Фото: МИА

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски денеска по состанокот со пратеничката група на неговата партија и коалицијата „За обнова на Македонија“, соопшти дека е потврдена одлуката за активна блокада на Собранието.

Блокадата, напомена Мицевски, почнува од утре, а подразбира „попречување на штетните закони и политики“.

Како што истакна Мицевски, „ова е процес што ќе трае најверојатно до пад на ова Влада и одржување предвремени избори“.

– Активната блокада е последица, реакција на акцијата на владата на Ковачевски, предводена од СДСМ и ДУИ кои не покажаа чувство за државност и одбија секаква можност на дијалог по најважните прашања во оваа држава. Подготвени сме да одиме до крај зашто можеме и мораме да ја осигураме иднината на граѓаните – кажа Мицевски, додавајќи оти активната блокада уследува откако премиерот Димитар Ковачевски и Владата одбиле дијалог во четири клучни области за граѓаните – економија, здравство, образование и меѓународна политика, со акцент на блокадите од Бугарија.

Одлуката за активна блокада на Собранието што претходно ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, според Мицевски, на денешната средба била едногласно прифатена.

На координативната средба присуствуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.