Фото: Маја Јаневска-Илиева

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од денеска активно ќе ја блокира работата на Собранието, откако не беше прифатено нивното барање за лидерска средба на која ќе стане збор и за предвремени избори.
– Едногласно беше прифатена одлуката што претходно ја донесе Извршниот комитет на партијата да се пристапи во Собранието со активна блокада на сите штетни закони, политики застапувани од неодговорната власт – изјави вчера Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, по состанокот на пратеничката група и Коалицијата за обнова на Македонија со лидерот Христијан Мицкоски.
Според Мицевски, одлуката за активната блокада е последица, реакција на акцијата на Владата на Ковачевски, предводена од СДСМ и ДУИ, кои не покажале чувство за државност и одбиле секаква можност за дијалог за најважните прашања во државава.
– Епилогот активна блокада следува откако Ковачевски одби дијалог за четири важни области за граѓаните, економија, здравство, образование и меѓународна политика, со акцент на блокадите од Бугарија и разговор за датум за предвремени избори. Тоа што Ковачевски од сите теми се фокусира само на предвремените избори покажува дека е свесен дека е премиер без поддршка од народот. Ќе има активна блокада за спас од ценовните шокови, за спас од сиромаштијата. Ова е процес што ќе трае и ние сме подготвени да одиме докрај, затоа што можеме и мораме да ја осигуриме иднината на нашите граѓани – рече Мицевски.

Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски и претседател на СДСМ претходно изјави дека лидерска средба за предвремени избори со уцени нема да има, нагласувајќи дека е неодговорно да се бојкотира Собранието во време на најголема економска и енергетска криза.
– Во однос на барањето на опозицијата за лидерска средба за предвремени избори, јас кажав дека тоа е неодговорно, поради тоа што да се бојкотира Собранието во време на најголема економска криза, во време на војна што се води на помалку од илјада километри оттука, во време на раст на цените на енергентите, како и раст на цените на храната и во време кога не може да се обезбеди транспорт на жито од Украина, во едни вакви услови да барате предвремени избори е неодговорно и е само од политички цели. Лидерска средба може да има, но за прашања што се стратегиски, за прашања што би значеле подобар живот за граѓаните, како и за справување со енергетската криза. Но лидерска средба врз основа на уцени и закани, бидејќи гледаме дека претседателот на опозицијата одбројува како од некој лош акциски филм, таква лидерска средба нема да има, а, како што гледате, тоа е ставот и на сите политички партии што го дадоа својот став, а тука беа и партии што беа во опозициониот блок – порача Ковачевски.