Фото: МИА

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, за време на посетата на САД, во име на Владата на Македонија, го потпиша Договорот за правната положба на Организацијата на Северноатлантскиот договор, националните претставници и меѓународниот персонал, усвоен во Отава на 20 септември 1951 година, познат како Договор од Отава, соопшти МНР.

Договорот од Отава, чиј депозитар е Владата на САД, претставува правна рамка неопходна за функционирање на Организацијата на Северноатлантскиот договор и за извршување на службените задачи и обврски на националните претставници на државите членки на НАТО и на меѓународниот персонал во организацијата.

Со овој Договор се регулира внатрешно-правната положба, привилегиите и имунитетите на организацијата, статусот и привилегиите и имунитетите на националните претставници од државите членки на НАТО и на меѓународниот персонал во НАТО.