Фото: Игор Бансколиев

Во пресрет на претстојниот самит на ЕУ, Виена со нонпејпер за исчекор на регионов кон ЕУ

Во пресрет на претстојниот самит на ЕУ, на кој една од фокус-темите е одлучување за кандидатскиот статус (пред сѐ на Украина), Австрија најави дека „нема да го поддржи истиот тој на сметка на статусот на земјите од Западен Балкан!“ Во тој контекст, министерот за надворешни работи на Австрија, при вчерашниот престој во регионот (во Белград), јасно се заложи за брза интеграција на регионот во Унијата, нагласувајќи дека „таквиот став на Виена нема никаква врска со војната во Украина!“, туку тој процес реално треба да се заокружи

Коефициентот на предвидливост за уште една бугарска блокада за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ на претстојниот самит на Унијата е толку голем, што високи политички претставници од земјите-членки однапред веќе отворено го нарекуваат – „неподносливо вето“. Тригодишното поигрување на Бугарија со европската иднина на Македонија, па и со целиот регион Западен Балкан, како и поигрувањата на ЕУ со своите критериумите за прием, прави да е сосема извесно дека ќе продолжи блокадата за нас и на претстојниот самит на ЕУ, на 23 и 24 јуни, со кој завршува француското претседателство.

Досега Македонија беше „неисполнителна“, отсега застојот ќе биде поради внатрешната криза на Бугарија

По сите провокации што ги подметнуваа бугарските политичари во изминатиов период за да ја претстават Македонија пред ЕУ како „неисполнителна на европските критериуми“, сега Софија посегнува по друг „адут“ за да го закочи процесот на интегрирање на Македонија во ЕУ. Имено, Бугарија сега инсценира внатрешна политичка криза, поради што бара од Унијата „мала пауза“, додека не ја решат владината криза, односно за тоа време „да не бидат под притисок од Брисел во врска со ветото за Македонија“.

Но во пресрет на претстојниот самит на ЕУ, на кој една од фокус-темите е одлучување за кандидатскиот статус (пред сѐ на Украина), Австрија најави дека „нема да го поддржи истиот тој на сметка на статусот на земјите од Западен Балкан!“ Во тој контекст, министерот за надворешни работи на Австрија, при вчерашниот престој во регионот (во Белград), јасно се заложи за брза интеграција на регионот во Унијата, нагласувајќи дека „таквиот став на Виена нема никаква врска со војната во Украина!“ Во истиот контекст, во однос на поддршката на Западен Балкан во ЕУ, претседателот на австрискиот парламент, Волфганг Соботка, го понуди и нонпејперот на својата земја како начин за спречување на блокадите на патот на кандидатите за членство во Европската Унија, посочувајќи го притоа „неподносливото“ бугарско вето за Македонија. Според Соботка, ветото му штети на угледот на Европската Унија во регионот, а неговата процена е дека „блокадата не би била можна со нонпејперот, кој предвидува уште пред исполнувањето на условите (на пример во областа на владеењето на правото) да се спроведе официјално и правно-економска интеграција на земјата-кандидат. Австрискиот парламентарен спикер го критикува и сегашниот пристапен процес со 35 поглавја, за кој вели дека „бесконечно долго се преговара без на граѓаните да им се покаже перспективата“. Покрај тоа, нонпејперот црпи поуки од претходните процеси на пристапување, пред сѐ имајќи ги Бугарија и Романија како негативен пример.
– Бугарија и Романија пристапија по многу краток период и се сакаше дополнително да се решат повеќе прашања, како што е владеењето на правото. Таква ситуација не сакаме по вторпат – вели Соботка.

Австрискиот политичар нагласува дека според нивниот нонпејпер, економската интеграција не ја исклучува политичката, туку само би ѝ претходела како охрабрување и за земјата-кандидат, и за членките на ЕУ да не ѝ поставуваат сопки, туку да ѝ помогнат побрзо да им се придружи.

Постојат ли инструменти во ЕУ со кои би се амортизирале нерационалните блокади за консензуално одлучување?

Фото: Игор Бансколиев

Залагањето и идејата на Австрија за забрзување на процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан и барањето начин за избегнување блокади од нерационални причини на земјите-членки, повторно го наметнува размислувањето – постојат ли инструменти и механизми во Европската Унија со кои би се „заобиколил“ начинот на одлучување со консензус, кој остава можност секоја земја-членка од свои „необјасниви“ причини на стави вето на која било одлука.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека идејата на Австрија за забрзување на пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ повеќе се однесува на избегнување на стапиците во поглавјата на преговорите, но и за евентуално усвојување на овој предлог како специјален пакет, повторно би било потребно барем еднаш Унијата да одлучува со консензус.
– Иницијативата на Австрија за креирање економско-политички критериуми со кои би се забрзал процесот на преговарање на земјите-кандидати со ЕУ е во основа добра. Навистина, сѐ уште не е познат целиот текст на нонпејперот, но не верувам дека би имал придонес за отстранување на ветото, како привилегија на земјите-членки на ЕУ во консензуалното одлучување. Отстранувањето на ветото како можност на земјите-членки може да се постигне само ако целосно се смени методологијата, односно начинот на одлучување со консензус. Постои уште една варијанта – ЕУ да донесе специјален пакет критериуми за одреден број земји-кандидати, кој би важел само за тие земји. Но и таков пакет, барем еднаш, треба да се изгласа со консензус. Мислам дека австрискиот предлог, или нонпејпер повеќе се однесува да се пренебрегнат вето-стапиците од земјите-членки во поглавјата, во текот на преговорите. За жал, во нашиот случај, за отпочнување преговори со ЕУ, Македонија и понатаму е заглавена со бугарското вето – вели политичкиот аналитичар, Петар Арсовски.

Во смисла на редуцирање на моќта на ветото при носењето на важните одлуки во ЕУ, но и во другите меѓународни организации (како ООН), Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС, смета дека земјите-членки на клубот (клубовите), тешко би се откажале од таквата привилегија.
– Можноста за вето при одлучување со консензус во ЕУ е најмоќниот инструмент и привлечно е за секоја земја-членка. Дури и сѐ почесто се користи од земјите-членки за заштита на нивните национални интереси, иако станува предизвик за функционалноста на Унијата. Ветото го користат проблематично земјите што последни станаа членки на Унијата, зашто демократското искуство во одлучувањето со консензус е многу мало. Консензусот тешко се постигнува и на внатрешен план во демократски неизживеани земји како Бугарија, па и Грција (меѓу кои не ја исклучувам и нашата Македонија), а таквото однесување го наметнуваат и на меѓународен план.

Но без оглед што така се злоупотребува ветото во ЕУ, тешко е да се промени таквиот начин на одлучување. Сите земји-членки се потписници на договорите на ЕУ со кои се предвидува таков начин на носење на важните одлуки (меѓу кои е и проширувањето) и не може да се промени без согласност на сите членки. Значи и да се откаже консензусот во ЕУ (и можноста за вето), потребен е консензус – вели Александар Кржаловски, кој остава можност да се случат одредени реформи во начинот на одлучување во ЕУ по конференцијата „За иднината на Европа“, но скептичен е во однос на можноста дека земјите-членки би се откажале од привилегијата на ветото.