Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, поднесе барање до министерот за надворешни работи Бујар Османи да ги достави одговорите за т.н. „5+1“ барања од страна на Бугарија.

– Пратениците имаат надлежност да бидат контролор на извршната власт, и затоа до Комисијата за надворешна политика барам да ги испратите одговорите на бугарските барања познати како „план 5+1“ кои македонската страна ги достави до официјална Софија во декември минатата година – наведува Милошоски во дописот до МНР, додавајќи оти смета дека овој план не треба да биде тајна за пратениците, туку за него да се отвори сериозна дискусија во Собранието.