Шефот на дипломатијата Бујар Османи синоќа изјави дека сѐ уште немаме постигнато формален договор со Бугарија, ниту пишан, ниту усмен.

– За секој проблем постојат решенија и токму за тие дискутираме. Но, некои од решенијата не ја добиле потребната потврда, затоа моментално немаме никаков договор со Бугарија, ниту потпишан ниту усмен. Но, мислам дека има сè уште надеж, има политичка клима за ова да се случи, доста работевме на ова и мислам дека во добар правец. Сите политички фактори во земјава сме на истата страна. На пример вчеравечер до рано изутрината преговаравме и разговаравме со бугарската страна и за тоа ги информирав и премиерот и претседателот на државата, сте сме на иста линија – изјави Османи.

Тој, во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 се осврна и на неодамнешната шега на албанскиот премиер Еди Рама, дадена на самитот на ПСЈИЕ во Солун викендов, претставувајќи го премиерот Димитар Ковачевски, како премиер на „идна Западна Бугарија“.

– Премиерот Рама беше многу остар кон бугарската делегација во Солун, до толку што и тие се вознемирија, посебно кон прашањето за Македонија велејќи дека ова што го прави Бугарија е голем срам – коментираше министерот Османи.

Според Османи, пред да ја каже таа шега, Рама жестоко ја бранел земјава.

– Секако дека и Албанија е жртва на ова, но ви кажувам дека Рама беше отворен во неговите критики, фактички тој кажуваше нешто што ние не можеме поради одржување на процесот жив. Рама не е должен толку силно да ги поддржува нашите ставови, а тоа сите што беа таму го видоа, затоа мислам дека оваа критика кон него е бесмислена и некоректна. Секој кој ја следел неколку часовната дебата внатре ќе знае која беше целта на тој сарказам. Јас можам во името на Владата само да се заблагодарам за силната поддршка која таму ни ја даде премиерот Рама – вели Османи.

Османи се осврна и на овогодинешниот Преспа форум за дијалог, што ќе се одржи в четврток и петок во Охрид, истакнувајќи дека минатата година посебното признание беше доделено на медијаторот Метју Нимиц, а годинава, како што информира, тоа ќе му припадне на украинскиот народ за нивната жртва и нивната борба против руската агресија.

Коментирајќи за иницијативата „Отворен Балкан“, Османи оцени дека на среден и долг рок ќе добијат сите.

– Многу анализи се направени за тоа што можеме да добиеме во секоја од фазите за имплементација од оваа иницијатива, меѓу нив и анализа од Љубљанскиот универзитет и дојдено е до заклучок дека на среден и долг рок сите ќе добијат од оваа иницијатива. Нормално дека на почеток може поголемите, но на долг рок сите, кој впрочем може да изгуби од зголемен економски раст – оцени министерот.