Македонскиот претседател Стево Пендаровски, по вчерашниот состанок на Советот за национална безбедност, на кој единствена точка на дневен ред беше модифицираниот француски предлог, изјави дека новата понуда од Париз за него е прифатлива.
– Во моментов имаме високи политички тензии во земјава и не верувам во перцепцијата што се создава во јавноста дека ова е судбинска дилема да се биде или не и дека наводно деновиве треба да донесеме одлука што ќе ја дефинира иднината на нашите генерации. Одлуката да го прифатиме францускиот предлог нема да биде ниту триумф, ниту дебакл. За мене тој е прифатлив. Да појаснам, станува збор за транзициски компромис во една од фазите за евроинтегрирање на земјава. Со прифаќањето на овој предлог, ја креваме бугарската блокада и дозволуваме формално отворање на преговорите. Баш со ништо францускиот предлог не го поткопува македонскиот идентитет, во предлогот има чиста формулација на македонскиот јазик без фуснота – рече Пендаровски.
Според него, транзицискиот компромис ја решава актуелната блокада, но има предвидено нова блокада, која ќе биде наша домашна.
– Парадокс е дека во земјава никој нема против влезот на Бугарите во Уставот, но внатрешната поларизација го оневозможува консензусот. Во овој дел не сме можеле повеќе да постигнеме. Не тврдам дека во преговорите не можело да се добие нешто поквалитетно, но тоа би биле детали, не суштина – истакна Пендаровски.

Василев: Ние ја завршивме работата со македонското прашање

Новиот бугарски мандатар Асен Василев изјави дека со прифаќањето на францускиот предлог Бугарија си ја завршила работата со македонското прашање. Според него, успех е што некои од политичарите во земјава го сметаат предлогот за пробугарски и што истиот тој создава проблеми во Македонија, а не во Бугарија.
– Ние си ја завршивме работата и мислам дека колегите од Македонија поради една или друга причина сметаат дека овој предлог е пробугарски. Да бидеме задоволни со тоа што овој пробугарски предлог им создава проблем на соседите, а не нам – истакна Василев.
Од своја страна, лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, кој е дел од владината коалиција, оцени дека во францускиот предлог нема никакви промени од неговата првична верзија, притоа додавајќи дека македонските власти велат дека предлогот е модифициран и подобар за да го убедат општеството во Македонија да го прифати.
– Во моментов политичката елита во Скопје се обидува да ја промени реториката во однос на решението користејќи, според мене, некакви несуштествени промени, како аргумент за да го убеди македонското општество дека треба да го прифати тоа, и тоа е добро. Од тука, па понатаму претстојат десет долги години, може и да се повеќе, во кои Македонија ќе преговара со Европската Унија. Ние во целиот тој процес ќе ја зачуваме нашата можност да користиме различен степен на притисок, вклучувајќи ја и поддршката на Европската комисија на Советот на ЕУ, за нашите интереси – порача Иванов.