Австралија, во стартот, направи недозволива „грешка во процедуралните чекори“, што ќе ѝ наштети не само на австралиската политика за справување со пандемијата туку и на нејзиниот углед како држава. Во целата ситуација, всушност, како есенција се издвојуваат почитувањето на универзалниот принцип на владеењето на правото и почитувањето на законските процедури, без чие практикување не може да стане збор за правна држава и демократија. Токму поради тоа меѓународните и австралиските правни експерти го доведоа тоа во прашање за Австралија, аргументирано објаснувајќи дека функционирањето на правната држава на далечниот континент падна на испитот

Случај „Ѓоковиќ“: Падна ли Австралија на испитот по владеење на правото?

Многу поделени емоции, симпатии и антипатии, национализам во сите бои и лични убедувања во однос на потребата од вакцинацијата и од примената на други антикорона-мерки, а со малку точни информации за постапката што му претходела на драматичниот „меч“ што деновиве се одигрува помеѓу австралиските власти и најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ при неговиот обид на учествува на Австралија опен во Мелбурн.
Меѓутоа, она што во целата ситуација се издвојува како есенција е всушност почитувањето на универзалниот принцип на владеење на правото и почитување на законските процедури, без чие практикување не може да стане збор за правна држава и демократија. Токму поради тоа меѓународните и австралиските правни експерти го доведоа тоа во прашање за Австралија, аргументирано објаснувајќи дека функционирањето на правната држава на далечниот континент падна на испит. Со тоа, јавно го поставија и прашањето дали граѓаните на Австралија сѐ уште сметаат дека живеат во демократија.

Како се анализира случајот во домашната експертска јавност

И додека во јавноста со ретко видена заинтересираност се пребројуваа и коментираа „ударите“ во Мелбурн, скопскиот адвокат Александар Тортевски на својот твитер-профил напиша: „Она што тешко можете да разберете, дека почитување на процедурата е основа на правната држава. Ако сте предвиделе процедура за влегување во државата, мора да го пуштите секој кој ја испочитувал. Ако не ви се допаѓа тоа, ќе мора да ги смените законот и процедурата“.
– Да, тоа е она што, меѓу другото, произлезе од целата ситуација. Но морам да кажам дека во мојот претходен твит напишав оти уште првиот ден, јас лично, ќе ѝ честитав на Австралија доколку го одбиеше Ѓоковиќ за визата зашто е антиваксер. Вака, со издавањето на визата, и тоа на две нивоа, врз основа на медицински исклучок, а потоа и со поништувањето на одлуката од страна на австралискиот премиер, веројатно под притисок на тамошната јавност, која веќе предолго време е во строг карантин, е направена огромна грешка и тоа не можеше да помине преку судот. Иако, од другата страна, австралиските власти лесно можат да докажат оти тој се однесувал неодговорно, што, се разбира, би било сосема друга постапка. Во случајов, грешката дефинитивно е кај австралиската администрација и тоа ќе ја чини најмалку половина милион долари отштета плус трошоци. Позитивно во сето тоа е што Ѓоковиќ, со своето однесување, го сврте вниманието на јавноста кон секојдневните слични прекршувања на правата на обичните граѓани насекаде низ светот, но тие немаат ниту пари, ниту правни тимови, ниту публицитет за да се заштитат – објаснува Тортевски.
Потенцирајќи дека Австралија, во стартот, направила недозволива грешка во чекори, Тортевски прогнозира дека Ѓоковиќ ќе излезе како победник од оваа ситуација, што ќе ѝ наштети не само на австралиската политика за справување со пандемијата туку и на нејзиниот углед како држава.

Секоја држава има право на такво однесување, но затоа постои судот како независна власт

Слични согледувања се присутни и во австралиската јавност. Еден од пратениците во тамошниот сојузен парламент, Крејг Кели, според објавите во медиумите, му се извинил на Ѓоковиќ во името на Австралија и на австралискиот народ. Кели директно ги посочи премиерите на сојузната држава Викторија, Ден Ендрјус, и на федералната влада, Скот Морисон, како најодговорни што Австралија е посрамена.
– Му се извинувам на Ѓоковиќ за односот кон него од страна на владите на Викторија и на Австралија, кои ги повикувам да му се извинат на најдобриот тенисер во светот. Тоа што се случи е срам за нашата земја и нација. Тоа е чиста локална политика и вина на премиерот на Викторија, Ендрјус, и премиерот на Австралија, Морисон – кажал Кели во своето обраќање.
Но некои согледувања покажуваат дека на целата ситуација може и поинаку да се гледа, како на победата на правото над механизмот на силата и на принудата на една држава.
– Секоја држава има право на такво однесување, но затоа постои суд што е над тоа, кој покажа дека не е битно од каде доаѓате, каков е медиумскиот притисок, дека не се суди преку Твитер или вибер-групи, туку дека судот е тој што суди – објасни српскиот адвокат Блажо Недиќ, инаку експерт за имиграциско право, нагласувајќи дека случајот на Ѓоковиќ би можел во иднина да биде цитиран како преседан или да стане пример за други случаи.
Во јавноста веќе се шпекулира дека, меѓу првите, би можела да го искористи чешката тенисерка Рената Ворачова, која поради слични причини, но со многу помало медиумско внимание, пред некој ден беше изолирана во истиот хотел со Новак Ѓоковиќ, а потоа и депортирана од Австралија. Д.М.М.


