Фото: Игор Бансколиев

Неодамна е формиран клуб за бугарско-македонско пријателство. Имено, „група активни граѓани од Македонија и од Бугарија, обединети од идејата за зближување и добрососедство меѓу народите и државите од двете страни на Осогово“ имаат намера да „иницираат процес на зближување преку заеднички настани и проекти за заеднички искуства на двете општества во различни сфери на општествениот и економскиот живот на двете земји“… Она што е за издвојување е фактот дека во рамките на споменатиот клуб ќе биде формирана нова т.н. комисија за историја во сенка. Каква цел и намера, каков мандат, колкаво влијание би имала и ќе има ли сили јавно да ги изнесе историските вистини и факти новата комисија за историја во сенка?!

Осврт кон актуелни граѓански иницијативи за откочување на спорот со Софија

Со одбројувањето на деновите до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, се троши и оптимизмот за повлекување на бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ до крајот на јуни. И покрај пораките на европските и американските политички претставници дека Македонија и Албанија треба веднаш да го започнат преговарачкиот процес за членство во ЕУ, бугарската страна остана на својот неоснован и бесправен став. Фингирајќи историска генеза на таквите ставови, Софија низа години се обидува да ја ретушира историската вистина за настаните и личностите од минатото, присвојувајќи си ги онака како што ѝ одговара и толкувајќи си ги надвор од историографските факти. Тргнувајќи од така создадената ревидирана историја, Софија своите условувања и уцени ги спакува во историска обланда, подметнувајќи ги да бидат усвоени во текот на работењето на Мешаната историско-образовна комисија. Всушност, тежишната цел на Софија беше Македонија да прифати поимот „заедничка историја“ наведен во Договорот за добрососедство да се чита во потконтекст како „единствено бугарска историја“, па бугарскиот државен врв да ѝ прикаже на европската и светска јавност „демократско постигнување на заемни усогласувања на двете страни за историските прашања, како основа за политички напредок“ на преговорите…

Во клубот за бугарско-македонско пријателство формирана нова комисија за историја во сенка

Во обид да се покаже некаква поинаква, граѓанска димензија на приближување на македонско-бугарските односи, неодамна е формиран клуб за бугарско-македонско пријателство, „група од активни граѓани од Македонија и Бугарија, обединети од идејата за зближување и добрососедство меѓу народите и државите од двете страни на Осогово“. Како што е наведено на веб-страницата на клубот (формиран на 19 април), „целта на организацијата е да создаде активно граѓанско општество со претставници и од двете земји што ќе работат на зближување на нашите општества врз основа на европските вредности. Основната мисија на клубот е да иницира процес на зближување преку заеднички настани и проекти за заеднички искуства на двете општества во различни сфери на општествениот и економскиот живот на двете земји“. Меѓу основачите на клубот од бугарска страна се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експертот за одбрана Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев и Евгени К’нев, тенисерката Мануела Малеева, режисерот Јавор Г’рдев, советникот на претседателот Жељу Желев за етнички прашања, Михаил Иванов, а од македонска страна филозофката Катерина Колозова, политикологот Љубчо Петковски, новинарите Марјан Николовски и Столе Наумов, историчарот Драган Заjковски, поранешните македонски премиери Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.
Веројатно првиот поамбициозен проект на клубот неодамна го претстави бугарскиот историчар Стефан Дечев, кој најави формирање заедничка бугарско-македонска комисија за историја во сенка. Оваа „комисија во сенка“ би требало да работи паралелно (дури и наспроти) со веќе постојната Комисија за историски и образовни прашања, произлезена од Договорот за добрососедство од 2017 година. Најавената амбиција на новата „комисија за историја од сенка“ е да го трасира патот на преговарачкиот процес меѓу Бугарија и Македонија.
Имено, историчарот Стефан Дечев, кој е член на новоформираниот клуб за бугарско-македонско пријателство, во изјава за бугарски медиуми вели дека таа нова комисија ќе има своја агенда, свој календар на состаноци, како и свои цели и ќе покаже дека не мора да има скандали по секоја средба на историчарите од двете земји. Дечев изразува надеж дека членовите на „комисијата во сенка“ ќе бидат подготвени за отворен дијалог. Првиот јавен настан на новиот клуб во Бугарија треба да се одржи на 16 мај.

