Во еден инсцениран „амбиент на одбележување на историски момент“, Али Ахмети порача дека „не постои национална историја на оваа земја без Националната ослободителна војска – УЧК“. Избегнувајќи да ѝ го спомене името на земјата (Македонија), Ахмети, сепак, не се стеснува да ги наметне амбициите и да издејствува „почесно место“ во историјата за својата војска, која, несомнено, имаше улога на агресор за македонската држава во 2001 година, убивајќи припадници на македонските државни институции, војска, полиција, дури и недолжни цивили…

Со тргување со влијанието се бара почесно место за ОНА (УЧК) во македонската национална историја

Дваесет и една година по воениот конфликт од 2001 година во Македонија, и покрај Охридскиот договор и неговата имплементација во Уставот, останаа повеќе сериозни прашања од историско значење што поради политички опортунизам некако се поттурнуваат под тепих и не се бараат ниту одговори ниту одговорност. Една од заостанатите (нај)тешки теми е обидот за заборавање на четирите вратени Хашки случаи со тежина на воени злосторства, кои не застаруваат (и покрај Законот за амнестија за учесниците во конфликтот од 2001 година), но досега македонските правосудни органи не се охрабрија судски да ги процесираат. Сепак, некои од главните актери на конфликтот во Македонија и понатаму се на листата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во која не е исклучено дека од сведок може да се премине на списокот на обвинети. Освен тоа, ниту по две децении, во македонското општество не е поставена дефиниција на природата на конфликтот.
Но на 14 март, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, заедно со соборците од времето кога се појави како лидер на милитантната ОНА, се потсети на 21-годишнината од „првите истрели на УЧК (ОНА) на калето над Тетово“. Во амбиент на „одбележување историски момент“, Ахмети порача дека „не постои национална историја на оваа земја без Националната ослободителна војска – УЧК“. Избегнувајќи да ѝ го спомене името на земјата (Македонија), Ахмети, сепак, не се стеснува да ги наметне амбициите и да издејствува „почесно место“ во нејзината историја за својата војска, која, несомнено, имаше улога на агресор за македонската држава во 2001 година.
– Оваа земја има неколку столба, без кои не може да стои на нозе. Почетоците се со Крушевската Република, тоа е и Националната ослободителна војна, тоа е и независноста, тоа е промената на Уставот, што претставува капак на историјата на оваа земја. И не постои историја без Националната ослободителна војка – УЧК, не постои историја без Охридскиот мировен договор. Овие столбови ги носат врз себе стабилноста и иднината на оваа земја. Ние треба да сме многу организирани. Многу работи се направени, но имаме уште многу работа пред нас за да се направи – порача Али Ахмети на комеморативниот собир на неговата партија.
Со истакнувањето на „номинацијата“ за неизбежна и носечка вредност на ОНА во македонската историја, Али Ахмети на своевиден начин се придружи на трендот со политички диктат да се крои и прекројува историјата на Македонија.

– Нема дилеми дека воено-конфликтните случувања од 2001 година се дел од македонската историја, но на каков начин и како ќе биде оценета улогата на ОНА во тие случувања е прашање на објективно научно-историско согледување, а не на желба и процена на активни политичари. Поради таквите политички аспирации, во историската наука постои принципот на историска дистанца. За таква дистанца е пожелно актерите на одредени настани да не се присутни или барем активни во политичката реалност. Тешко е да се создаде објективна перспектива за настаните од минатото додека актерите во нив имаат политичко влијание. Веројатно и Али Ахмети смета дека политички може да ја истурка „историската вредност“ на својата милитантна формација од 2001 година во македонската историја, меѓу другото и користејќи го трендов од последниве години на политичка агресивност од разни страни за интервенционизам во нашата историја. Но таквата идеја не е ниту политички мудра, со оглед дека не се завршени некои судски процеси за настани од таа 2001 година, а и 21 година никако не е доволна историска дистанца, особено што актерите на случувањата се живи и со политичко влијание – вели историчарот Александар Литовски.
За историчарката од Институтот за национална историја на Македонија, Наташа Котлар-Трајкова, желбата на претседателот на ДУИ за наметнување историска вредност на неговата воена организација претставува политички упад во историското толкување на процесите.

– Многу е интересно, дури и симптоматично во нашата држава и општество што политичарите сметаат дека многу сериозни работи можат да ги добијат на принципот на желби и честитки. Дали нешто ќе влезе и како ќе биде третирано во историјата, се одредува научно, преку обработка на документација од архивските материјали, со почитување на научните принципи и методологија. Квалификациите и желбите на политичарите во тој домен, особено со субјективна (па и објективна) инволвираност во настаните, претставуваат политички упад во историското толкување на процесите. Според пропозициите на архивското работење за објективност при пишувањето за историските настани, потребно е да минат најмалку 30 години, а за некои настани и личности, и подолго време. Притоа, релевантни материјали за пишување историја се потпишани документи и договори, а не дневнополитички изјави. За идеологијата, улогата и карактерот на дејствувањето на ОНА во 2001 година треба научна процена да дадат воени историчари, политиколози, социолози и правници, а не политичар што тоа движење од некаков воен фактор (терористичка организација) го трансформирал во политички фактор. Историската наука и историчарите, со одредена историска дистанца, даваат оцена за местото на некоја реална политичка категорија – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова.