Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека се направени одредени позитивни исчекори во историската комисија во однос на начинот на продолжување на активностите, истакнувајќи дека наш државен интерес е историските прашања да се зачуваат и да се разговараат во историската комисија.

– Комисијата за историски прашања одржа состанок во Софија и тоа, според информациите од членовите на Комисијата, беше конструктивен состанок во кој се направени одредени позитивни исчекори. Не можам да кажам одлуки или решенија, но позитивни исчекори по однос на начинот на продолжување на активностите понатаму што е добар сигнал дека и таму се рефлектира оваа позитивната клима што се создава меѓу двете влади – рече Османи на брифингот со новинари.

Напомена дека оваа недела и Бугарија беше во вонредна состојба поради тоа што и тие имаат многу граѓани во Украина и поради тоа што на некој начин се прва земја во тој прстен.

Сепак, како што рече, успеавме да имаме комуникација на оваа тема, да размениме одредени мислења и ќе видиме како понатаму сега овие нови ставови, нови размени кои се случија меѓу мене и министерката ќе може да продолжат понатаму како дополнителен ангажман.

Одговарајќи на новинарско прашање за предлог-декларацијата по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, која денеска е на дневен ред на 64-та седница на Собранието, министерот Османи рече дека тоа е спротивно на нашите интереси.

– Наш државен интерес е историските прашања да се зачуваат и да се разговараат во Историската комисија. Протекувањето на историската дебата од историската комисија како заштитник на нашите позиции во политичка дебата, во која политичките интереси, партиските интереси ќе одлучуваат за нашите државни позиции може да биде пресудно за нас – рече Османи.

За жал, како што рече, има политички партии кои вакви важни државни прашања не успеваат да ги тргнат од дневно-политичка агенда и тоа во услови на еден воен конфликт, во кој ние се подготвуваме за бегалци, во кој имаме наши граѓани кои се во подрумите на зградите кои се бомбардираат, ние отвораме дебата за дополнително поларизирање на нашето општество. Додаде дека секој ден учиме за нови неодговорни пристапи во политиката.