Фото: Нова Македонија / Архива

Забрзувањето на протокот на стоки и патници се посочуваше како една од првите „придобивки“ на иницијативата „Отворен Балкан“, во која засега се вклучени Македонија, Албанија и Србија. За таа намена, на граничниот премин Табановце беше означена и посебна таканаречена зелена лента. Но сликата што може да се види деновиве на граничните премини е сосема поинаква. Долги колони возила што чекаат со часови, двојни процедури, некоординација и нервоза се само дел од она што може да се забележи таму

ПРОТОКОТ НА ЛУЃЕ И СТОКИ ЗАГЛАВЕН ВО БИРОКРАТСКИТЕ ЛАВИРИНТИ

Колоните возила што чекаат за влез во Македонија повторно се вратија на граничниот премин Табановце, еден месец откако беше промовирана и отворена зелената лента за превозниците и патниците од земјите од „Отворен Балкан“. Изминатите денови нашите сограѓани што се враќаат од одмор во земјата и српските туристи на пропатување низ нашата земја за Грција се жалеа на преголемото време на чекање поминато во долгите колони возила, кои чекаат да бидат завршени царинските формалности. Со слични проблеми се и камионските превозници, кои се жалат на низа технички проблеми со кои се соочуваат на преминот Табановце, но и на нефункционирањето на брзата лента за транспортните компании од земјите, што беше предвидено во согласност со иницијативата „Отворен Балкан“.
Забрзувањето на протокот на стоки и патници е една од првите „придобивки“ за која се залагаа(т) и лидерите од Македонија, Албанија и од Србија, трите земји од регионот, кои засега влегуваат во „Отворен Балкан“. За таа намена, на граничниот премин Табановце беше означена и посебна коловозна лента. Меѓутоа, од здружението на транспортни превозници „Макам-транс“ нагласуваат дека македонските камионџии не се задоволни од брзината на преминување на овој граничен премин, иако претходно беше најавена единствена царинска процедура на српските и на македонските служби, со што чекањето пред граничната рампа ќе биде сведено на минимум.

– Превозниците не се задоволни оти немаме брзина во преминувањето на границата. Сега она што се презема на Табановце, пак, е дуплирање на обврските, прегледот се врши и од едната и од другата страна без разлика што се заедно на граничниот премин. Кога би се вовел систем на информирање и размена на податоци, на пример кога стоката што влегува од Македонија во Србија, тогаш прегледот да биде само на српската страна и обратно. На тој начин ќе се добие во време, во проток – вели Билјана Муратовска, правна застапничка на „Макам-транс“.
Од здружението реагираат и на одлуката за забрана за преминување на границата за транспортните возила за време на викендите. На овој начин, колоните што се прават во деновите за викендот, го отежнуваат преносот на расиплива стока.
– Како држава сè уште не сме подготвени. Немаме посебни паркинг-плацеви на кои возилата ќе може да застанат поради горештините и поради викендот, каде што возачите ќе може и да се разладат и да чекаат. Треба да се направат целосни системски промени што ќе значат навистина побрз проток на возилата и стоките – вели Муратовска.
На граничниот премин Табановце функционираат пет ленти за патнички, две за товарни возила и една за автобуси, а се планира да профункционираат уште две ленти. Од Царинската управа велат дека минатиот месец границата ја поминале 133 илјади патнички возила, а дневно ја поминуваат од 700 до 800 камиони и дека се бараат алтернативни решенија за уште побрз проток. Министрите за транспорт на Македонија и на Србија пред неколку дена изјавија дека „Отворен Балкан“ дава добри резултати и дека чекањето на границата се намалило за разлика од порано. Но во реалноста сликата е сосема поинаква, за што потврда се и долгите колони возила на граничните премини.
Од Стопанската комора на Македонија, со цел практично согледување на ефектите од одредени мерки што беа преземени во рамките на оваа иницијатива, како и функционирањето на зелената лента за превозниците од „Отворен Балкан“ почнувајќи од 1 јули заклучно со 31 август 2022 година, ќе го реализираат проектот „Следење на протокот на стоки на граничниот премин“. Вработени лица во Стопанската комора секој работен ќе бидат присутни на граничниот премин, со соодветни обележја од комората, на кои ќе може да им се пристапи и да им се споделат искуствата од спроведувањето на надворешнотрговските процедури што се применуваат при извозно-увозните активности.
Од досегашниот мониторинг, од први јули до 15 јули, биле констатирани неколку инфраструктурни проблеми на преминот, како што се прекини на струја, а на преминот на колоната за камиони нема место за одвојување на празните од полните возила. Претходно од комората соопштија дека просечно во еден ден чекаат околу 40 камиони на граничниот премин. За товарните возила функционира само една лента, додека во летниот период лентата за „Отворен Балкан“ служи и за пропуштање патнички возила.
Додека превозниците наоѓаат на конкретни проблеми на теренот, претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, вчера изјави дека членовите на иницијативата „Отворен Балкан“ во Тирана се согласиле дека нема да има забрана за движење на основните прехранбени производи меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија.

– Склучивме договор, кој сега се подготвува и ќе биде потпишан во Белград на следниот самит, веќе во септември, дека во рамките на „Отворен Балкан“ нема да има забрани за циркулација на брашно, шеќер и основни прехранбени производи, што ќе ги мапира капацитетите за складирање и производство во сите три земји, со цел да ја дефинираме подготвеноста за слободен проток на стоки – изјави Чадеж на РТС.
Во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, неделава во Тирана се одржаа состаноци за детална имплементација на постигнатите договори во рамките на иницијативата. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој ја предводи македонската делегација во Тирана, посочи дека со оваа регионална иницијатива трите земји полесно го надминуваат недостигот од храна и струја и ризиците од пожари, а работат и на отстранување на границите.
Од Министерството за економија за новите проблеми околу преминот Табановце, вчера ни изјавија дека не се надлежни за овие прашања и нѐ препратија кај вицепремиерот за економски прашања Битиќи. М.Ј.