Може ли новата „историска комисија од сенка“ да ја убеди Софија да отстапи од ултиматумите кон македонската страна и да фрли светлина на историските факти

Иако клубот формиран како граѓанска иницијатива на интелектуалци (но и бивши премиери на Македонија) од двете земји, за развојот на односите меѓу Македонија и Бугарија на официјално ниво, првично предизвикува резервираност кај македонската јавност (и целосен скептицизам кај бугарската) во однос на неговата реална моќ да влијае на политичките процеси. Конечно, актуелниот македонско-бугарски спор е со политички референци, поврзан со македонските евроинтеграции. Освен тоа, самата иницијатива на клубот за некаква паралелна историска комисија од сенка остава простор за оправдан сомнеж во врска со нејзината транспарентност (бидејќи дејствува „од сенка“), нејзините цели и крајните намери. Историчарот Тодор Чепреганов смета дека новоформираниот македонско-бугарски клуб, заедно со иницијативата за комисија за историја од сенка, придонесува само за одолжување на постојниот процес на преговори, во кој бугарската страна не отстапува од ултиматумите за македонската страна.
– Првото прашање што се наметнува од идејата за некаква „историска комисија од сенка“, создадена практично од ГГ (група граѓани), која е надвор од политиката – е колкаво ќе биде нејзиното влијание. Иако се зборува за историја, проблемот што е создаден во македонско-бугарските односи е политички. Во тој некаков процес на преговори, всушност, политичарите бараат решение за проблемот, кој историчарите (од официјалната комисија) треба да го потврдат. Никако не оди во прилог на моќта на влијанието на клубот и барањето решение за проблемите од најавена историска комисија од сенка тоа што дел од нив се двајца поранешни премиери на Македонија. Ако од позиција на државна политичка моќ и влијание не успеале да ја убедат Бугарија за решенија на проблемот во интерес на Македонија, не е многу уверливо дека тоа ќе го сторат од позиција на „група граѓани“, што е на сосема поинакво, односно пониско ниво на општествено и политичко влијание. Освен тоа, голема е неизвесноста дали можеби мал дел од тој клуб го прифаќа ставот од Договорот за добрососедство дека имаме „заедничка историја“, што не би направило никакво суштинско поместување и разлика од актуелната состојба во работата на официјалната комисија. Комисијата од сенка може да биде слушната од јавноста, да понуди решенија, но секогаш останува недоумицата дали ќе биде прифатена од политиката. Со вакви иницијативи, процесот на преговори само се одолжува, без реални изгледи за пронаоѓање решение и само се одложува неизбежното – дека преговорите за историјата со Бугарија треба да се прекинат – вели универзитетскиот професор од Институтот за национална историја, Тодор Чепреганов.
Поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети никако не ги гледа смислата и потребата од формирање клуб на бугарско-македонско пријателство, а уште помалку на историска комисија од сенка како уште еден наводно граѓански параван за 150 години негуваниот бугарски шовинизам спрема Македонија.

– Во целиот преттекст на сегашната состојба на македонско-бугарските односи, верувањето дека некоја граѓанска иницијатива од „двете страни на Осогово“ ќе го разбие закоравениот бугарски шовинизам спрема Македонија звучи многу наивно. Дури е на работ на политичка перверзија и невкус. Неприфатлива илузија е дека „историска комисија од сенка“ ќе ги промени 150 години негуваните аспирации на Бугарија спрема Македонија и Македонците. Навреда на здравиот разум е да се очекува праведно решение од клуб каде што членуваат македонски политичари, кои со своите изјави и дејствување докажале дека не ги интересира Македонија, ниту нејзината иднина, а уште помалку нејзиното минато. Одамна требаше да ги прекинеме преговорите за историјата со Бугарија, односно да се прекине работата и на официјалната мешана историска комисија, а не пак да се прави уште некоја „од сенка“. Македонија само губи со продолжувањето на преговорите за историјата и мултиплицирањето на комисиите. Мнозинството Македонци сметаат дека преговорите за историјата со Бугарија се штетни. Без оглед што народот не излегува на улица за овој проблем, не значи дека го прифаќа процесот на преговори со уцени. Народот е вознемирен од можноста за губење на националниот идентитет, а какво било решение што ќе доведе од тоа нема да биде прифатено и на некој начин ќе артикулира решителен отпор – смета амбасадорката Мелпомени Корнети.