Фото: Маја Јаневска-Илиева

Разните стратегии и ад хок решенија што се нудеа изминатите години како спас од загадувањето се покажаа контрадикторни, со оглед на новата констелација на енергетските пазари и цените на сите енергенти, кои буквално отидоа до небо. Несомнено, Македонија како мала земја во никој случај не може да се спротивстави на овие светски берзански трендови и граѓаните веќе ја плаќаат цената на скапите енергенти, но уште пострашно е што истовремено постојаната изложеност на загадениот воздух ја плаќаат со своето здравје

Контрастите на борбата со загрозувањето на животната средина

Уште на почетокот на новата, 2022 година, Македонија се соочи со деценискиот проблем – загаден воздух, за кој, како што сега стојат работите, се чини дека е невозможно да се најде решение.
Разните стратегии и ад хок решенија што се нудеа изминатите години како спас од загадувањето се покажаа контрадикторни, со оглед на новата констелација на енергетските пазари и цените на сите енергенти, кои буквално отидоа до небо.
Несомнено, Македонија како мала земја во никој случај не може да се спротивстави на овие светски берзански трендови и граѓаните веќе ја плаќаат цената на скапите енергенти, но уште пострашно е што истовремено постојаната изложеност на загадениот воздух ја плаќаат и со своето здравје.
Светската здравствена организација четвртина од срцевите заболувања и мозочни удари, како и речиси половина од белодробните заболувања, ги припишува на хронична изложеност на загаден воздух.
Македонските граѓани секоја зима по неколку месеци се изложени на исклучително загаден воздух, па затоа и не треба да зачудува големиот број на заболени луѓе од респираторни и срцеви заболувања, а ништо помал не е ниту бројот на мозочни удари.
Од тие причини се наметнува дилемата дали се направени вистинските чекори во борбата со загадувањето или, пак, едноставно се исцрпени сите решенија и граѓаните се осудени да дишат отровен чад.

Контрадикторни решенија

Македонските власти подолг период се обидуваат да најдат некакво решение за загадувањето, но освен стратегии и краткорочни мерки, реално ништо не е преземено, па дури и она што е преземено сега се покажува како нефункционално.
Да биде трагедијата уште поголема, по 30 години анализи, нема прецизно утврден причинител на загадувањето, односно дали е тоа сообраќајот, дали загревањето на домовите, дали индустријата или дали вината треба да се бара во местоположбата на населените места.
Во ситуација кога не е точно дефиниран загадувачот, се прават некакви козметички решенија, кои повеќе се во функција на амортизирање на притисокот од јавноста, отколку што ќе го намалат загадувањето.
Дел од тие мерки е воведувањето бесплатен јавен превоз за да се намали учеството на автомобили на улиците, но овие мерки најчесто по ден-два се укинуваат и оние што се навикнати на секојдневно користење автомобил, не гледаат во повремениот бесплатен превоз причина да се откажат од комодитетот на приватното возило.
Втората алтернатива што им се понуди на граѓаните беа субвенциите за набавка на инвертори, под услов да се откажат од загревањето на домовите со дрва. И ако на почетокот оваа мерка можеби изгледаше како добро решение за населбите каде што е невозможно да се донесе топловодна мрежа, се покажа дека со растот на цената на струјата и неизвесноста околу редовното снабдување со електрична енергија, инверторите прекуноќ станаа дискутабилни во поглед на нивната економичност.
Со слична контрадикторност се соочија и сопствениците на печки на пелет, кои исто добија субвенции од државата да се префрлат на еколошко загревање на домовите. Како се покачи цената на струјата, двојно поскапе и пелетот, згора на тоа граѓаните не можат да го набават во потребни количества кога им треба, туку мора да чекаат на достава. Сето ова драстично го намали интересот за овој начин на загревање на домовите.
Државата ја најави гасификацијата на домаќинствата како единствено и трајно решение за загадениот воздух, поаѓајќи од фактот дека станува збор за евтино еколошко гориво, кое ќе ги мотивира граѓаните да се откажат од нееколошкото загревање на домовите. Згора на тоа, на граѓаните им беше ветено дека приклучокот на гасната мрежа ќе биде или бесплатен или со симболична сума, која повеќето семејства во земјава ќе можат да си ја дозволат. Сега, со неколкукратното покачување на цената на гасот на светските берзи, одеднаш ниту ова еколошко гориво не е исплатливо за загревање на домовите и граѓаните веќе се скептични околу економичноста на овој енергент.

