Фото: Влада

Денешната посета на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ и потпретседател на Еврокомисијата, Жосеп Борел на земјава е показател дека Европската Унија стои до агендата за проширување и го има Западен Балкан во фокусот, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Коментирајќи ја изјавата на Борел дека „не може да вети датум за почеток на преговорите на Македонија“, Маричиќ рече дека клучот за решение е меѓу Скопје и Софија, а Брисел може само да помогне и да даде поддршка на тој процес. Според Маричиќ, многу поважно е да се дојде до решение за проблемот со Бугарија.

– Лекцијата дека никој не може да ни вети датум, сме ја научиле повеќепати во претходниот период. Тоа не е ништо ново. Клучот за решавање е на релација Скопје-Софија, а Брисел и државите членки на ЕУ можат само да помогнат и да дадат поддршка на тој процес. Токму затоа откако беше формирана новата Влада сме во интензивна комуникација со Бугарија и токму затоа во јавноста никогаш не сме кажале некаков датум и не сме се врзале за временски период, затоа што знаеме колку е тоа неблагодарно и затоа што знаеме дека изминатите две-три години тоа не ни помогна. Затоа мислам дека нашата посветеност на суштинскиот процес и на тоа како поскоро да дојдеме до решение е многу поважна отколку врзување со датум, а во наш интерес би било тоа да се случи што поскоро – истакна Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по примопредавањето на донацијата од jапонската амбасада.

Средбата што поранешниот премиер Зоран Заев ја имаше со бугарскиот премиер Кирил Петков на Форумот во Анталија, според Маричиќ, не треба да се протолкува никако поинаку, освен како поттик на целата атмосфера на разговори и дијалог што се води меѓу владите на Македонија и на Бугарија.

– Поранешниот премиер Заев учествуваше како гостин на Форумот во Анталија и таа средба е токму во рамки на тој настан. Не мислам дека треба да се сфати поинаку освен како поттик на целата атмосфера на разговори и подобрување на атмосферата низ дијалог меѓу владите на Северна Македонија и Бугарија. Премиерот Ковачевски и премиерот Петков имаат редовна комуникација. Како Влада ги разговараме сите отворени прашања, дел од овие прашања се дискутираат и на затворени седници поради сензитивноста на информациите – рече Маричиќ.