Извршната власт во Австралија, и покрај сѐ, не отстапува

Австралиските власти открија нови „докази“ со кои ќе се обидат да ја оспорат визата на Ѓоковиќ, односно правото да влезе и престојува во Австралија, а со тоа и да игра на турнирот во Мелбурн. Имено, како спорен момент се наведува неговата изјава дека не патувал и дека нема да го стори тоа две недели пред неговиот лет за Австралија. Во изјавата пополнета од агентот на Ѓоковиќ се гледа дека тој бил во Белград на католички Божиќ пред да полета за Австралија од Шпанија, на 4 јануари. Од друга страна, во неговата австралиска патничка декларација, поднесена на 1 јануари, Ѓоковиќ изјави „не“ на прашањето: „Дали сте патувале или ќе патувате 14 дена пред вашиот лет за Австралија?“. Кон декларацијата е прикажано предупредување дека давањето лажни или погрешни информации е „сериозен прекршок“, исто така казниво со граѓански казни.
На тој начин, Ѓоковиќ сега е препуштен на (не)милоста на австралискиот министер за имиграција Алекс Хок, поради неговата лична моќ повторно да ја укине визата и да го депортира тенисерот. За да ја поништи визата, Хок треба да биде уверен во основата за откажување, како што е закана за јавната безбедност. Ако се случи тоа, може да значи дека на Ѓоковиќ му е забранет влез во Австралија на три години, иако периодите на забрана се прават од случај до случај. Се разбира, тоа би можело да донесе нова истрага во случајот „Ѓоковиќ“, но и веројатно никакви шанси тој да заигра во Мелбурн, без оглед каква правна разврска ќе се случи, поради скусените рокови до почетокот на турнирот.


Јавноста, по обичај, поделена: Емоциите над разумот и над принципот на легалитет

Додека Ѓоковиќ престојуваше во карантинот во Мелбурн, на социјалните мрежи се појавија и реакции на неговата ситуација од страна на голем број јавни личности од регионот. Тие, условно, би можеле да се поделат на оние што отворено го поддржаа Ѓоковиќ и на оние што ги осудија неговите постапки.

ЗА:

– Александар Вучиќ, претседател на Србија: Секому му е јасно за што станува збор, јас немам влакна на јазикот и не се плашам да ја кажам вистината. Мојата работа е да ја зборувам вистината и да ги штитам граѓаните на Србија.

– Порфирије, патријарх на СПЦ : За тебе, како и ти за нас, се молат милиони православни Срби. Мир Божји – Христос се роди!

– Миљенко Јерговиќ, книжевник и новинар: Сето тоа во човекот буди сомнеж дека проблемот, сепак, не е во тоа дали Новак е вакциниран и дали за своето невакцинирање има адекватна медицинска документација или проблемот е во расизмот и шовинизмот на олошот од крајот на светот.

– Виктор Троицки, селектор на тениската репрезентација на Србија: Сѐ изгледа како да се во прашање некакви политички игри, нешто што нема никаква врска со спортот. Чисто малтретирање.

ПРОТИВ:

– Борис Јокиќ, научник: Ако бил вистинскиот првак, ќе сервирал силно и принципиелно ќе порачал дека не оди на турнири на кои за да се учествува мора да се биде вакциниран.

– Жарко Кораќ, психолог и српски политичар: Таткото Срѓан Ѓоковиќ зборува како неговиот син да е нов Исус. Во старите времиња, тоа би било бласфемија, а и во принцип споредувањето на неговиот син со Исус е скандалозно. Зборуваше и дека синот му е симбол на борбата против обесправениот свет, што добива и гротескни размери.

– Анте Томиќ, книжевник и новинар: Оваа нога во задникот, Ѓоковиќ чесно си ја заслужи.

– Ненад Чанак, политичар од Србија: Ужасен третман кон Србинот! Не е тоа ужасен третман затоа што е Србин, туку затоа што магарето не е вакцинирано.