Во очај никој не размислува на екологија

Ако се земат предвид сите контрадикторности наведени погоре, а кои се однесуваат на државната стратегија за решавање на проблемот со загадениот воздух, несомнено единствена сигурна алтернатива што им останува на македонските граѓани и натаму останува огревното дрво.
Токму тоа ќе доведе до уште поголема загаденост на воздухот, бидејќи навраќањето на дрвата ќе ја крене цената и на овој енергент, што од друга страна ќе ги забрза нелегалната сеча и пустошењето на шумите, за што и онака нема решение. Уште полошо е што некои од граѓаните на кои ќе им биде скапо и огревното дрво, домовите ќе ги загреваат со што ќе стигнат, штици, стар мебел, пластика, прегорено масло, со што состојбата со загадениот воздух ќе стане уште полоша.
Сето ова говори дека граѓаните едноставно немајќи никаков избор, буквално се принудени ем да плаќаат скапи сметки, ем да се трујат со загаден воздух.
– Пред две години почнав да се греам на инвертор и досега бев задоволен. Сметката само за загревање не ми надмина повеќе од 3.000 денари и кога беше најстудено. Сега, со поскапувањето на струјата, цената ќе оди нагоре, а најлошо е ако дојде до некоја хаварија и снема струја. Единствена среќна околност е што зимата барем досега е топла – вели Јован Атанасовски, машински инженер.
Според него, енергетската неизвесност не остава многу простор во блиска иднина државата да најде вистински решенија со кои ќе го реши проблемот со загадениот воздух.
– Сите надежи се полагаа на гасификацијата, а сега се покажа дека со овие цени на гасот и таа не е исплатлива. Додека да се донесе гас во домаќинствата, цените ќе отидат уште погоре и граѓаните едноставно нема да се приклучуваат и ќе продолжат да се греат на дрва – тврди Атанасовски.
Ниту еколошките активисти не се премногу оптимисти дека може да се најде вистинско решение за загадувањето, потврдувајќи дека досегашните мерки и планови немаат перспектива.
– Сето она што досега беше замислено како мерка што може да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот, сега веќе не е актуелно. Цените на енергентите отидоа нагоре и нема никогаш да се вратат на претходното ниво, така што Македонија сега едноставно нема решенија што би дале резултати – смета Илија Ацевски, социолог и долгогодишен еколошки активист, кој проблемот со загадениот воздух го анализира од аспект на социолошка екологија и кој долги години работи на проблемот со загадениот воздух, особено во урбаните средини.
Негово мислење е дека кога сиромаштијата ќе тропне на врата, тогаш нема место за екологија.
– Кога луѓето одвај врзуваат крај со крај, тешко е да се очекува тие да размислуваат еколошки. Тој човек нема пари да плати струја за да се грее на инвертор, а уште помалку да купи печка на пелет. Гасификацијата лично не верувам дека брзо ќе се случи, така што сиромашен граѓанин за да го загрее домот ќе гори што ќе му се најде при рака, без да води сметка дека загадува – појаснува Ацевски.
И додека познавачите на состојбите не гледаат решение за загадениот воздух во земјава, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и натаму останува на ставот дека гасификацијата е единствено решение, без да појасни како граѓаните ќе го издржат товарот на високите цени на гасот.
– Додека не го смениме начинот на загревање на јавните и приватните згради и домови, што се надеваме дека ќе го постигнеме со изградбата на гасоводната мрежа и поддршката на инвестициите во енергетска ефикасност дадена од страна на централната и локалната власт, нема да имаме долгорочно решение на овој проблем – вели Нуредини.

