Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Огромни количества градежен шут, купишта секаков комунален, па дури и медицински отпад, непрочистени отпадни води и видливи траги од невидливи хемиски содржини, за чие потекло може само да се нагаѓа, се она што, барем за процената на нормален човек, веќе во неподносливи димензии го задушува течението на најголемата река во Македонија. Сето тоа, не само што го убива животот во поголемиот дел од нејзиното течение и до неподносливост ја нагрдува глетката туку претставува и потенцијална причина за излевање на водите и за поплавување на околните домаќинства и земјоделски површини, особено сега, во период на нагло покачување на температурите и на топење на снегот од планинските врвови, од под кои таа извира

ШОКАНТНИ ГЛЕТКИ ОД ПРОШЕТКАТА ПО ТЕЧЕНИЕТО НА НАЈГОЛЕМАТА РЕКА ВО МАКЕДОНИЈА

Многупати опеана во народните песни, искористена за именување на многу компании, брендови, спортски клубови…, реката што, во секоја смисла претставува главна артерија на Македонија бидејќи нејзиниот водотек го следат најважните сообраќајници, индустриски капацитети, археолошки наоѓалишта…, наместо национална гордост, стана депонија за фрлање секаков отпад, а со тоа, во поголемиот дел од нејзиното течение и – мртва река.

Веќе не се потребни никакви анализи, студии и проекти за да се дознае она што може да се види и со голо око и да се слушне од луѓето што живеат покрај реката. А тоа е поразителната вистина дека главниот воден слив што ги поврзува најголемите градови и најживописните предели од земјава, и од страна на граѓаните и од страна на многубројните фирми лоцирани во неговата близина, се третира едноставно како депонија. Локалните и централните власти, притоа, ја игнорираат ова појава, а ретките поединци и организации што во изминативе години и децении се обидуваа да ги сменат или барем да ги запрат лошите нешта, резигнирано се повлекуваат, уморни од обидите да алармираат на оваа, наједноставно речено, срамотна состојба.

Градежен шут, комунален, па дури и медицински отпад

Иако ниту други речни корита не се поштедени од, за нормален ум, крајно лошата општо воспоставената практика, сите непотребни работи да се фрлаат во нив, она што се случува на и околу реката Вардар слободно би можело да се искористи како приказ на сега веќе тешко излечивата ментална состојба на населението, но и на способноста на властите на сите нивоа да ги остваруваат некои од своите витални функции.
Огромни количества градежен шут, купишта секаков комунален, па дури и медицински отпад, непрочистени отпадни води и видливи траги од невидливи хемиски содржини, за чие потекло може само да се нагаѓа, се она што, барем за процената на нормален човек, веќе во неподносливи димензии го задушува течението на најголемата река во Македонија. Сето тоа, не само што го убива животот во поголемиот дел од нејзиното течение и до неподносливост ја нагрдува глетката туку претставува и потенцијална причина за излевање на водите и за поплавување на околните домаќинства и земјоделски површини, особено сега, во период на нагло покачување на температурите и на топење на снегот од планинските врвови, од под кои таа извира.
А за сето тоа да се констатира, доволно е само да се погледне во каква состојба е коритото на Вардар во Скопје, каде што и покрај добро утврдениот кеј и инцидентните напори на властите и на комуналните служби да го исчистат неговото корито, сепак, доаѓа до повремено излевање на водите поради насобраното ѓубре кај мостовите и кај контроверзните градби во централното градско подрачје. Но екипата на „Нова Македонија“ тргна и понатаму, кон пределот помеѓу Скопје и Тетово, по сливот на Вардар, соочувајќи се со шокантни глетки.

Од Желино до каде што Вардар е кристално чист, па сѐ надолу, реката умира

Иако жителите на селата Сиричино и Туденце велат дека во изминативе неколку години, за разлика од порано, не им се случувало излевање на реката, тие се загрижени поради, веќе подолг период, нерасчистеното речно корито.
– Ние сами си чистиме тука повремено, но со години никој надлежните не дошол да направи нешто повеќе. Чистиме зашто не може да го гледаме ѓубрето кога ќе се насобере, особено од болницата во Тетово – вели Вера Крстевска, жителка на Туденце, каде што водите на Вардар, речиси допираат до дел од куќите.

