Финансиската едукација е една од стратегиските цели на Народната банка. Населението што има познавања од областа на финансиите ги знае предностите од користењето различни финансиски услуги и е посвесно за ризиците. Во таа насока, во рамките на активностите за финансиска едукација, Народната банка изработи поимник на термини од областа на банкарското и централнобанкарското работење.
Со поимникот е објаснето значењето на околу сто стручни термини, на едноставен јазик, разбирлив за широката јавност. Поимникот е достапен на следната веб-страница: https://www.nbrm.mk/poimnik.nspx.
Овој вид едукација, во крајна линија, обезбедува поголема вклученост на населението во финансиските текови и олеснет пристап до финансии. Токму затоа се преземаат низа активности за подобрување на финансиската писменост. По иницијатива на Народната банка, заедно со другите финансиски регулатори, минатата година беше изработена и првата национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија. Народната банка презема повеќе тековни активности, како организација на предавања, анкети, изработка на едукативни материјали, за организирано и системско подобрување во овој сегмент – велат од НБРМ. Е.Р.