Фото: Игор Бансколиев

Сѐ повеќе надворешни фактори отворено си дозволуваат иницијативност, сугерирање, па дури и уцени во контекст на промена на нашиот македонски устав!? Од меѓународноправен аспект земено, експертите со кои се консултиравме се еднодушни дека по ниту една основа не е дозволиво надворешен фактор да иницира промена на Уставот на друга суверена држава. Тоа е флагрантно мешање во внатрешните работи на друга држава, како што во последно време го практикува тоа Бугарија кон Македонија, што не е дозволиво…

Реакции на иницијативите што
доаѓаат од странство за менување на македонскиот устав

Барањето начини за надминување на пречките што ни се наметнуваат на патот кон ЕУ, според досегашната практика, за жал, завршувале со промена на нашиот устав. Иако процедурално, барањата за започнување процедура за менување на Уставот доаѓале од македонски (внатрешни) субјекти, познато е дека во најголема мера тоа било сторено под влијание на огромен надворешен притисок. Првата измена на Уставот се случи на 6 јануари 1992 г., имено, само два месеца по неговото усвојување во ноември 1991 г. Измената беше направена во рамките на напорите на зафатите за „меѓународното признавање на независноста на Македонија“, односно заради добивање „преодна оценка од страна на Бадентеровата комисија дека имаме устав според европските стандарди“.

Амбициите на меѓународната заедница повидливи од денешна временска дистанца

Тогаш, под притисок на забелешките на Грција, во македонскиот устав беа додадени два амандмана, со кои Македонија гарантираше дека „нема територијални претензии спрема соседите“.
Наредната промена беше за имплементирање на Охридскиот договор, во 2001 година, кој беше постигнат со меѓународно посредништво, по покана на тогашниот претседател Борис Трајковски за помош во надминување на (и тогаш наметнатиот однадвор) внатрешен конфликт во државата. Освен тоа, потписници на договорот се претседателите на четири партии од Македонија, како и двајцата претставници на меѓународната заедница, кои беа олеснувачи во преговорите за постигнување на Охридскиот договор. Така што и за имплементацијата на Охридскиот договор во Уставот, формалноправно иницијативата доаѓа од внатрешни политички фактори, но, како што велат соговорниците, „оддалеку се забележува дека притисокот бил однадвор“.
Сличната формула е применета и за имплементација на Преспанскиот договор во македонскиот устав.
Но и покрај сите измени што ги претрпел македонскиот устав од независноста на државата, од 1991 година, се чини дека тој како постојано да е „мек стомак“ и „лесна опција“ со негово отворање да се дојде до „решавање“ на одредени појави и проблеми во државата и во општеството. Но пресимптоматично е веќе што освен некои домашни општествено-политички субјекти, сѐ повеќе надворешни фактори отворено си дозволуваат гласни иницијативи, сугерирање, па дури и да уценуваат за промена на македонскиот устав!? Од меѓународноправен аспект земено, експертите се еднодушни дека по ниту една основа не е дозволиво надворешен фактор да иницира промена на Уставот на друга суверена држава. Тоа е флагрантно мешање во внатрешните работи на друга држава, како што го практикува тоа Бугарија кон Македонија.

Промена на нашиот устав, услов спакуван во европска обланда?!

Актуелноста на барањата на Бугарија за интервенција во македонскиот устав, со додавање на Бугарите во уставната преамбула на начинот како што тоа го прави официјална Софија, експлицитно наведува на мешање во внатрешните работи на Македонија. Тоа е наведено како барање (услов) од европски вид, за заштита на правата на одредена група граѓани во Македонија, кои се самоизјаснуваат како Бугари.
– Менување на македонскиот устав по барање на влада на друга држава е крајно невообичаено, дури и непримерно во меѓународните односи. Одредена иницијатива за внeсување на Бугарите во Уставот на Македонија би можела да се разгледа доколку оние граѓани на Македонија што се самоизјаснуваат како Бугари поднесат самите барање да бидат споменат во него. Но присуството на Бугарите во Македонија се одредува според тоа колку граѓани се изјасниле како такви на пописот. Од оние 1.400 или 1.700 пријавени Бугари на претходниот попис во Македонија, досега немало барање за нивно внесување во Уставот. За да започне процедура за менување на еден национален устав, иницијативата треба да биде од граѓани на државата, а не по барање на влада од друга држава. Ако тоа го бара влада на друга држава, тоа имплицира на мешање во внатрешните работи на една земја – вели универзитетскиот професор Владо Поповски, еден од креаторите на македонскиот устав.

Уставот е материја што ја дефинира организацијата на државата на подолг
временски период

Уставниот судија Трендафил Ивановски е приврзаник на ставот дека Уставот во принцип е материја што треба да ја дефинира организацијата на државата на еден подолг период, што не значи дека не треба да менува и усогласува со промените и процесите во државата и општеството. Во тој контекст, Ивановски нагласува дека тие промени не треба да бидат чести и, секако, да произлегуваат од внатрешните потреби на граѓаните на државата, а не под влијание на каков било надворешен притисок.
– Промените што ги има доживеано македонскиот устав од независноста, во голема мера се направени за опстанок на државата, но често под притисок однадвор, колку и под притисок од внатрешнополитички процеси. Првата промена ја направивме под притисок на Грција, додавајќи ги амандманите дека немаме територијални претензии кон соседите, колку и да звучеше апсурдно да се даваат такви гарaнции кон поголеми и помоќни држави. Потоа, тоа се направи поради Охридскиот договор, па за Преспанскиот договор… Со актуелните барања на Бугарија за менување на нашиот устав, самата таа влегува во жива политичка кал, во која нѐ вовлекува и нас, како Македонија. Во суштина, идејата за внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав не би предизвикала толкава контроверзија во Македонија, ако не се правеше на начинот како што сега тоа го бара Бугарија – со уцена и неподготвеност за реципроцитет. Надворешни притисоци за менување на устав на една држава не е никако соодветен приод, ниту според цивилизациските принципи ниту според принципите на ЕУ – вели уставниот судија Трендафил Ивановски.