Во науката и, особено, во историјата нема „брзи“ решенија. Секое решение што е донесено набрзина, значи дека е во функција на задоволување на политичките интереси во одреден момент

Постигнувањето почетен договор меѓу Македонија и Бугарија до крајот на јуни и натаму е неизвесно. Надежите за наоѓање „брзо“ решение, кои беа силно подгреани со изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која во Софија побара од Бугарија да помогне во спроведувањето на одлуката на Европскиот совет за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија, спласнаа инстантно. Никој од коалициските партнери во бугарската влада на Кирил Петков не најде разбирање на сугестијата дека е важно земјите-членки на ЕУ „да го исполнат ветувањето кон соседите во овие тешки времиња“.
Под притисокот на јавноста во Бугарија, во настапот пред бугарските пратеници, Кирил Петков и самиот се огради од „брзо решение“ на спорот со Македонија. И поранешниот бугарски министер за одбрана и поранешен технички премиер Стефан Јанев реплицираше на сугестијата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, според него „брзањето е под надворешно влијание, што не е во нивен национален интерес“.

Какви се моменталните процени на политичките аналитичари во земјава

Поради неповолната политичка клима што владее во Бугарија, македонскиот политички аналитичар Жидас Даскаловски не очекува и не верува во наоѓање некакво брзо компромисно решение што би можело да го симне бугарското вето за почетокот на преговори за Македонија за приклучување во Европската Унија.
– Политичките состојби во Бугарија не ни одат во прилог дека до јуни ќе почнеме преговори со ЕУ. Две партии од четирите коалициски партнери во владата на бугарскиот премиер Петков се противат на какво било решение, кое за нив би претставувало некаков компромис во односите со Македонија, а кое за нас би претставувало прифатливо решение. Не верувам дека сегашните гаранции од ЕУ за почитување на правата на бугарското малцинство во Македонија би ги задоволиле интересите на коалициските партнери на Петков. Политичката состојба во Бугарија воопшто не е поволна за евентуално почнување на преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ – изјави Даскаловски.
Поранешниот македонски амбасадор во Софија Марјан Ѓорчев смета дека доколку Петков се обиде да направи сериозен исчекор со деблокирање на македонскиот европски пат, можно е изгласување недоверба на владата и нова политичка криза во Бугарија.
– Бугарските политички партии, независно дали се во прашање владејачките или опозициските, имаат единствен став дека Бугарија не е подготвена да го повлече ветото за почнување преговори на Македонија со ЕУ. Сосема е извесно дека без решавање на клучните идентитетски и историски спорни точки во македонско-бугарскиот однос, секој политички обид за да се омекне „тврдиот бугарски став“ и да се деблокира европскиот пат на Македонија е осуден на неуспех – изјави Ѓорчев за „Дојче веле“.

Не се препорачливи брзи решенија

Покрај неуспехот да се постигне некакво брзо дипломатско решение, постои мала веројатност да се постигне и договор кај членовите во мешаната историска комисија за толкување одредени настани во минатото.
– Во науката и, особено, во историјата нема „брзи“ решенија. Секое решение што е донесено набрзина, значи дека е во функција на задоволување на политичките интереси во овој момент. Секое толкување на историските настани мора да биде поткрепено со релевантни документи и други докази и тие да бидат потврдени низ историска стручна расправа на симпозиуми и слично. Не очекувам дека до јуни ќе се постигне некаков напредок во работата на заедничката историска комисија. Со избрзани решенија нема ништо да се постигне и ќе се повтори истата грешка, а постигнување некаков „компромис“ на краток рок за одреден лик од минатото, ќе значи дека комисијата работела под политички притисок и таа ќе мора да се распушти – ни изјави историчарот Тодор Чепреганов,
Во декември 2020 година, Софија стави вето на почетокот на пристапните преговори со Македонија, барајќи Скопје да ги исполни условите од Договорот за добрососедство и да ги признае бугарските македонски корени и јазик. Таа лани ги модифицирала барањата и ги формулирала во документот „Пет плус еден“. Бугарија бара од Скопје да признае дека историјата на Македонија пред 1944 година е всушност историја на Бугарија и дека, како што се тврди, треба да престане да поседува некои бугарски историски личности.
Условот на Софија за деблокирање на преговорите на ЕУ со Македонија е да престане наводниот говор на омраза кон Бугарите и да обезбеди уставни измени за заштита на бугарското малцинство, додека ЕУ треба да обезбеди механизми за контрола дали Скопје се придржува до тие обврски. М.Ј.