Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на вонредниот состанокот на Северноатлантскиот Совет на НАТО, на ниво на министри за надворешни работи, што се одржа во Брисел.

Состанокот беше посветен на безбедносната ситуација во Украина, при што беше упатена силна осуда за воените дејствија од страна на Русија. Во таа смисла, министрите за надворешни работи изразија цврста поддршка за политичката независност на Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, во рамки на меѓународно признатите граници.

– Денес упативме силна порака за единството на Алијансата и заедничката определба за зачувување на евроатлантската сигурност. Обединети сме во нашата осуда на руската воена агресија и пораката за неодложно запирање на воените дејствија, кои нанесуваат ненадоместлива загуба на човечки животи и имаат далекосежни последици за економија, мирот и просперитетот на целиот свет. Одлучни сме во нашата поддршка за Украина и солидарност со украинскиот народ, чија храброст и решителност за изнаоѓање мирно решение е достојно за почит – истакна Османи.

Османи, во своето обраќање информираше и за воведените санкции и рестриктивни мерки врз Русија кон кои се придружи Македонија. Воедно, ја истакна и обезбедената помош за Украина, како дополнителен израз на солидарност со украинските граѓани.

Дополнително, министерот Османи ја подвлече и важноста од забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, што е особено значајно и за регионалната стабилност. Консолидираниот пристап на НАТО и ЕУ е најдобрата алатка за надминување на безбедносните предизвици и зачувувањето на демократските процеси во нашите простори.

– Оваа криза покажа дека проширувањето на ЕУ е првенствено безбедносна политика и затоа ЕУ треба да биде проактивна во Западен Балкан, да го забрза своето проширување во интерес на нашата заедничка стабилност и да го затвори вакуумот за интервенции – заклучи Османи.