Не навредувајте ја Франција!

Баталете ги пишувањата на локалните квазиинтелектуалци, квазиисторичари и квазианалитичари на политиката и на меѓународните односи. Франција не ги заслужува овие гнасни напади од владините апологети, кои не знаат како да излезат од кашата што самите си ја зготвија. Од тие причини го пишувам и овој текст, за да укажам дека во Македонија живеат личности што се одговорни за своите постапки и за своите акции, па не бараат виновник за сопствените грешки, а ни заштитник зад кој ќе ги скријат својата беда и неспособност

Став

Што ја предизвика оваа антифранцуска хистерија во јавноста? Деновиве предлогот за надминување на бугарското вето кон Македонија беше неправедно наречен „француски предлог“ во македонската и во бугарската јавност. Велам неправедно, затоа што, всушност, станува збор за предлог испреговаран помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и премиерот Кирил Петков. Веќе не треба да има никакви дилеми дека бевме сведоци на невидено извитоперување на фактите за пред македонската јавност, во изминативе две седмици.
Предлогот Ковачевски – Петков е испреговаран до најситните детали на релацијата Скопје – Софија, а француската дипломатија веројатно била само добронамерен медијатор и се согласила на себе да го земе товарот на кукавичлакот на македонската и на бугарската влада самите да излезат на црта и да се соочат со јавноста, претставувајќи го сопствениот предлог. Нормално, Франција совршено ги познава балканските лудории и бедотијата на балканските политичарчиња, па одлучила и овој пат да излезе во пресрет, сè со цел да ги врзе трајно земјите од Западен Балкан во европската сфера на влијание.
Баталете ги пишувањата на локалните квазиинтелектуалци, квазиисторичари и квазианалитичари на политиката и на меѓународните односи. Франција не ги заслужува овие гнасни напади од владините апологети, кои не знаат како да излезат од кашата што самите си ја зготвија. Од тие причини го пишувам и овој текст, за да укажам дека во Македонија живеат личности што се одговорни за своите постапки и за своите акции, па не бараат виновник за сопствените грешки, а ни заштитник зад кој ќе ги скријат својата беда и неспособност.
Франција е стожерна држава на Европската Унија, а Париз е веројатно најмоќен политички центар во ЕУ. Француската дипломатија е една од најмоќните и највмрежените глобални дипломатски служби, со одлично присуство и во Македонија. Да не се залажуваме дека Франција нема свои интереси во Македонија. Тие се тука присутни повеќе векови (културно, економски и дипломатски), а и ќе останат значајна сила за регионот и далеку во недогледната иднина. Француското претседателство со ЕУ беше ужасно пропуштена можност за многу поагресивен настап на Македонија пред француската јавност, но Владата ја сведе целата приказна на нивната опсесија со датумот по секоја цена, па ја однесе целата држава во ендек, а македонската европска интеграција во бездна.
Предлогот Ковачевски – Петков лесно може да се претвори во краткорочен и во среднорочен кошмар за Македонија, во злосреќен маѓепсан лавиринт за македонската европска интеграција и во нов безизлез за македонската дипломатија. Но македонскиот однос кон Франција мора да претрпи коренита промена и темелно преобмислување. Тука не зборувам само за македонската надворешна политика, туку и за целото македонско општество. Црниот и црвениот конец на простата и строга македонска приказна мора да трајно да бидат вткаени во Градот на Светлината, а тоа бара конечно развивање долгорочна стратегија за македонско-француските односи.
Нам ни останува само да се чукнеме во главата и да увидиме зошто Франција е убедливо најзапоставената европска велесила во македонската надворешна политика, зошто македонската дипломатија мошне скромно е присутна во Париз и зошто никаде ја нема македонската култура во „хексагоналата“.

Автор:Ивица Боцевски