Фото: Емил Јовановиќ

Дека недозволениот риболов и разните загадувања на езерото и на неговото крајбрежје не се инцидентни појави, туку континуирани процеси, во повеќе пригоди потврдија и стручните лица, кои, меѓу другото, воочиле значајни неповолности во езерската животна динамика, што е рефлексија на подлабоки и посложени повеќеслојни општествени проблеми…

СО ДОЛГОГОДИШНИОТ НЕКОНТРОЛИРАН ИЗЛОВ НА РИБАТА, ДЕЗУРБАНИЗАЦИЈАТА И ЗАГАДУВАЊЕТО

Владата неодамна најави дека работи на воспоставување повисоко ниво на заштита на езерото. За жал, јавноста регистрира сѐ повеќе бизарни вести поврзани со негрижата за нашиот природен бесценет бисер – Охридско Езеро.
Па така, на пример, само во изминативе неколку дена, беше објавено дека во неодамнешната меѓународна еколошка акција за чистење на езерото од механички отпад, организирано од нуркачкиот центар „Амфора“ – Охрид, македонските и странските нуркачи од дното на Охридско Езеро извадиле столчиња, маси, делови од лежалки и апарати за домаќинство, доволни да се направи подводен ресторан, но и кајчиња, велосипеди, автомобилски гуми… Понатаму, веќе подолго време јавноста со фото и видеодокументација сведочи за неконтролиран комерцијален излов на рибниот фонд од езерото. Пред некој ден и охридскиот градоначалник Кирил Пецаков обзнани дека во текот на минатата година биле поднесени пријави и против туристи што рекреативно ловеле риба… Сепак, девастирањето на рибниот фонд продолжува, а ефикасни мерки за спречување – изостануваат. Еколошките здруженија регистрираат загадување на езерото од различна природа, од наноси на водотеците кај сливовите и направени хемиски анализи, до загадување со фекални води и биолошки и бактериски агенси.
Околу езерото интензивно се гради и разградува, што е уште една посебна, повеќе или помалку, позната приказна со дополнителен импакт врз тамошната флора и фауна. Она што сѐ уште е непознато е дали и како Владата планира да ја спаси езерската популација.

Долгодецениски континуитет на негрижа и неодговорност

А дека недозволениот риболов и разните загадувања на езерото и на неговото крајбрежје не се инцидентни појави, туку континуирани процеси, во повеќе пригоди потврдија и стручните лица, кои, меѓу другото, воочиле одредени неповолности во езерската динамика и тенденција на нарушување на вкупниот биодиверзитет.
Истражувањата на Хидробиолошкиот институт во Охрид, на пример, покажале дека популацијата на охридската пастрмка континуирано се намалува од почетокот на 90-тите години на минатиот век, така што податоците за периодот од септември до ноември 2021 година покажувале отсуство на повозрасни единки на пастрмката, што довело да констатацијата дека ситуацијата јасно укажува на прелов на оваа риба. Интересно е што во изминативе неколку години никој нема концесија на излов на рибата, така што прашањето е каде исчезнува рибниот фонд.
Упатените велат дека иако официјално нема дозвола за излов во езерото, неговиот најзагрозен вид, охридската пастрмка, сепак, може да се порача во рестораните низ земјава за над 2.000 денари по килограм. Објаснувањето е дека пастрмката се лови на албанската страна од езерото и потоа се препродава во Македонија, а се поткрепува со податоците, според кои, на албанската страна од 2012 година наваму се ловат од 55 до 70 тони пастрмка годишно, додека на македонска страна во истиот период ловот изнесувал помалку од еден тон годишно, или барем толку било регистрирано. Зачудувачки податоци, кога се знае дека две третини од езерото се на македонската, а само една третина на албанска територија.

Итност за доделување концесија, која подразбира највисоки критериуми и стандарди за презервирање на езерото

Делумно објаснување би можело да се бара во фактот што македонската влада, пред две години, го раскина договорот за концесија за стопански риболов во Охридско Езеро. За концесионерот „Летница Белвица“ е констатирано дека не вршел навремена и целосна физичка заштита на рибите во Охридско Езеро. Веднаш потоа беше најавено дека по завршувањето на постапката за раскинување на концесијата ќе биде објавен нов јавен повик за доделување концесија за Охридско Езеро, но досега концесионер не е избран. А не е избран ниту концесионер за рекреативен риболов.
Во меѓувреме, Одделението за салмонидна фауна, практично рибарство и аквакултура при Хидробиолошки завод – Охрид, во периодот од втори септември до 17 ноември минатата година, изврши колекционирање на примероци од охридска пастрмка и охридска белвица.
– Според сите анализирани параметри произлезени од активностите и на овој пилот-проект, популацијата на охридската пастрмка во Охридско Езеро е со многу влошена состојба и сите факти укажуваат на нејзин прелов во претходните години. Отсуството на нејзини повозрасни единки укажува дека преловот сѐ уште е присутен. Иако на македонскиот дел од езерото официјално таа не се лови, риболовот на албанскиот дел од езерото главно е фокусиран на пастрмката. Имајќи предвид дека порибувањето со подмладок од охридска пастрмка на македонска страна не се изведува во последните три години, а и во наредната 2022 година исто така, популацијата на пастрмката станува уште позагрозена. Утврдените промени во исхраната на пастрмката укажуваат дека постојат големи промени во условите на живот во езерото, кои своевидно влијаат и доведуваат до промена на претходните установени живеалишта во езерото. Плашицата како главен конкурент на пастрмката по однос на исхраната со зоопланктон, во последнава деценија многу слабо се лови и истата таа не се групира во поранешните природни 13 зимовалишта по должината на брегот на езерото, туку е распространета по езерската шир со оглед дека популацијата на пастрмката како нејзин природен предатор е драстично редуцирана. Тоа доведува до нарушување на претходно воспоставената динамичка рамнотежа, која е утврдена врз основа на поранешни истражувања – се вели во извештајот, кој беше објавен кон крајот на минатата година.

