Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на еден од најголемите христијански празници, Христовото воскресение – Велигден, „Нова Македонија“ подготви празнично интервју со отец Бобан Митевски

Интервју со отец Бобан Митевски, свештеник на МПЦ-ОА

Овој Велигден сликите од празнувањата за Велигден ќе бидат различни, бидејќи веќе не се во сила ригорозните ковид-протоколи.
Колку празниците можат да бидат обединувачки на луѓето, на што се должи поделеноста во македонското општество, како пандемијата на ковид-19 влијаела врз верскиот живот, но и нерешеното црковно прашање беа дел од предизвиците со кои Македонската православна црква-Охридска архиепископија се соочуваше изминатава година.
Токму во пресрет на еден од најголемите христијански празници, Христовото воскресение – Велигден, одговор на сите овие прашања дава отец Бобан Митевски, кој ѝ припаѓа на помладата генерација свештеници во скопската епархија при МПЦ-ОА.

Велигден е најголемиот Христијански празник. По две години пандемија, оваа година празнувањето се враќа во нормала. Како црквата гледа на овие години на искушенија?
– Црквата секогаш ги набљудува времињата во контекст на промислата Божја. Сè се случува по Божјата промисла. Бог допушта и индивидуални и сесветски искушенија, и тие се или за покајание или за прославување. Ова последното искушение, што ја засегна севкупноста на живеењето, неминовно требаше го поттикне човекот на смирение и на покајание, на поправање. Мислам дека современиот човек сфати колку е немоќен, се виде поразен во целост од едно толку мало, микроскопско нешто. Скромноста своја, познанието за смислата на своето постоење, ограниченоста и зависноста, како создание, од Бог Создателот и Неговите дарови, човекот ги беше потиснал со својата суета, со самодоволноста, со желбата да биде бог без Бога. Но Бог како грижлив Отец нè посети со Својата љубов и ни понуди можност да се вратиме од духовната темнина кон светлината. Мислам дека на современиот човек му треба уште време да се одвикне од поведението на злото и да го присвои тоа што му е природно како нарав – љубовта Божја.
Празниците ја имаат улогата и на обединување, дали Велигден оваа година ќе може да го обедини поделеното македонско општество?
– Добро велите, зашто навистина празничните – литургиските се собранија на заедништвото. Поделеноста е уште еден од резултатите на отуѓеноста од Бога, а со тоа и од ближниот. Македонското општество е поделено зашто меѓу нас многу завладеале суетата, себичноста, завидливоста… Ако сакаме добробит и хармонија, треба да почнеме од сопственото поправање, секој поединечно и така сите заедно. Ете, Евангелието – книгата на животот, ни нуди многу прекрасни поуки, па можеме, на пример, да почнеме, земајќи ја како девиза следнава: „Тоа што не сакате да ви го прават вам, не правете им го вие на другите“.
Со Велигден завршува и големиот пост. Колку причеста е важен момент од празнувањето, наспроти општите критики што беа насочени кон црквата изминативе години за употребата на едно лажиче за причест во услови на пандемија?
– Самиот Христос, кој на Тајната вечера ја востанови Евхаристијата (Причеста), рече: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јн. 6, 54). Овие Божји зборови доволно ни кажуваат за смислата од причеста како постојана потреба, постојана тенденција во духовниот живот на верникот. Без причеста немаат смисла верата, литургијата, духовното живеење. Во причеста ние се соединуваме со Бога, што е и целта на нашето постоење. Не секогаш низ историјата причеста се делела на ист начин – пред да биде воведено едно општо лажиче, Телото му било раздавано на парчиња на секого, а потоа сите пристапувале и пиеле од едната општа чаша. И во овој случај имаме ситуација што не ги подразбира пандемичните мерки. Историјата, но и благодатта Божја ни докажуваат дека на оној што пристапува со вера, причеста му е на здравје и спасение. За оној што не пристапува со вера, не е извор на исцеление. Црквата требаше и се сообрази со општите напори во борбата со пандемијата и го измени своето секојдневие заради општиот добробит. Но не може и не треба да го суспендира и тоа што е есенција и нејзин своевиден идентитет, не поради недокажани и нелогични ставови, искажани од страв, од слаба вера или тенденциозно – од атеистичка расположба.
Успева ли МПЦ да се справи со критиките, но и со современите општествени предизвици?
– По моето лично мислење – не секогаш, а некогаш и недоволно. Нам насушно ни треба професионален оддел за односи со јавноста, подобар пиар, но и тоа што има благослов, кој треба и смее и за што да дава официјални изјави. Секако, постојат и ситуации кога и не треба и не вреди МПЦ, како институција, да се докажува – зашто тоа ќе личи на донкихотовскиот дијалог со ветерниците.
Автокефалноста останува најголемиот предизвик. Дали надежите остануваат само надежи, ако се земе предвид општата состојба во православието?
– Веројатно, сега за сега, тоа е реалноста, која се должи на општата состојба во меѓуправославните односи. За нас е важно што нашето црковно прашање се врати на дневен ред, што покажавме и иницијативност и зрелост, особено преку некои поединци што ѝ се познати на црковната, па и на општата јавност, да го наметнеме и повторно да го поттикнеме решавањето на нашиот статус. И сите решенија беа во таа насока – да се дојде до вистинската адреса, според каноните и преданието – до Вселенската Патријаршија, која го има правото да доделува томос за автокефалија. Некои чекори на црквата, и од одредени структури во политичката јавност, па и внатре во црквата меѓу некои маргинални кругови, не беа сфатени и дочекани како вистински и природни, туку поради разната припадност на споменатите, или поради незнаење, беа судени со националистичка и политичка реторика. А ова прашање е во ексклузивна припадност, според надлежностите, на Синодот и секое решение, одлучено со мнозинството, е решение и насока за целата полнота на нашата црква: и за клирот и за верниот народ. Секое отстапување од одлуката на САС е или суета, или пропаганда, во секој случај некој вид на раскол со полнотата.
Неодамна имаше апели од СПЦ за возобновување на дијалогот со МПЦ, дали има нешто конкретно?
– Како што споменав, ова прашање е исклучиво во надлежностите на Светиот синод и веројатно кога ќе има нешто конкретно за да се сподели со јавноста, тоа ќе биде направено.
Вие сте свештеник од помладата генерација на МПЦ, колку сте задоволен од црковниот живот и од вклученоста на верниците во него?
– По милоста Божја, плодовите на проповедта се умножуваат таму каде што се служи и проповеда ревносно и светопреданиски. Луѓето се жедни за Бога, но за да се привлечат луѓето треба да се даде соодветниот пример, свештеникот да биде образец за тоа што го проповеда. Во секој случај, треба многу труд, голема жртва, вистинско поведение, изобилни молби, па со содејство на Божјата благодат, без која ништо не успева, да се надеваме на обилни плодови.
Постојано сме сведоци на нападите врз македонското име, идентитет, јазик и култура. Македонската православна црква е неделив дел од македонското опстојување. Како ги оценувате тие напади и оспорувања на сè што е македонско?
– Повеќе би сакал да го свртам одговорот кон тоа што се причините за таквите надворешни дејанија кон нашата македонска посебност. Тоа е нашето неединство. Ранливиот поверојатно е да стане нечија жртва. Од друга страна, ги почитувам и размислувањата на тие што сметаат дека идентитетското е своевидна светиња, но дека некогаш постојат предизвици што бараат жртва, секако заради поголема бенефиција и повторно од патриотски побуди, што не секој го разбира во овој контекст. Особено кога некој е немоќен, мал, неединствен…