Подолу, во Шемшево, како што велат неговите жители, Вардар сѐ уште знае да се излее низ речиси половина од селото. Доказ за тоа се и куќните фасади натопени со влагата, како и селското спортско игралиште, чиј еден дел очигледно е подриен од водата.
– Никој не го чисти коритото веќе со години. Дрвјата околу реката паѓаат во водата, ѓубрето фрлено од разни страни се насобира. И пред десетина дена, кога врнеше, за малку ќе се излееше. Но тоа што може да се види е дури и помалото зло од она што не може да се види со голо око. Од Желино до каде што Вардар е кристално чист, па сѐ надолу, реката е полна со хемикалии што ги испуштаат разни фирми и работилници, на кои нашите министри никогаш не им праќаат контроли бидејќи тие за возврат им ги градат куќите и зградите низ цела Македонија. Веќе ни рибата, доколку некаде ја има во реката, не е за јадење, а се сеќавам на времињата кога се храневме со ракови што ги вадев од неа – раскажува Сречко Трпески, подвлекувајќи дека, откога паметењето го служи, ниту една власт сериозно не се ангажирала на коритото на Вардар да му даде соодветен третман.

И понатаму, кон Јегуновце, каде што, според тамошните жители, кај вливот на реката Бистрица во Вардар, често знае да има поплави, натрупаното разновидно ѓубре ја нагрдува глетката, претставувајќи сериозна закана за природниот проток на водите.
Навистина тешко беше да не се забележи еден од надојдените одводни канали кај Прељубиште, каде што насобраните пластични шишиња, на повеќе места, формираа еден вид брани, поради кои нивото на водите беше речиси израмнето со нивото на новоасфалтираниот пат.

Во метрополата се позачистува

Иако на влезот во Скопје, кај Сарај, не можеа да не се забележат багерите што го расчистуваа коритото на Вардар, од другата страна на метрополата, речиси истата глетка.
Загрижувачки количества цврст отпад насобрани покрај речното корито и помеѓу столбовите на мостовите имаше од Драчево и Долно Лисиче накај Таор и Орешани.
– Пред некој ден целата долина беше поплавена – вели една од жителите на Орешани, разочарано констатирајќи дека тоа е нешто како „судбина“ за луѓето што упорно се обидуваат да ја облагородат почвата покрај реката од која би требало да виреат живот и убавина, наместо многубројните детектирани и недетектирани опасности за луѓето и за природата, кои упорно бараат засолниште и егзистенција во нејзината близина.
А за потсетување, не многу одамна, поради поплавите, имаше многу загубени човечки животи и материјални штети, особено во Полошкиот и во Скопскиот Регион. Упатените велат дека сериозни ризици од поплави сѐ уште се присутни поради немањето интегрирано управување со водите. На ова се надоврзува и потребата од поефикасен систем за заштита и спасување на граѓани и добра како сегмент на интегрирано управување со кризи. Сето тоа се надлежности споделени помеѓу државата и општините, кои, како и за сите други проблеми, тешко се координираат.

 

Колку чини немањето противпоплавен систем?

Организирање превентивен одговор на поплави е комплексен и скап предизвик, не само за државата каква што е Македонија туку и за многу поразвиени и поуредени држави, но последиците од немањето на таков систем се повеќекратно поскапи.
Една од водечките швајцарски компании за осигурување „Свис ре“, неодамна извести дека само од поплавите што се случија во изминатава 2021 година низ светот, светското стопанство загубило 82 милијарди долари, што изнесувало околу една третина од штетите предизвикани од природните катастрофи.
– Поплавите влијаат врз речиси една третина од светската популација, што значи дека тие ги засегнуваат луѓето повеќе од сите други закани – објасниле надлежните од Одделот за катастрофи на „Свис ре“.

Д.М.М.

Фотографии: Маја Јаневска-Илиева