Сериозни неусогласености меѓу Македонија и Албанија, на штета на езерото

Уште еден фактор што влијае врз деградацијата на пастрмката и белвицата е неусогласеноста на редица мерки по однос на заштитата и управувањето со рибите од Охридско Езеро помеѓу Албанија и Македонија.
– Минималната дозволена должина за лов на охридската пастрмка изнесува 35 сантиметри, додека во Албанија е 30 сантиметри. Кај популацијата на белвицата, исто така, е евидентирана доминација на помладите единки, кои се на прагот на достигнување полова зрелост, и тоа токму во ловините со мрежи со димензии на окцата од 24 милиметри, кои од друга страна во валидната риболовна основа за Охридско Езеро се означени како најмала дозволена димензија на окца за лов на белвица. За разлика од Албанија, каде што минималната дозволена должина за лов на белвица е 25 сантиметри, таа кај нас изнесува 22 сантиметри. Иако на нашиот дел од езерото не се реализира стопански риболов, сепак во голем број угостителски објекти се нудат риби од езерото, вклучувајќи ги пастрмката и белвицата, што исто така е заканувачки фактор за популациите на двете риби – се додава во заклучокот од истражувањето.
Но ни тоа не ги поттикна надлежните да го регулираат изловот во Охридско Езеро, поради што и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, пред некој ден, со право инсистираше од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да распише јавен повик за доделување концесија на рибарите за организирање рекреативен риболов во Охридско Езеро.
– Незамисливо е најголемото езеро во Македонија и најпосетуваниот град да изостанат од повикот за доделување концесија за организирање рекреативен риболов. Што треба да им се каже на туристите, кои доаѓаат на лето, а се рекреативни риболовци, дека на најголемото езеро во Македонија, Охридско Езеро, не можат рекреативно да ловат риба – изјави тогаш Пецаков.
За потсетување, пред околу две години беше објавено дека Македонија и Албанија потпишале спогодба за заедничко одржливо управување со риболовот во Охридско и во Преспанско Езеро. Требаше да биде направено ново билатерално тело – Заеднички комитет за риболов во двете езера, кое требаше да изготви препораки за усогласување на регулативите за риболов во двете држави.
Заедничкиот комитет за рибарство меѓу Македонија и Албанија одржал една средба, на која биле разменети националните закони за рибарство и други информации, а втора средба требало да биде одржана на крајот на годината кога експертите ќе предложат мерки и ќе дадат препораки за идна соработка.
Во исчекување на координацијата, владиниот план за заштита на рибниот фонд и на евентуалното објавување нови повици за доделување концесии, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство побаравме одговори на прашањата дали и кога ќе биде објавен оглас за доделување концесии за стопански и за рекреативен риболов во езерото, кои се причините што досега не е направено тоа, какви се сознанијата за моменталната состојба на рибниот фонд, како и евентуални планови за неговото зачувување.

Министерството утврди нерегуларности во работењето за заштита на езерото, но најавува драстични и ефикасни мерки

– Поради утврдени нерегуларности во работењето, неспроведување навремена и целосна физичка заштита на рибите од риболовното подрачје Охридско Езеро, што е спротивно на Договорот за концесија, Владата во 2020 година донесе одлука за раскинување на Договорот за концесија на рибите за вршење стопански риболов, на тогашниот концесионер „Летница-Белвица“. Од таму произлезе потребата да се преземат мерки и активности за риболовното подрачје, со цел да се заштити Охридско Езеро, како добро од општ интерес.
Во согласност со Законот за рибарство и аквакултура во водите од кои рибите не се доделени на концесија, забранет е риболов. Со оглед на тоа дека на Охридско Езеро не е доделена концесијата, една од мерките за заштита на рибите во езерото е физичката заштита што ја врши рибочуварската служба во Државниот инспекторат за земјоделство во соработка со Езерската полиција. Покрај физичката заштита, формирано е и координативно тело за заштита на езерото, во чиј состав има претставници од Министерството, Државниот инспекторат за земјоделство, МВР, Царинската управа и Капетанијата. Инаку, основната мерка за зачувување на популацијата на охридската пастрмка е порибување на водите на езерото со подмладок од охридска пастрмка, за која Министерството и Владата на РСМ секоја година преку годишната програма за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата обезбедуваат финансиски средства за реализација на вештачкиот мрест, кој го изведуваат регистрирани репроцентри во рамките на овластените установи од областа на рибарството. Во изминатиов период се вршени редовни контроли и според податоците на Координативното тело за контрола, надзор и следење на состојбата со риболовот и заштита на рибите во Охридско Езеро, во акции спроведени од страна на Државниот инспекторат за земјоделство во соработка со Министерството за внатрешни работи – УПС на ПС за ГН ,,Охридско Езеро“ – регионален центар Запад, во 2021 година се одземени вкупно 288 килограми риба, а во првото тримесечје во 2022 година 95 килограми риба. Врз основа на извештаите од работењето на Координативното тело, од одземањето на концесијата до денес, Министерството редовно ја согледува состојбата и во најкраток можен рок ќе предложи иницијатива до Владата за започнување постапка за објавување јавен повик за избор на нов концесионер. Јавноста ќе биде навремено информирана преку соопштение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – одговорија од Министерството. Д.М.М.