Решенија има, потребна е желба за нивна реализација

Првата половина на оваа година ќе покаже дали енергетските пазари ќе се стабилизираат или, пак, ситуацијата уште повеќе ќе се комплицира. Без оглед на тоа, државата е таа што треба да гледа напред и да понуди вистинско решение за конечно да почне да се надминува проблемот со загадениот воздух.
Ако акцентот се става исклучиво на гасификацијата како решение, тогаш треба сите сили веднаш да се насочат кон итна гасификација на домаќинствата и директно учество на државата во субвенционирањето на сметките за гас на секое домаќинство барем во следните три години. Ваквата мерка несомнено ќе ги одврати граѓаните од греењето на дрва и други нееколошки горива.
Кога веќе ќе се понуди ваква сериозна алтернатива и помош од страна на државата, тогаш истата таа држава може целосно да ја ограничи сечата на шумите и огревното дрво во поголемите урбани средини да го ограничи на начин што неговата употреба ќе се смета за луксуз и ќе се плаќа исклучително скапо, што би придонело за дестимулирање на граѓаните од негова употреба.
– Во овој момент гасификацијата може да биде единствено привлечна само ако државата директно им помага на граѓаните, односно ако им ги преполови сметките, во спротивно никој нема да сака да се приклучи на гасот кога и да се случи тоа – се надоврзува Ацевски.
Оние што ќе продолжат да ги користат инверторите како примарно греење, исто така треба да бидат помогнати од државата додека цените на струјата не се стабилизираат, додека за социјалните случаи субвенционирањето на струјата да остане на подолг рок.
Понатаму, потребно е итно запирање на непланската урбанизација на градовите, кои се градат надвор од сите закони на природата, односно во налетот за што поголем профит, не се води сметка за природното циркулирање на воздухот.
– Треба да се запре со непланското градење. Погледнете што се случува во Скопје, Струмица, Тетово… Едноставно се прекршуваат сите закони на природата, поточно се занемаруваат тие природни текови на воздухот. Во Скопје со градбите се запре струењето на воздухот од Водно и по текот на Вардар, а слични се состојбите и во другите градови. Непланското градење мора да запре, за сметка на повеќе зеленило – категоричен е Ацевски.
Се покажа дека експериментите со бесплатниот јавен превоз не даваат никаков ефект, така што загадувањето на воздухот предизвикано од сообраќајот во овој момент е невозможно да се реши без да се направат поголеми инфраструктурни зафати во сообраќајната мрежа, што ќе овозможат движење на возилата без поголеми застои. Јавниот превоз на нафта, па и на метан, полека станува неисплатлив, бидејќи компаниите работат со целосна загуба, а загубата се надоместува повторно од џебот на граѓаните. Со оглед на местоположбата, потребна е поголема стимулација на велосипедистите, да се субвенционира набавката на поевтини електрични автомобили, но и да се најде решение за воведување електричен јавен превоз.
– Градовите се пренаселени. Инфраструктурата не може да го издржи тој наплив на возила и луѓе. Повторно ќе се навратам на Скопје, тука не може да има повеќе од 500 илјади жители. Едноставно градот не може да го издржи тоа. Затоа и нема вистински решенија за сообраќајот. Уште порано требало да се направат подземни сообраќајници, со што проблемот со сообраќајот немаше да биде толку голем. Згора на тоа, и возилата ни се стари повеќе од 18 години – констатира Ацевски.
На крајот уште треба да се обрне посебно внимание во инвестирање на еколошки енергетски капацитети што ќе овозможат државата да не зависи од увозна струја, туку без проблем ќе ги покрива домашните потреби и ќе може да си креира цена според можностите на своите граѓани.
Повеќе од јасно е дека решенијата повторно се во рацете на државата и за тоа е потребно да се вложат огромни пари, но без вакви сериозни инвестиции во иднината, едноставно повеќе нема да има иднина. Градовите ќе се задушуваат во смог, а секоја година Македонија ќе губи повеќе од 2.000 граѓани од последиците на загадениот воздух. Тоа е превисока цена.