Меѓународниот ден на трудот, Први мај, оваа година се одбележува во услови на длабока економска и енергетска криза, проследена од пандемијата, воениот конфликт во Украина, како и бранот работнички штрајкови за повисока плата во низа сектори и стопански гранки. За првпат по речиси три децении, 1 Мај го дочекуваме и во услови на растечка инфлација, која врши сериозен притисок врз стандардот на работниците, но и врз стопанството

Меѓународниот ден на трудот, Први мај, оваа година се одбележува во услови на економска криза, проследена од пандемијата и воениот конфликт помеѓу Русија и Украина. Економската криза еднакво атакува и врз стопанството и врз работниците и ги разбуди синдикатите, кои штрајкуваа и протестираа барајќи поголеми плати и услови за работа.
– Овој 1 Мај, првпат по речиси три децении, го дочекуваме во услови на растечка инфлација. Таа врши сериозен удар врз стандардот на работниците, намалувајќи го реалниот износ на нивните плати. Соочени со таква ситуација, нашите работници, иако познати по избегнувањето на борбата за своите права, почнаа да го креваат гласот. Дали тие ќе бидат оние што ќе ја платат сметката на инфлацијата, ќе зависи од нивната сопствена борбеност и здруженост – објаснува Здравко Савески, економски аналитичар.
Инаку, како што вели тој, инфлација не е состојба каде што може да се најде вин-вин решение, бидејќи таа нужно навлегува во воспоставената распределба на приходите, додавајќи дека сметката ќе ја платат или работниците или капиталот.
– Еден од начините како може да одигра капиталот е преку намалување на бројот на работниците и префрлање на работните задачи врз преостанатите работници. Но за да не дојде до ова, работниците треба да ги збијат редовите, да покажат меѓусебна солидарност и да не дозволат на ваков начин тие да бидат на удар на инфлацијата – смета Савески.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, во услови на криза, работничките права се на удар, но најмногу страда бројот на работни места, додека правата од работниот однос постојано се подобруваат.

– Очигледно е дека промените на пазарот на трудот и намалувањето на понудата на работна сила влијаеја позитивно на зголемување на работничките права. Синдикатите постојано реагираат, но мораат да ја имаат предвид и „големата слика“, а тоа е што произведуваме и колку заработуваме по работник. Нашата продуктивност е сѐ уште многу ниска и не овозможува исплата на повисоки плати. Се разбира, за тоа не се виновни работниците. Државата треба да овозможи услови, а бизнисот да ја промени стопанската структура и да вложи во нова технологија и опрема – појаснува Димитров.
Тој додава дека во Македонија немаме јасна претстава за флексигурноста, која како парадигма е прифатена во Европа. Таа од една до друга влада се менувала како резултат на тековните политички потреби, а не како резултат на изградена долгорочна стратегија.
– Сѐ уште сигурноста на работните места ја гледаме преку силна законска процедура и притисок врз бизнисот, а не како гаранција за брза преквалификација и вработување. Државата со огромниот број измени на Законот за работни односи постојано ги зголемува работничките права, но понекогаш тоа е надвор од пазарните законитости. Така се случи со минималната плата, која ја поставивме многу високо во однос на просечната, а сега имаме проблем со покачување на повисоките плати од минималната – укажува Димитров.

Тој споменува дека наоѓањето вистински баланс помеѓу поголемата флексибилност, која ќе ги охрабри бизнисмените да отвораат нови работни места и ќе ги направи конкурентни на светските пазари, и сигурноста на работниците дека брзо ќе им се овозможи ново вработување преку преквалификација и обуки е вистинскиот пат кон кој е потребно да се движиме.
– Притоа не треба да се заборави и социјалната сигурност на ранливите групи од населението, кои не можат да се доквалификуваат или не се способни да најдат вработување на пазарот на работна сила – нагласува Димитров.