Фото: Фејсбук/Теута Арифи

Со барање медиумите да бидат внимателни кога објавуваат вести, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја убедуваше јавноста дека никогаш немало предлог за поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, да биде именувана на амбасадорска функција. По низата критики на сметка на Арифи и МНР, Османи рече дека граѓаните биле жртва на лажни вести.

– Никогаш немало предлог за Теута Арифи да биде амбасадор во Анкара. Вчера беа објавувани информации без да се бара став од МНР. Немало размислување, предлог, ниту одбивање. Ниту предлог во Вашингтон. Немало формализиран предлог за во Брисел, имало само размислувања. Три дена се споменуваат име, места, дека се одбиени агремани, и покрај тоа што пуштивме соопштение. За второто не бев прашан, така да, да внимаваме во однос на споменување на имиња. Јас не можам да коментирам имиња, но бидејќи беше спомената Арифи, да кажам дека немало таков предлог – рече Османи.

Тој посочи дека кога влегле во политиката, како политичари, биле свесни дека ќе бидат жртви на лажни вести.

– Ве замолувам да внимаваме, затоа сум толку транспаретен, ние работиме со луѓе. Важно е кога луѓето ги ставаме на тапет без проверени информации – кажа Османи.

МНР досега секогаш се повикувало дека предлозите за амбасадори и конзули се тајни и не можат јавно да се презентираат додека не бидат официјални. Бидејќи предлозите се верифицираат на затворени седници на Влада, јавноста никогаш нема увид кој се испраќа да ја претставува Македонија, а кој не е прифатен од земјата каде бил пратен да извршува функција.