Чудно е истовремено да велите дека не го спорите определувањето на македонскиот народ, а од друга страна да не знаете дека постои македонско малцинство во Бугарија кое што има 14 пресуди Европскиот суд за човекови права, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во вечерашното гостува во емисијата „24 Анализа” на „Телевизија 24“.

– Добро би било еве оваа „проевропска и прогресивна” влада која ја предводи Петков да имплементира барем една од тие пресуди на Европскиот суд за човекови права и да им дозволи на луѓето од ОМО Илинден – Пирин барем да се регистрираат како политичка партија, и тогаш јас ќе верувам дека навистина тие не го спорат нашиот идентитет, никој не го спори постоењето на македонскиот јазик – рече Мицкоски, додавајќи дека ова му е добро позната реторика.

Мицкоски ги охрабри новинарите утре да му постават неколку прашања на Петков, меѓу кои и дали Гоце Делчев бил Македонец и дел од македонскиот народ кој е различен од бугарскиот, кој бил тој што го предводел Илинденското востание и зошто мора секогаш да се инсистира кога станува збор на македонскиот јазик, да стои со фуснота согласно Уставот, односно индиректно се имплицира дека тој постои практично со постоењето на Уставот на Македонија од 1991 година.

Мицкоски, исто така рече дека доколку новинарите не го прашаат за овие прашања, ќе го праша тој на средбата која ќе ја имаат утре и ќе ги каже позициите на ВМРО-ДПМНЕ.