Министерката за одбрана Славјанка Петровска во изминатите два дена во Брисел за првпат учествуваше на министерски состанок за одбрана на НАТО, што беше во најголем дел посветен на тензиите со Русија и безбедносните ризици за Европа. Таа во интервју за МИА повтори дека заедничката порака во НАТО е порака на деескалација и дека од Москва се очекуваат конкретни сигнали во таа насока. И покрај безбедносните тензии на континентот, Петровска уверува дека нема простор за страв и дека Македонија е безбедна.

– Она што е многу важно во вакви ситуации кога интересот, се разбира, е многу оправдан за случувањата во и околу Украина, многу е битно политичките пораки кога ќе бидат испратени да бидат пораки на смирување пред сѐ, но исто така и пораки кои ќе упатуваат на деескалација на состојбите. Тоа е клучната и прва порака околу која практично сите се обединивме и се согласивме дека тоа е многу потребно. Се разбира дека НАТО како политичко-воен сојуз, освен пораките на одвраќање и одбрана на сопствената територија, мора да ги испрати овие пораки за да се даде шанса, односно се оди кон дипломатско решавање на кризата. И во таа насока генерално се одвиваа и дискусиите на состанокот и се разбира и финалната порака ја пративме во таа насока – вели Петровска.

Таа нагласи дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна.

– Безбедносната состојба во Република Северна Македонија е стабилна и тоа е нешто што го потврдуваат институциите што се задолжени за внатрешната безбедност. Се разбира дека сите надворешни влијанија, без оглед дали станува збор за руско-украинската или други влијанија генерално во светот, службите во рамките на своите надлежности ги следат. Впрочем раното предупредување е дел од нивните задачи во координација со сите служби и сите институции кои се задолжени за безбедноста на државата се носат соодветни одлуки. Во овој момент она што е став е дека нема потреба од загриженост и дека состојбата е стабилна и безбедна – посочи министерката.

Петровска зборуваше и за целите за АРМ, односно за нејзината модернизација и за зголемувањето на стапката на буџетот за одбрана.

– Целта е до 2024 да имаме два проценти од бруто домашниот производ средства одвоени за буџетот на одбраната, но многу е важно да знаат граѓаните дека тоа се средства кои се одвојуваат за нашата одбрана. Тоа значи дека со тие средства ќе се продолжи континураниот процес на модернизација и управување на македонската армија, вклучително и вложување во развојот на човечките ресурси. Целта е кога сме веќе членка на НАТО, да имаме армија којашто ќе може да се справува со предизвиците кои и претстојат на оваа Алијанса. Изминатиот период, тој процент на зголемување на буџетот навистина растеше и таа стапка на растење ќе продолжи и во иднина. Консекутивното зголемување на буџетот доведе до тоа оваа година да имаме 1,77 проценти од БДП кој е одвоен за буџет за армијата и повторно ќе кажам тоа се средства кои преку разни проекти и набавки ги инвестираме во одбраната – наведе Петровска.