Фото: Игор Бансколиев

Дали опозицијата не сакајќи ѝ го зацврсти мандатот на Владата, потиснувајќи ги решителните административци да направат успешен социјален исчекор, со политички импакт? Имено, уличните протести, проследени со повремени инциденти (со етнички атрибут и насилен карактер), предизвикани од т.н. француски предлог за надминување на бугарската блокада на патот за евроинтегрирањето на Македонија, ги потиснаа во заднина синдикалните протести, кои тежишно имаа социјален карактер. За социјалните штрајкови првично беше најавено дека, дури и со засилен интензитет, ќе продолжат сѐ додека платите на околу 138 илјади вработени во јавниот сектор не бидат зголемени за по 2.806 денари. Но сето тоа отиде во втор план и сечилото на социјалниот притисок кон Владата драстично отапе…

Политичките протести добија примат над социјалните штрајкови

Две недели од почетокот на генералниот штрајк на јавниот сектор, кој во почетокот беше следен со големо внимание на медиумите и на претставниците на власта им создаде одреден притисок, барем одвреме-навреме, да се изјаснат за барањата на штрајкувачите, но и да се справат со минималниот ангажман на вработените во јавниот сектор, во изминативе неколку дена како да замре. Уличните протести, проследени со повремени насилства, што ги организира опозицијата откако Владата го објави таканаречениот француски предлог за надминување на бугарската блокада на патот за евроинтегрирањето на Македонија, го потиснаа длабоко во заднина синдикалниот бунт, за кој првично беше најавено дека, дури и со засилен интензитет, ќе продолжи сѐ додека платите на околу 138 илјади вработени во јавниот сектор не бидат зголемени за по 2.806 денари. Но откога ни при последниот ребаланс на буџетот не беа обезбедени пари за таа намена, а синдикалната борба исчезна од фокусот на јавноста, претседателството на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) деновиве требаше да одлучи за следните чекори.
Дали тоа значи дека долгонајавуваниот генерален штрајк, кој во јавноста предизвика спротивставени реакции, ќе биде ставен во мирување, од Синдикатот немаше одговор. Но уште поинтересно прашање што се наметна во целава ситуација е дали опозицијата, која стои зад протестите против францускиот предлог, не сакајќи на Владата ѝ направи услуга засенувајќи го штрајкот на административците со таканаречените сенародни протести. Уште повеќе затоа што ситуацијата личи на онаа со Шарената револуција за смена на власта во 2016 година, за која многумина велат дека го искористила потенцијалот на претходно организираните средношколски и студентски протести.
– Јас тоа би го ставил во пошироките рамки на нашата цврсто воспоставена состојба на трајно турбулентните процеси и на практиката помалите проблеми да ги решаваме со провоцирање поголеми или, како што вели една народна поговорка, ако не можеш да најдеш работа, остани бремена, значи создај си поголем проблем. Затоа, во сите овие 30 години на независност, ние едвај имавме период за кој би можело да се каже оти бил „здодевен“. Јасно дека тука имаше и многу објективни предизвици, но и двете доминантни политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, постојано меѓусебно си „помагаа“ да ги одржат тензиите. И ако сето тоа го гледаме така, математички, може да се дојде до сличен заклучок. Но вистинскиот одговор е во нашите насобрани проблеми, за кои двете партии, кога се опозиција нудат некакви решенија, но кога ќе ја освојат власта, гледаат само како да ги искористат привилегиите што таа им ги овозможува. Јавноста, пак, е толку изморена, што веќе и реално не може критички да ги следи – објаснува комуникологот Живко Андревски.
А од насобраните проблеми од најразличен карактер во државава, вниманието на јавноста, според упатените, но и според коментарите на социјалните мрежи, сѐ уште најмногу го пленат тие што се поврзани со националниот и верски идентитет, со меѓунационалните и меѓупартиските судири… сѐ што деновиве се случува низ скопските улици.

– Не можам да кажам дали сето тоа е случајно или не, но од моето искуство знам дека кога на луѓето ќе им понудиш теми какви што се националниот идентитет, националните непријатели и слично, тие се подготвени да ги стават во втор план и работничките права и квалитетот на образованието и на здравството. Тоа што на луѓето многу лесно може да им се одвлече внимание од егзистенцијалните проблеми значи дека како општество сѐ уште не сме созреани – констатира новинарката и бивша синдикална лидерка Тамара Чаушидис.
Во меѓувреме, од ССМ известија дека официјалните контакти со Владата се прекинати и револтирано констатираа оти за претставниците на Владата, вработените во јавниот сектор, очигледно, се граѓани од втор ред.
– Срамно е тоа што Владата смета дека вработените во министерствата што се најповикани да ги подготват и спроведат сите замисли, политиките, стратегиите на министрите и Владата не заслужуваат 2.806 денари, срамно е што Владата смета дека вработените во целиот јавен сектор не заслужуваат зголемување на платата од 2.806 денари во време кога инфлацијата вртоглаво расте, трошоците за живот се сѐ поголеми, а 80 проценти од вработените во јавниот сектор не можат да си ја дозволат ниту синдикалната минимална кошничка, која е за преживување, а не за луксуз – порачаа од ССМ.
Оттаму, сега, најавуваат други форми на притисок со кои ќе го изразат незадоволството. Д.М.М.