Фото: Игор Бансколиев

Иницијативата меѓу Бугарија и Грција за изградба на нуклеарна централа отвора можност за воспоставување нов вид регионална соработка во областа на енергетиката. Тоа претставува добра основа за воспоставување посилни врски во енергетиката, што би имало и подлабоки референции за надградба на добрососедските односи и во поширокиот регион. Имено, во ситуација кога на Македонија, а наедно и на источниот и јужниот сосед, а особено со Бугарија, им се потребни релаксирање и унапредување на заемните односи, една конкретна соработка во енергетскиот сектор можеби би била реален инструмент за исчекор во таа насока. Може ли нашата земја да се избори да биде на агендата на иницијативата за билатералната нуклеарно-енергетска соработка меѓу Бугарија и Грција, па истата таа да стане трилатерална, со активно учество на Македонија, за поголема енергетска сигурност?

Бугарија и Грција напредуваат во разговорите за изградба на нуклеарна централа

Бугарија и Грција напредуваа во разговорите за изградба на нуклеарна централа, која ќе им обезбеди поголема енергетска сигурност. Преговорите меѓу Бугарија и Грција за изградба на нуклеарна централа сè уште се во првата фаза, но од Софија се искажуваат „добри намери“ за поблиска соработка во енергетската област со нивниот јужен сосед. Идејата за реализација на ваков билатерален проект, прв ја објави бугарскиот вицепремиер и министер за финансии Асен Василев, по враќањето од посетата на Грција на 22 февруари годинава, по разговорот со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Ќе се чека експертска студија

Атина и Софија ќе ја почекаат експертската студија, во период од 12 месеци, време во кое бугарската владејачка коалиција ќе треба да се договори за новата електроцентрала. Асен Василев на крајот на февруари објави дека целта е да се потпише 20-годишен договор со Грција за користење на нуклеарната енергија, која ќе се произведува во Бугарија. Според него, нуклеарниот проект треба да се изгради „исклучително брзо“ бидејќи има купувач за струја, со што се елиминира деловниот ризик. Засега, не е познато по која цена ќе се испорачува струјата. Бугарскиот министер за енергетика Александар Николов посочува дека проектот може брзо да се изгради само на постојната локација на нуклеарната централа во Козлодуј.
Македонија се откажа од опцијата за изградба на нуклеарна електроцентрала на македонска територија, но иницијативата меѓу Бугарија и Грција отвора можност за воспоставување нов вид регионална соработка во областа на енергетиката.
Тоа претставува добра основа за воспоставување посилни врски во енергетиката, што би имало и подлабоки референции за надградба на добрососедските односи и во поширокиот регион. Имено, во ситуација кога на Македонија, а наедно и на источниот и јужниот сосед, а особено со Бугарија, им се потребни релаксирање и унапредување на заемните односи, една конкретна соработка во енергетскиот сектор можеби би била реален инструмент за исчекор во таа насока.

ЕУ дала сериозни забелешки во однос на реализацијата на овој проект?!

За тоа колку е остварлива оваа идеја, македонскиот експерт во енергетиката Константин Димитров вели дека Грција и Бугарија имаат потпишано меморандум за соработка во производството на нуклеарната енергија, по примерот на компанијата што инвестирала и во Романија, но дека од Европската Унија дале сериозни забелешки во однос на реализацијата на овој проект.
– Во принцип, заедничкото инвестирање во енергетски објекти во друга земја носи извесен ризик, од аспект на можно нередовна испорака на електрична енергија, поради низа политички и економски причини. Тоа, како држава нѐ прави и зависни од волјата на производителот во редовноста на испораката на енергија во однос на договорените количества. За изградбата на нуклеарна електроцентрала се потребни повеќе години. Тоа што е потребно за Македонија, во овој момент, се посигурни инвестиции во националниот енергетски сектор. Приоритет е да се обезбедат доволни количества јаглен за домашните термоцентрали и зависноста од увоз на овој ресурс да го сведеме на 10-15 отсто, а не како сега да изнесува од 30 до 40 отсто. Исто така, неопходна е пренамена на блоковите во Битола за да користат природен гас, со што ќе се користи и за производство на топлинска енергија, а со тоа ќе се намали и загадувањето во градот. Откако ќе го искористиме потенцијалот за гасни централи, тогаш да пристапиме кон инсталирање опрема на нуклеарен погон со мал капацитет, но за тоа ќе биде потребно да се обезбеди и доволно количество вода, за што ќе биде неопходно прво да се изградат браните „Чебрен“ и „Галиште“ – ни изјави Димитров.
Извори од Министерството за животна средина и енергетика на Грција во јавноста изјавија дека разговорите за проектот сè уште се во почетна фаза. Во меѓувреме, ќе биде воспоставена втора интерконекција на електрична енергија меѓу Грција и Бугарија, со што ќе се зголеми капацитетот од 500 мегавати на 1.600 мегавати. Во рамките на енергетската соработка се предвидува и Бугарија, а можеби и други земји во поширокиот регион да ја користат грчката терминална станица за складирање ЛНГ. Вашингтон и Брисел неодамна го финализираа договорот за испорака на 15 милијарди кубни метри дополнителен американски ЛНГ на пазарите во ЕУ оваа година.
Потребата од регионална енергетска политика и стратегија, како и за важноста на интерконекторот Македонија – Грција, ја нагласува и министерот за животна средина и просторно планирање на Македонија, Насер Нуредини.
– Сите ние сме меѓусебно поврзани, нашите економии се меѓусебно поврзани и треба да имаме регионална енергетска стратегија, не само во однос на климата туку и за енергетската безбедност – изјави министерот Нуредини.
Тој потенцира дека е „особено важна“ инвестицијата на Грција и на Македонија во интерконекторот за природен гас, што во иднина ќе може да се користи за транспорт и на водород, а конкретниот проект е поврзан со терминалот за течен природен гас во Александруполи. М.Ј.