Фото: Игор Бансколиев

Имплементацијата на Законот за заштита на укажувачите сѐ уште е на незадоволително ниво, што првенствено се должи на отсуството на политичка волја за воспоставување ефикасен систем на заштита на укажувачите во институциите од јавниот сектор, констатираат од Државната комисија за спречување на корупцијата

Како да се зголеми ефикасноста на
борбата со криминалот во институциите
преку механизмот на т.н. укажувачи?

Воспоставувањето ефикасен систем за т.н. укажувачи (или свиркачи) во институциите од јавниот сектор и нивната заштита е релативно понов механизам, за кој се смета дека преку него може да се откријат индиции (основи на сомневање) за извршен криминал од различна форма, кој потоа низ правосудниот систем треба да се процесира, докаже и санкционира. Но имплементацијата на донесените позитивноправни прописи, односно законот и подзаконските акти за заштита на укажувачите, сѐ уште е на незадоволително ниво. На што се должи таа инертност, која сама по себе продуцира неефикасност на оваа релативно новопромовирана алатка во борбата со криминалот?

Нов софтвер во државава како поттик и безбедна алатка за укажувачите

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, неодамна најави дека и во 2022 година фокусот на комисијата ќе биде насочен кон ефикасно функционирање на системот во согласност со надлежностите утврдени во Законот за спречување корупција и судир на интереси, Законот за укажувачи и Законот за лобирање.
– Поголема поддршка на укажувачите обезбедивме преку софтвер со кој се олеснува анонимно пријавување сомнителни активности во институциите, а оваа алатка им е веќе понудена на повеќе институции. Овие активности се важни, но еднакво важно во овој процес е и издигнување на јавната свест за значењето на интегритетот заради создавање демократско, праведно општество и обезбедување повисок квалитет на животот за граѓаните – објасни во таа пригода претседателка на ДКСК.
Според Законот за заштита на укажувачи, кој во Македонија беше донесен во 2015 година, а почна да се применува во 2016 година, укажувачот е лице што со добра намера врши заштитено пријавување, кое не е должно да ги докажува добрата намера и вистинитоста на она што го пријавува и на кое му се обезбедува заштита во согласност со закон и му се гарантира доверливост. Заради имплементацијата на Законот за заштита на укажувачи беа донесени неколку подзаконски акти, со кои се уреди начинот на постапување во врска со заштитеното внатрешно и надворешно пријавување во институциите од јавниот и од приватниот сектор. Антикорупциската комисија презеде и конкретни активности за воспоставување на системот на заштита на укажувачите, така што почнувајќи од април 2016 година, беше назначено овластено лице за прием на пријави од укажувачи за заштитено внатрешно и заштитено надворешно пријавување во согласност со пропишаните услови. Усвоена е и внатрешна процедура за начинот и постапката за прием на пријави од укажувачи, која е објавена на веб-страницата на комисијата. Во периодот од примена на законот, до Собранието се доставени годишни извештаи за примени пријави од укажувачи за 2016 и 2019 година, за 2017 и 2018 година не се доставени поради нефункционирањето на комисијата, а на извештајот за 2021 година сѐ уште се работи.
– Иако во 2020 година постои мало зголемување на бројот на институции што назначиле овластени лица за прием на пријави од укажувачи во однос на 2019 година, имплементацијата на Законот за заштита на укажувачите сѐ уште е на незадоволително ниво, што првенствено се должи на отсуството на политичка волја за воспоставување ефикасен систем на заштита на укажувачите во институциите од јавниот сектор – констатираат од комисијата.
Институциите во јавниот сектор, според законот, имаат обврска да доставуваат полугодишни извештаи за прием на пријави од укажувачи, кои треба да содржат општи статистички податоци и податоци за оформени предмети по примени пријави, во согласност со членот 15 од законот, а иако обврската за доставување полугодишни извештаи не се однесува на субјектите од приватниот сектор, во извештајот се наведува дека одреден број од компаниите самоиницијативно доставуваат полугодишни извештаи.
– Карактеристично е што исто како и во 2019 година, и во 2020 година, Министерството за внатрешни работи, надлежните јавни обвинителства, народниот правобранител на РСМ и другите надлежни институции, како институции што вршат заштитено надворешно пријавување, не ја исполнија својата обврска и до ДКСК не доставија полугодишни извештаи за примени пријави од укажувачи – потенцираат од комисијата.
Вкупно земено, како што информираат од комисијата, во 2019 година беа доставени 19 пријави од укажувачи, во 2020 година се доставени шест пријави, додека во 2021 година се поднесени девет пријави или вкупно 34 пријави.
– Што се однесува до статусот на предметите оформeни по пријави од укажувачи, вкупно 34 предмети оформени во ДКСК за трите години (2019, 2020 и 2021 година), состојбата е следната: во 24 предмети по проверка на наводите и утврдената фактичка состојба, ДКСК констатира дека наводите не се потврдени и одлучи дека нема елементи за нејзино натамошно постапување во конкретните предмети за што беа известени и укажувачите. По постапувањето по предметите и запознавањето со содржината во пријавите, констатирано е дека во два предмета ДКСК нема законска надлежност за постапување бидејќи други институции се надлежни за постапување, поради што се доставени информации до народниот правобранител и Министерството за внатрешни работи за нивно надлежно постапување. Постапувањето на ДКСК по осум предмети е во фаза на прибирање податоци, утврдување на фактичката состојба и сѐ уште е во тек – објаснија оттаму.

