Шефот на дипломатијата очекува утре да се види со Генчовска

Неприфатливо е прашањата кои што се однесуваат на Историската комисија да влезат во преговарачката рамка на земјава за членство во ЕУ, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи при гостувањето во „Само интервју“ на телевизија Канал 5, најавувајќи дека очекува утре да се види со неговата на бугарска колешка Теодора Генчовска.

Османи оцени дека разговорите кои ги водеа со Генчовска изминатиот викенд во Скопје биле добри и конструктивни.

– Се договоривме за начинот на имплементација на договорот со Бугарија, без да навлегуваме во содржината – рече Османи.

Шефот на дипломатијата додаде оти „комуницирале во детали“, разговарале за сите прашања, односно за четирите прашања во пакетот и оцени оти имале напредок и разбирање.

– Имавме разлики по одредени прашања, одлучивме да се вратиме во своите централи за дополнителни координации – информира Османи.

Османи посочи и оти тие не ја дефинираат содржината на решенијата, туку формата на решението.

– Ние во тоа што го договоривме во саботата беше како се имплементираат одлуките откако Комисијата ќе донесе одредена одлука – рече Османи.

Тој информира оти е договорен еден параграф двете земји да утврдат институција која ќе го следи говорот на омраза и иако инсистирал точно да се утврди таа институција, сепак било усогласено тоа да го прават двете министерства за надворешни работи.

– Има билатерален протокол кој што ги решава прашањата од типот на говор на омраза, пристап до архиви, работата на Историската комисија и имате прашања од пакетот на преговарачката рамка – посочи Османи.

Коментирајќи ја вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков дека имало предлог првата меѓувладина конференција да се одржи откако ќе бидат впишани Бугарите во нашиот Уставот, Османи рече дека бугарскиот премиер бил коректен кога рекол „но, нема договор за тоа“, бидејќи, како што нагласи, тоа е неприфатливо за земјава.

– За нас обратно треба да биде секвенционирањето на чекорите. Ние немаме дилеми дека тоа треба да се заврши, но во однос на чекорите е обратен процес. Ние сметаме дека преговарачката рамка треба да биде заедно во пакет со правата меѓувладина конференција, а потоа да влеземе во процес на уставни измени – потенцира Османи.

Бугарија, според шефот на дипломатијата, го има правото да го блокира процесот за какви било аргументи.

– Така што важно е ние да се договориме што ќе има во преговарачката рамка како предуслови во процесот и да се деблокираат преговорите – заклучи Османи.

Прашан во однос на изјавата на Петков дека ветото ќе се тргне кога ЕУ ќе ги гарантира трите услови што ги бара Бугарија, Османи истакна дека денешните и вчерашните ставови од Софија не би ги зел како референтни, оти тоа, како што посочи, во оваа земја има „претешка политичка динамика“.

Османи истакна дека не би коментирал, со цел „да не одмогне во последните денови пред Самитот на европските лидери“.

– Не очекував дека ќе дојде ваква ситуација во бугарската Влада. Јас имав и други извори на информации, дека работите не се така лесни. За нас, тие динамики во Бугарија не се важни во смисла на наше вмешување. Јас сум година и пол министер, ако има нов министер, ќе биде четвртиот министер со кого ќе разговарам. Сепак, тоа не придонесува во одржување на динамиката, ќе треба се од почеток – рече Османи, додавајќи оти оставката на Генчовска е отежнувачка околност.

Според него, треба да се продолжи со обидите и да се искористи овој период до самитот на ЕУ.

– Тие ќе си одлучат за нов министер. Не можам да предвидам од денеска. Очекувам утре да биде појасно кои ќе бидат наредните чекори. Утре ќе воспоставам комуникација за да видиме како понатаму во овие денови – додаде Османи.


Ќе има избори во мај 2024 година, заедно со претседателските

Избори ќе има во мај 2024 година заедно со претседателските и тоа е конечно, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во „Само интервју“ на телевизија Канал 5, Османи нагласи дека нема да има избори во наредниот период заради тоа што, како што рече, процениле оти тоа не е во интерес на граѓаните и државата.

– Така што тоа треба да го тргнеме од маса и како можност за разговори – рече Османи, додавајќи дека сега фокусот треба да се стави на тоа како да се менаџира кризата.

Земјата, вели Османи, се наоѓа во економска криза и затоа, според него, треба да изнајде начин со опозицијата да има базичен договор за справување со кризата.

– Проблемот во овој пристап е што политичките кариери се најважни во утврдување на политичките чекори на партиите – рече Османи.


Предноста на иницијативата „Отворен Балкан“ е нејзината балканска автохтоност

Предноста на иницијатива „Отворен Балкан“ е нејзината автохтоност, односно фактот што сопствеништвото е на самите земји од регионот, за разлика од Берлинскиот процес, кој има поголеми предности, има многу повеќе пари, извршно тело и сите земји се таму, но сопственоста не е на регионот, истакна вечерва министерот за надворешни работи во неговото гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

– Во Берлинскиот процес се вклопија овие четирите слободи со цел да се интегрираат во едно, но очигледно се сметаше дека е важно да се има еден таков степен на зрелост во којшто регионот сам ќе се организира за одредени прашања, земјите ќе навикнат на потребата сами да ги направат чекорите, а не да чекаат некој да им се јави од Брисел за да се сретнат, туку ќе мора да се јават сами, ако не се јават сами не се случува настанот. Тоа е многу важна рефлексија на зрелоста на регионот – посочи понатаму Османи.

Тој додаде дека ова ќе придонесе сигурно во конкретни економски параметри и дека сериозно придонесува и за помирувањето во регионот, но и во подготовката на земјите за утрешниот голем пазар на Европската унија.

– Еден хендикеп на „Отворен Балкан“ е што нема извршно тело за имплементација, туку зависи од одредени институции коишто не се фокусирани само на ова прашање. Овој пат го превзема Секретаријатот за европски прашања и мислам дека овде ќе имаме веќе по фокусиран пристап во имплементација на тоа што ќе се договори помеѓу лидерите. Се разбира не одеднаш, но едно по едно – одговори министерот Османи на прашањето кога би имало отворени граници меѓу земјите во регионот.