Фото: Емил Јовановиќ

Правните експерти посочуваат дека дефинитивно постои правна недоследност во истражуваниот случај. Но во нашиот позитивноправен систем такви правни вакууми се детектирани на многу места, а реакциите на јавноста или на експертите не се процесирани. Токму тоа остава простор за многу злоупотреби и манипулации, но и поништени тендери, тужби и жалби во недоглед. Несомнено овие правни преседани, според оцената на правниците, се само уште една потврда дека Македонија како држава не може да се повикува на владеење на правото и многу повеќе говорат за немањето вистинска волја да се детектираат проблемите и да се решаваат во согласност со правните прописи и процедури. Случајот со јавниот повик за доделување концесии за вршење стопански риболов во риболовната зона Далјан, распишан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е само уште еден пример и потврда за „дефицитот на низа нешта за вистински да постои – владеењето на правото!“

Јавниот оглас за концесија за стопански риболов во подрачјето Далјан – Струга под лупа на експертската јавност

Недореченостите во македонскиот правен систем оставаат простор уште еден јавен оглас да пропадне само затоа што или постои елементарно непознавање на правните процедури или, пак, некои работи се прават од чисто лукративни причини.
Токму поради еден ваков правен преседан би можел одново да пропадне јавниот повик за доделување концесии за вршење стопански риболов во риболовната зона Далјан, распишан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, чиј рок за доставување понуди истекува утре во 10 часот, кога во просториите на Министерството ќе биде направено и јавно отворање на пристигнатите понуди, иако во Управниот суд се води жалбена постапка за претходниот оглас за истото риболовно подрачје.
– Распишан е нов оглас за јавни набавки, кој се затвора утре, а стариот не е завршен бидејќи претходно е влезен во судска постапка во Управен суд. Ова е целосно противзаконски. Еве, огласот завршува утре и да претпоставиме комисијата одлучи да му ја даде концесијата на најповолниот понудувач, а потоа Управниот суд каде што веќе има постапка наложи да се додели концесијата по претходниот оглас. Како ќе се реши тоа? Треба да пропадне тендерот, а во меѓувреме, ресурсите неплански се трошат: и време и пари и нерви, а безмилосно се опустошува богатството на нашето Охридско Езеро – вели за „Нова Македонија“ добро информиран извор за концесионерските состојби, токму за Охридско-струшкиот Регион, во врска со што, нашиот медиум, поаѓајќи од длабокиот јавен интерес за сите аспекти поврзани со Охридско Езеро, истражува веќе подолго време.
Според изворот, целата оваа правна недоследност, недореченост и „слалом“ што ги заобиколува правните прописи и процедури (од небрежност или со умисла) се „креирани од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, распишувајќи нов оглас, без да ја сочека одлуката на Управниот суд по жалбата од претходниот јавен оглас“.
– Дека работата не е чиста се виде по самото тоа што МЗШВ одбиваше да ја достави целокупната документација од отворањето на понудите од минатиот оглас до Управниот суд, со намера судот да не може да заседава и спорот да пропадне. Сепак, ние успеавме по некои наши канали да ги набавиме овие списи и да ги доставиме до Управниот суд – тврди изворот.
Тој понатаму уште додава дека во следниот период ќе достават и поднесок за приоритет на овој предмет, со очекување Управниот суд во најкраток можен рок да се изјасни по нивната тужба.

