„Ре-медика“ и Амбасадата на Словачка заедно го одбележаа Меѓународниот ден на децата

Здравје, заштита и подобра иднина за секое дете е пораката што ја пратија вработените во првата приватна општа болница „Ре-медика“ и Амбасадата на Република Словачка, на заедничкото одбележување на Меѓународниот ден на децата.
Децата се благослов и за семејството и за општеството, тие се наше огледало и наши идни судии и, како што истакна Елица Јорданова, директорка на „Ре-медика“, не попусто во Декларацијата за правата на децата стои дека човештвото им должи сè најдобро што може да им се даде.
– По иницијатива на н.е. амбасадорот Ненрик Маркуш и неговата сопруга Жанет Маркушова, а на наша огромна чест и задоволство, за првпат заеднички го одбележуваме овој прекрасен ден. Нашата посветеност ја потврдуваме и во родилиштето, на неонатологија, во Одделот за педијатрија – истакна Јорданова.
Маркушова, која симболично подели подароци за бебињата и цвеќе за мајките, посака многу здрави и насмеани деца. Таа додаде дека секое дете заслужува живот и развој во сигурно и здраво опкружување.
– Соработката со „Ре-медика“ за нас е од огромно значење, а мене ме поврзува и лично како задоволна пациентка. Токму затоа и инициравме овој важен ден да го одбележиме заедно со персоналот на болницата и заедно да упатиме гласна порака дека нема ништо повредно од децата – рече Маркушова.
Проф. д-р Андреја Арсовски, медицински директор на „Ре-медика“, изрази задоволство поради заедничкото одбележување на овој ден.
– Грижата и негата за децата се наш императив – рече проф. д-р Арсовски.