ЕУ ги подигна меѓународните стандарди со усвојување Директива за заштита на укажувачите

Дека работата на укажувачите не е лесна ниту во другите земји потврдува и неодамна објавената анализа на Мари Теракол од „Транспаренси интернешнл“ и Ајда Ноерс од Меѓународна мрежа за укажување, според која, само 47 отсто од европските граѓани чувствуваат дека можат безбедно да пријават корупција, а 45 отсто се плашат од одмазда ако пријават.
– Премногу често, оние што се сведоци на нерегуларности не се овластени да кажат нешто, а кога ќе кажат, се соочуваат со лични, професионални или правни напади, кои им нанесуваат штета на нивната ментална, па дури и физичка благосостојба – велат во својата анализа Теракол и Ноерс.
Тие потсетуваат дека во 2019 година, Европската Унија ги поттикна меѓународните стандарди со усвојување Директива за заштита на укажувачите, која вклучува револуционерни одредби за подобрување на слабостите и пополнување важни празнини во заштитата низ земјите на ЕУ. Притоа, ЕУ на своите членки им даде рок од две години да ја „транспонираат“ директивата во нивните национални законодавства. На 17 декември 2021 година, кога беше крајниот рок за транспонирање, авторките утврдиле дека повеќето земји од ЕУ не го испочитувале рокот за подобрување на нивните национални рамки за заштита на укажувачите.
– Иако одложувањата во спроведувањето на директивите на ЕУ не се невообичаени, останува прашањето дали земјите од ЕУ сериозно ја сфаќаат заштитата на укажувачите. Во овој случај, доцнењето на законодавството, во практика, може да се претвори во одмазда против оние што зборуваат. Укажувачите остануваат незаштитени, а неправилностите што ги загрозуваат животите, планетата или јавните средства остануваат скриени затоа што оние што можеле да кажат се плашат да го сторат тоа – констатираат авторките на анализата.


Ги жртвуваа своите кариери, безбедноста, па дури и животите

Контроверзната новинарка и некогашна портпаролка на Хашкиот трибунал, Флоренс Хартман, во една од своите книги наречена „Свиркачи“, опишувајќи го овој модерен светски феномен, ги опиша и судбините на шесте познати свиркачи што беа подготвени да ги жртвуваат своите кариери, па дури и безбедноста за да ѝ ги откријат на јавноста злоупотребите и незаконитостите на државните институции и на големите корпорации.
Тоа се американскиот војник Бредли Менинг, заслужен за откривање на воените злосторства во Ирак, американскиот разузнавач Едвард Сноуден, кој го открил масовното електронско прислушување од страна на НСА, Израелецот Мордехаи Вануну, кој открил дека неговата држава поседува атомско оружје, британскиот научник Дејвид Кели, кој ги разоткрил сомнителните потези на тамошната влада пред инвазијата на Ирак, хрватската банкарска службеничка Анкица Лепеј, која ги обелоденила финансиските тајни на семејството Туџман, и американскиот истражувач Даниел Елсберг, кој ги објавил „Пентагонските трудови“ со што придонел за завршувањето на војната во Виетнам.
Нивните приказни различно завршиле, некои се најдоа во затворите, некои веќе не се ниту меѓу живите, некои се огорчени поради начинот на кој јавноста се однесувала кон нив… Но, според авторката, никој од нив не зажалил поради она што го сторил.


„Свиркањето“ вредно 24 милиони долари

Јужнокореецот Ким Гванг хо, кој како инженер работел 26 години во групација „Хјундаи“ и на американските сообраќајни власти им укажал на одредени пропусти при производството на автомобилите на „Хјундаи“ и на „Киа“, кон крајот на минатата година бил награден со највисокиот износ во историјата на наградувањето на укажувачите.
Откако американската Национална управа за безбедност во патниот сообраќај (НХТСА), по повеќегодишна истрага врз основа на информациите на Ким Гванг хо, го добила спорот против американските филијали на производителите на автомобили, на кои им била определена казна од 210 милиони долари од кои 81 милион веќе биле исплатени, на укажувачот Ким Гванг хо му бил доделен рекорден награден износ во автомобилската индустрија од 30 отсто или 24 милиони долари.                   Д.М.М.