– Додека ние тужиме и има спор, МЗШВ објавува нов оглас за истата јавна набавка. Тоа не држи вода и е спротивно на законот – смета анонимниот извор.
Негово очекување е дека по доставената целокупна документација, Управниот суд ќе одлучи позитивно и ќе му наложи на МЗШВ да ја додели концесијата во согласност со претходниот оглас.
– Чекаме Управниот суд да се произнесе и ако одлучи позитивно, во тој случај треба да го задолжи МЗШВ да ни ја додели концесијата во согласност со претходниот оглас распишан од ова министерство. Правдата е на наша страна. Во огласот се бараше инсталација во сопственост или под закуп, ние склучивме договор за закуп и тој договор беше вклучен во тендерската документација. Комисијата без причина ни го отфрли овој договор, но се надеваме дека Управниот суд ќе ни го прифати и ќе бидеме повикани на нова евалуација и ќе биде направен нов договор за концесија – вели изворот на „Нова Македонија“.
Според него, МЗШВ го фаворизира и поранешниот концесионер, кој иако подолг период не е концесионер, не ја отстранува инсталацијата од огласеното подрачје, со што на некој начин се стекнува со предност пред другите конкуренти.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство тврдат дека сè е според законот и дека нема никакви пречки за распишување нов јавен повик за риболовното подрачје Далјан.
– Комисијата за спроведување постапка за доделување концесија на рибите за вршење стопански риболов на риболовната зона Далјан формирана од Владата, со Решение бр. 44-11002/14 од 1 декември 2020 година ја подготви тендерската документација и го објави Јавниот повик за доделување концесија на рибите за вршење стопански риболов. По завршувањето на рокот за доставување понуди на ден 29.3.2021 година, јавно ги отвори пристигнатите понуди во присуство на овластените претставници. На ден 31.3.2021 година, комисијата ги евалуира комплетните понуди, при што констатира дека двете пристигнати понуди се неприфатливи и достави предлог-одлука за поништување на постапката до Владата. Владата донесе Одлука за поништување на постапката за доделување концесија на рибите за вршење стопански риболов на риболовната зона Далјан бр. 40-4951/7 од 27 април 2021 година. Понудувачите незадоволни од одлуката поднесоа жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, која донесе решенија за отфрлање на жалбите, на што понудувачите имаат право на тужба до Управен суд. Тужбата не го одложува Решението на Државната комисија за жалби по јавни набавки, кое е конечно – појаснуваат од МЗШВ.
Од министерството категорично демантираат какво било фаворизирање на претходниот концесионер, оквалификувајќи ги ваквите тврдења како невистинити.

– Не се фаворизира ниту еден субјект, бидејќи Јавниот повик е објавен и ги содржи сите елементи во согласност со законските одредби и на кој може да достават понуди сите заинтересирани понудувачи – додаваат од МЗШВ, дополнувајќи дека во договорот за концесија не постои обврска за отстранување на инсталацијата.
Од друга страна, познавачите на состојбите сметаат дека доколку Управниот суд одлучи позитивно и ги прифати аргументите на тужителот, тогаш се создава еден правен преседан, односно се отвора можност повторно да пропадне уште еден тендер.
– Државата не би требало да распишува оглас за нешто за што постапката сè уште не е завршена. Тоа би требало по правило да е така бидејќи има за неколку јавни повици и набавки веќе поднесено тужби каде што се констатирало дека постапката е спроведена како што треба или не е спроведена како што треба, па тогаш ќе се види зависно од одлуката на Управниот суд или евентуално жалба до Вишиот управен суд, што треба понатаму да се прави. За жал, кај нас сè е можно – вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Тој појаснува дека одлуката на Државната комисија за жалби по јавни набавки е конечна, но дека Управниот суд може да ја укине.
– Точно е дека одлуката на Државната комисија за жалби по јавни набавки е конечна, но Управниот суд има право да ја укине, да ја врати на повторна жалбена постапка или да ја потврди. Дури тогаш таа одлука станува правосилна и извршна. Во меѓувреме не треба да се распишува ист оглас бидејќи доаѓа до преседан. Ако се изјасни Управниот суд позитивно, тогаш луѓето што се жалеле го добиле тендерот. А сега, имаме нови луѓе што исто го добиле новиот тендер, па сега тие треба да почнат постапка, да поднесат жалба, тужба пред Управен суд, жалба пред Виш управен суд итн. Ова што се прави е или од класично непознавање на работите или тенденциозно со некаква друга лукративна заднина или нешто слично – заклучува Давидовиќ.
Правните експерти посочуваат дека ваквата правна небулоза присутна во нашиот позитивноправен систем покажува дека постои правен вакуум што треба да се регулира и кој остава простор за многу злоупотреби и манипулации, но и поништени тендери, тужби и жалби во недоглед.
Несомнено овие правни преседани, според оцената на правниците, се само уште една потврда дека Македонија како држава не може да се повикува на владеење на правото и многу повеќе говорат за немањето вистинска волја да се детектираат проблемите и да се решаваат во согласност со правните нормативи.
Тука можеби и треба да се бараат причините за исклучително ниската доверба што ја имаат македонските граѓани во правниот систем, а очигледно владеењето на правото ќе биде најголемиот предизвик во преговорите за членство во Европската Унија, на кои толку долго чекавме. Ако тука потфрлиме, ќе останеме заглавени во европското предворје уште многу години.