Експертите по меѓународно право ценат дека преспанските и бугарските уцени се спротивни не само на нашиот јавен морал туку и на универзалните морални стандарди (кои се, всушност, основен супстрат на меѓународното право). И во таков универзален етички контекст, бугарските и преспанските услови/уцени се во колизија на јавниот морал на секоја членка на ООН, како и на секоја цивилизирана држава во светот воопшто (независно дали е членка на ООН или не). Според македонскиот устав, со кој се прифаќаат универзалните стандарди, бугарските барања за асимилацијата, исто како и преспанските услови за националната негација, се спротивни на императивното задолжително право

Во случајот со Македонија, ЕУ веќе не се ни труди да го скрие крахот на сопствениот морал и етика

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски на самитот на ЕУ во Брисел го отфрли како неприфатлив францускиот предлог за преговарачката рамка, во која се стипулирани принципите според кои би се водел преговарачкиот процес на Македонија за добивање полноправно членство во Унијата. Содржината на понудената преговарачка рамка за Македонија, која е претставена како решение за повлекување на ветото што го постави Бугарија за македонските евроинтеграции, всушност претставува целосно инкорпорирање на досегашните бугарски уцени за земјава, но со француски потпис.

Бугарските услови се во спротивност и на
универзалните морални норми и стандарди!

Ноторен факт е дека сите бугарски услови, наведени (но и постојано дополнувани) во рамковната позиција на нивната влада, Декларацијата на бугарското собрание, како и во објаснувачкиот меморандум до земјите-членки на ЕУ во 2019 година, се во целосна колизија со меѓународното право и ги прекршуваат и јус когенс нормите, највисоките правни правила и принципи, кои се посилни и од диспозитивното т.е. пишаното право!
Всушност, ирационалноста (шизофреноста) на бугарските услови е во спротивност и на универзалните морални норми и стандарди, кои се основа за меѓународното право. Слично како и наметнатите услови (уцени) во Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција, па во сегашниот т.н. француски (бугарски) предлог се препознава еклатантен континуитет на прекршување на моралот и етиката во политиката и универзалните стандарди.
Експертите по меѓународно право ценат дека преспанските и бугарските уцени се спротивни не само на нашиот јавен морал туку и на универзалните морални стандарди (кои се, всушност, основен супстрат на меѓународното право). И во таков универзален етички контекст, бугарските и преспанските услови/уцени се во колизија на јавниот морал на секоја членка на ООН, како и на секоја цивилизирана држава во светот воопшто (независно дали е членката на ООН или не). Според македонскиот устав, со кој се прифаќаат универзалните стандарди, бугарските барања за асимилацијата, исто како и преспанските услови за националната негација се спротивни на императивното задолжително право. Во така поставените меѓународноправни принципи, предложената француска преговарачка рамка за Македонија (од која, сепак, не се откажува францускиот претседател Макрон, иако е одбиена како неприфатлива од македонскиот премиер Ковачевски) претставува „писмен доказ“ за целосно нивно игнорирање и прекршување.

Францускиот предлог за Македонија е „втор дел од стратегискиот план на ЕУ за Македонија без Македонци“

Филозофот Ферид Мухиќ проценува дека францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија е всушност втор дел од стратегискиот план на ЕУ за Македонија без Македонци. Аргумент за ваквиот заклучок на професорот Мухиќ е тоа што никој од преостанатите 25 земји-членки на ЕУ не се изјаснил против ваквиот предлог, со кој се погазуваат сите универзални принципи и базичните вредности на самата Унија.
– Крахот на моралот и етиката, на некој начин, е пресметан ризик во политиката, иако затскриен. Но во случајот со Македонија, Европската Унија веќе не се ни труди да го скрие крахот на сопствениот морал и етика. Преговарачката рамка предложена од Франција, во која се вградени сите бугарски барања за погазување на македонскиот национален идентитет, е отворена иронија и цинизам со Македонија. Привидната иронија во прашањето зошто бугарското собрание ќе го (из)гласа францускиот предлог, се претвора во отворен цинизам со одговорот: затоа што тоа е нивниот, бугарски предлог, со потпис на Макрон и Франција. Тоа што ниту една друга земја-членка на Унијата не се изјасни против таквиот предлог на преговарачката рамка остава простор за заклучокот дека се работи за спроведување координиран стратегиски план на ЕУ за Македонија без Македонци, во која се вклучени Грција и Бугарија. Првата фаза беше Преспанскиот договор. Загадочно беше што добива Грција со промената на името на државата Македонија. Она што се доби од Преспанскиот договор е тоа Македонците да се откажат од својот македонски идентитет. За втората фаза, клучно е прашањето кои се тие луѓе во државата, ако не се Македонци. Втората фаза се спроведува сега, со вака формулираната преговарачка рамка, со која Македонците треба да бидат бугаризирани. Ваквиот план, кој се спроведува со постојан притисок врз Македонија, говори дека нема крај на неморалот и дека е погребена етиката во Европската Унија. На таквите намери (скриени и отворени), Македонија треба конзистентно и цврсто да ги застапува своите ставови и веќе во ништо да не попушти прифаќајќи какви било нови отстапки, спакувани во наивниот трик на ЕУ – да те натераат да молиш за нешто што ним им е потребно – директно и остро ги детектира моралните и етички трикови на ЕУ професорот Ферид Мухиќ.