Според професорите со кои се консултиравме, за да се направи широка платформа за добивање граѓанско релевантно мислење, кое ќе им даде легитимитет на државните институции и функционерите што ги претставуваат државата и народот, неопходно е да се активира највисокиот демократски инструмент, а тоа е плебисцитарното граѓанско непосредно изјаснување. Тој резултат би бил одлучувачки, конечен. Впрочем, затоа и постојат референдуми – да се консултираат граѓаните, т.е. да се констатира и потоа да се почитува нивното мислење во вакви историски моменти, а не на поединци, интересни групи или организации…

Македонските граѓани и нивната инволвираност во одлуката за (не)прифаќање на преговарачката рамка за ЕУ

Единствената извесност од сензационално објавеното компромисно решение меѓу Скопје и Софија за македонската преговарачка рамка со ЕУ, од страна на францускиот претседател Макрон на сцената на НАТО во Мадрид, според сите подоцнежни изјави на вклучените во процесот на усогласување, е дека ЕУ и Бугарија сакаат одговорноста за прогресот на македонските евроинтеграции (но и оние на Албанија) да ја префрлат врз македонската држава. Наводната модификација на претходно одбиениот француски предлог на преговарачката рамка, од македонскиот премиер Ковачевски, го фрла предизвикот на историска одговорност за македонскиот избор за европска иднина без автентично идентитетско минато, или гризење на совеста за одбивање непристоен предлог, со уцена од видот „земи или остави“.

Заборавивме ли дека нашиот највисок законодавен дом и најзначаен столб
на власт донесе Резолуција?

Речиси цел ден по најавата за „подобрената преговарачка рамка“ и ветувањето од премиерот Ковачевски за воспоставување процес на широки општествени консултации, содржината на документот не беше објавена на веб-страницата на Владата, иако така беше ветено. Во меѓувреме, од бугарски извори пристигнаа информации дека „предлогот на Франција до Бугарија и Македонија за решавање на спорот е идентичен со првичниот што беше изгласан во бугарскиот парламент“, една недела претходно, откако во Брисел беше отфрлен од македонскиот премиер. Освен бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, тоа го кажа и француската амбасадорка во Софија, Флоренс Робин.
Македонија во изминатите пет години е под континуиран предизвик и искушение во носење одлуки за избор меѓу европската и евроатлантската интеграција на сметка на национално-идентитетската дезинтеграција. Притоа, во правењето на таквите избори го има и лошото искуство со веродостојноста на ЕУ во исполнувањето на своите ветувања и придржувањето до сопствените принципи и универзалните вредности вградени во меѓународното право за самоопределување и себеименување. Таквото „лошо искуство“ е уште во свежата национална меморија, по сите перипетии за усвојување на Преспанскиот договор, со кој се смени уставното име на државата (што имаше импликации и тенденции за промена и во именувањето на јазикот, како и на националноста – Македонци)…, но и четири години подоцна Македонија се соочува со вета за почеток на преговорите за членство во Унијата.
Сите овие состојби и искуства наметнуваат императив за најшироко плебисцитарно изјаснување на македонските граѓани за т.н. модифицирана преговарачка рамка на француското претседателство со Советот на ЕУ, надминувајќи ги изразените намери на Владата за консултации во рамките на политичките субјекти и институции, евентуално дополнети со мислењето на граѓанските организации.

Само референдум е демократскиот инструмент што е врв на демократијата
и посилен од сите државни институции

– Станува збор за договор со ЕУ (преговарачка рамка) што е обврзувачки и голема, всушност историска, е одговорноста за давање македонска согласност за него. Одолжувањето со неговото (не)објавување од страна на Владата создава сомнежи во јавноста, особено по информациите што доаѓаат од странски медиуми и изјави дека овој, наводно, модифициран предлог на преговарачката рамка, всушност, е идентичен со оној прифатен од бугарското собрание, а првично одбиен од македонскиот премиер. Ако навистина станува збор за ист документ со неколку промени во интерпретацијата, тогаш и тој требало да биде одбиен од Владата. Кога Владата веќе ја „голтнала јадицата“ на ЕУ, сега останува тој предлог да се стави на плебисцитарно разгледување и одлучување. Претходно, предлогот во целост треба да ѝ биде достапен на јавноста и да се овозможи дискусија во јавноста на сите нивоа. Кога работите со предлогот на преговарачката рамка за ЕУ се дојдени до оваа фаза, при донесена Резолуција во парламентот, Владата не може да донесе одлука за нејзино прифаќање. Само непосредното изјаснување на граѓаните е демократски инструмент што е врвот на демократијата и најсилна алатка. Но при евентуалното плебисцитарно изјаснување, референдумот не смее да биде изманипулиран со трик-прашања, ниту резултатот на биде игнориран во понатамошните процедури за негово прифаќање или отфрлање. Инаку, целата претстава со ветата и наводно усогласување на македонската преговарачка рамка е „евтин трик“ на ЕУ и Бугарија, со кој сакаат одговорноста да ја префрлат на Македонија – вели универзитетскиот професор по филозофија Ферид Мухиќ.
По првичната информација дека е официјално испратен францускиот предлог на преговарачката рамка со ЕУ до македонското министерство за надворешни работи, додека сѐ уште беше јавно објавен целосниот документ, интелектуалците реагираа на социјалните мрежи за краткиот временски рок за расправа (од неколку дена), кој го најавија од Владата. Професорот филозоф Љубомир Цуцуловски апелира политичарите да престанат со однесувањето „купи ден, продај држава/нација“.
– Неопходен е референдум! Според фејсбук-соопштението на премиерот Ковачевски, најновиот француски предлог ќе бил „… ставен на широк консултативен процес.“ Во тој процес, како што објавува Ковачевски, ќе биле вклучени Владата, политичките партии, претседателот на државата, парламентот, граѓанскиот сектор (што ли му е тоа?), експертската, како и севкупната јавност. Притоа, овој консултативен процес ќе се остварел во наредните денови. Значи дека за толку битна одлука, од која целосно зависи судбината на македонската држава/народ, ќе се расправа/консултира само во наредните денови – ни повеќе, ни помалку? Или, што е исто, само неколку дена. Настрана го оставам прашањето според кој принцип е направен редоследот на тие што ќе бидат консултирани. Односно, зошто на прво место е наброена Владата, па дури на крајот е ставена севкупната јавност/граѓаните, бидејќи многу побитно е да се имаат предвид следниве два момента.

(1) Не е можно да се консултира мислењето на севкупната јавност/граѓаните без да се одржи референдум, чиј резултат ќе биде одлучувачки, конечен. Впрочем, затоа и постојат референдуми – да се консултираат граѓаните, т.е. да се констатира и потоа да се почитува нивното мислење.
(2) Не е можно да се остварат стварни, што значи вистински консултации (за толку битна одлука) само во неколку дена, бидејќи за таква одлука се потребни месеци и месеци, исполнети со дискусии и консултации, бидејќи по донесената одлука не ќе биде можно враќање назад. Односно, не ќе може да се прифати пишманењето од типот „пу, пике, не важи!“
Накратко, доста е со однесувањето според принципот „купи ден, продај држава/нација – напиша на социјалните мрежи, професорот Љубомир Цуцуловски.