„Нова Македонија“ направи анкета низ домашните маркети, од каде што потврдуваат дека граѓаните последните денови во голема мера набавуваат брашно и масло, но и други производи, и дека очекуваат да продолжи овој тренд на зголемена побарувачка и трупање резерви кај граѓаните. Кои се причините за ваквата потрошувачка психоза?

Стравувањата од раст на цените или случувањата во Украина ги испразнија рафтовите во маркетите

Владината одлука од 1 март да ги одмрзне цените на основните прехранбени производи деновиве предизвика еден вид потрошувачко цунами, во кое буквално прекуноќ беа испразнети рафтовите со брашно, масло, шеќер, сол, млечни и хигиенски производи во сите маркети низ земјава. На актуелната домашна потрошувачка треска и трупањето резерви од одредени производи веројатно имаат влијание и случувањата во Украина.
И додека надлежните смируваат и тврдат дека државата има доволно резерви од сите прехранбени производи, граѓаните, сепак, ништо не оставаат на случајот и продолжуваат да трупаат резерви на основните прехранбени производи, најмногу брашно.
Во целата ситуација нејасно е дали стравот од повисоките цени на производите и истенчениот семеен буџет се главните фактори за ова потрошувачко стампедо, или, пак, на тоа влијаат и кризата во Украина и сè погласните најави дека Европа може да се соочи со недостиг од пченица, која во најголем дел се увезува токму од Русија и Украина.
Некои од граѓаните велат дека препознаваат кога доаѓаат кризни времиња и дека секогаш треба во домот да има некаква резерва од брашно, сол, шеќер…
– Во животот поминав неколку кризи. На времето, во Југославија, имаше голема инфлација, секој ден растеа цените, немаше масло, кафе, прашок за перење, имаше рестрикции на струја, платите ни беа мали, така што ние сме научени на кризи и знаеме да препознаеме кога работите не одат кон подобро. Сега ги одмрзнаа цените, трговците ќе гледаат да заработат и ќе ги качат цените за уште повеќе да заработат. Со овие наши пензии, тешко ќе излегуваме накрај, па ако дојде криза, ќе месиме и домашно лепче – вели Елица Стефановска, пензионерка.
„Нова Македонија“ стапи во контакт со некои од домашните маркети, од каде што беше потврдено дека граѓаните последните денови во голема мера набавуваат брашно и масло и дека овој тренд на зголемена побарувачка на овие производи продолжува.

– Имаме направено некои резерви на брашно и масло, но не знам до кога ќе потраат, оти луѓето овие денови ги купуваат токму овие производи во поголеми количества. Некои се плашат од поскапување и затоа гледаат претходно да се обезбедат, други од војната во Украина, така што, генерално гледано, за основните прехранбени и хигиенски производи во моментот има зголемена побарувачка. Доставата од магацините се одвива без застој, така што очекуваме по првичниот бран, потрошувачката паника да спласне – велат од еден скопски синџир на маркети, смирувајќи дека и во минатото се соочувале со вакви привремени потрошувачки бранови.
За социологот Илија Ацевски оваа потрошувачка психоза на граѓаните е логична, бидејќи секој поединец кога ќе се најде во услови на криза, се обидува да ги обезбеди основните продукти и на тој начин психолошки да се смири дека нешто направил.
– Како поединци што сме изложени на една неверојатна пропагандна психолошко-медиумска војна, кога го гледаме ова што се случува во Украина, сфаќаме дека тоа не е филм, туку реалност што се случува и ние на некој начин сме ментални учесници во тие случувања. Ние сме ментално-психолошки премногу под влијание на тоа и таа психоза се пренесува кај нас. Таа криза, поврзана со економската криза, која од ден на ден сè повеќе се чувствува, одеднаш кај луѓето продуцира еден страв дека нешто ќе се случи и ќе биде загрозен нивниот живот, па, поаѓајќи од тоа, разбирливо е ова што изминатите денови се случуваше низ продавниците и празнењето на рафтовите со основните продукти – вели Ацевски.
Тој појаснува дека секој поединец, кога е изложен на таква пропаганда, во која постојано се нагласува некаква криза, прво нешто што размислува е како да се обезбеди себеси и своето семејство.

– Тоа значи да обезбедиш храна, елементарни работи и, кога ќе го направиш тоа, на некој начин, донекаде се смирува таа психолошка матрица што претходно предизвикала немир. За некој човек поскапувањето на лебот од пет до десет денари не е ништо, но за добра категорија на македонски граѓани тоа е голем проблем и затоа се случува трчањето по брашно, масло и другите производи – прецизира Ацевски.
Според него, дел од вината за ваквото потрошувачко стампедо низ маркетите лежи и кај оние што управуваат со државата.
– Може да се најде некакво логично објаснување за однесувањето на граѓаните, но за да не се случуваат вакви непотребни трупања на храна и други продукти, оние што раководат со државата треба да им понудат некаква сигурност, да ги убедат граѓаните дека нешто прават, да им ја направат таа евентуална кризна состојба поподнослива. Тие треба да покажат една поголема способност за менаџирање на целата ситуација и таа криза да не го погоди толку стравично народот. Мој впечаток е дека малку прават на тој план – заклучува Ацевски.
На крајот, уште додава дека никој со сигурност не може да знае до кога ќе трае сето ова, но дека задача на државата е да им обезбеди сигурност на своите граѓани.