Оваа влада на Ковачевски е континуитет на корумпираната влада на Заев која граѓаните ја казнија на избори, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николоски, на денешната собраниска седница.

Како што кажа Николоски, иако Заев заминал, немал храброст да ја извади својата партија на соочување со народот.

– Сега се соочуваме со најголемиот срам во историјата на постоењето на македонската демократија, а тоа е да се киднапира пратеник кој се појави после 5 дена. Денес имаме влада без легимитет, влада на стари ликови, на континуитет која не може да се покаже како нова, а клучните ресори ќе ги водат истите луѓе. Оваа влада не може да понуди нови политики – нагласи Николоски.

Тој се обрати и кон помалите политички партии кои ја поддржуваат Владата како ДОМ, ЛДП, НП, ДС.

– Ваквото понижување кое на себе си го правите нема друго образложение. Затоа ве поттикнувам сами да излезете на следните избори да видите што мисли народот за вас затоа што поддржувате ваква влада и вакви политики – потенцира Николоски.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, единствено решение за подобрување на ситуацијата се брзи предвремени избори.

– Следува пеколен период на соочување со гневот на народот. Промените доаѓаат и ќе се случат побрзо отколку што мислите. Нема да ја поддржиме оваа влада, а следниот период се гледаме и во институциите, но и надвор на улиците и заеднички да стигнеме до предвремени парламентарни избори кои ќе значат промени во Македонија – рече Николоски.


Силјановска: Владата на Ковачевски е нелигитимна

Не може оваа влада да го наследи легитимитетот од претходна влада, таа не може да ги делегира бидејќи премиерот си замина од лична одговорност, а не поради друга функција. Второ, кога се конститураше власта во неа беше Беса, неа ја нема сега во Владата или значи гласачите сега не се гласачи на оваа коалиција и легитимитетот е нагризан, ја има Алтернатива за која не знаеме што мислат граѓаните за нејзино трансформирање во власт, кажа Гордана Силјановска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската дебата за составот на нова Влада.

Силјановска наведе и други недоследности а посочи дека и малите партии даваат условена поддршка што како што нагласи е спорно за легитимитет.

– По дефиниција оваа влада е нестабилна влада, по она што се случува внатре во СДСМ и надвор, тешко дека е влада на СДСМ, туку е на Зоран Заев – рече Силјановска.

Според неа легитимитетот на Ковачевски е врзан неразделно од некој кој до вчера, како што рече, бил полтрон, султан, објаснувајќи „мислам на најголемиот носител на моќта, мислам на премиерот, а не го спомнавте, а ве преферираше одевте со него за да се манифестира блискоста“.

Говорејќи за персоналните решенија Силјановска кажа дека ако си оди Димитров бидејќи нема датум за ЕУ, со него треба да замине и Османи зошто датумот според Силјановска како да останал во црната кутија во авионот во кој според неа очегледно немало пилот.

– Се говори за владеење на правото. Дали колегата Тупанчевски ќе се дистанцира од оној договор дека независни експерти ќе извршат меѓународен мониторниг на процеси за кои постојат политички сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание како Монструм, Диво насеље. Тие може да се ревидираат само ако се најдат во Стразбур пред Судот за човекови права ова е директно мешање во судската власт – заклучи Силјановска, укажувајќи дека оваа Влада во самото настанување е нелегитимна и има биографии кои личат на флаери.