучат да вработат некој што излегол од факултетите, тогаш мора да помине обука неколку месеци. Но и тогаш работиме само на една операција и сѐ зависи од интересот на работодавецот, дали сака да нѐ обучи и за други вештини. Сето тоа влијае и на нашата плата, но и на мотивацијата за напредување, која со текот на времето е сѐ помала – ни изјави наша сограѓанка.
Петар Атанасов, кој беше заменик-министер за образование, вели дека проблемот со вработувањето на младите во Македонија се должи на повеќе фактори, од слабостите на образовниот процес до лошата стопанска структура, која не може да ги прифати сите млади што се стекнале со дипломите во средно и високото образование.
– Нашата земја располага со несоодветна структура на кадри, повеќето се со средно образование, и тоа на насоки што се неконкурентни на пазарот на трудот во земјата. Претежно се со завршени економски и правни насоки, додека локалните економии во нашите градови имаат потреба од други профили. За нив ќе биде неопходна преквалификација. Вториот аспект е што работници за одредени занимања се образоваат во стручните училишта, кои не ќе можат да ги подготват стопроцентно за да можат веднаш да се вклучат во производствениот процес. Единствено ЕВН образова таков кадар преку давање стипендии. Кај високото образование состојбата е уште посложена. Освен ФИНКИ, кој продуцира високоподготвени кадри, за лицата што завршиле на другите факултети е потребна соодветна обука во фирмите во кои би биле ангажирани – ни изјави Атанасов.

За да се поттикнат домашните компании да вработуваат млади лица, од пред две години од Министерството за труд и социјална политика беше донесена оперативна програма за вработување лица без почетно работно искуство. Со неа се предвидува користењето на младинскиот додаток за лица до 23 години. Со оваа мерка биле опфатени 2.875 млади лица. Нашата земја се вклучи и во проектот „Гаранција за млади“, кој се применува во земјите од Европската Унија, наменет за млади невработени лица до 29 години, а со оваа помош се вработиле 7.197 лица. „Гаранцијата за млади“ има за цел на млади лица од 15 до 29 години, во период од четири месеци, да им обезбеди шанса за вработување, континуирано образование и обука или практикантство. Гаранцијата за млади е проект на Владата на Република Македонија за да се изгради системски пристап во решавањето на проблемот со невработеноста. Во овој дел е и финансиската помош за отворање сопствен бизнис. Најголем интерес кај младите имало за отворање фирми во дејноста трговија на големо и мало, преработувачка индустрија, градежништво и објекти за сместување. М.Ј.