Фото: Архива

Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност, стои во заедничката изјава на Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана на изјавата на портпаролката на руското МНР Марија Захарова.

– Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независнот на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓунаордниот поредок заснован на правила. Имено, досега, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку одлуки за воено-техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција – е потенцирано во пишаната информација.

Република Северна Македонија како членка на најмоќниот воено-политички сојуз – НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации, нагласуваат од овие институции.

Од друга страна утрово во медиумите беше пренесена изјава на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, која кажала дека „Русија смета дека е голема грешка одлуката на властите на Северна Македонија да и донираат на Украина тенкови Т-72“.

– И покрај тоа што, според северномакедонските власти, тоа е „безопасна” донација на застарена опрема, останува фактот дека лојалното кон НАТО, Скопје е вклучено во испораката на оружје а Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето кои исповедаат демократија, слобода и човекови права треба да го знаат тоа. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија – кажала Захарова во изјавата објавена на веб-страницата на МНР на Русија.