Фото: Влада

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ е горд што Владата го одбранила македонскиот интерес во преговорите со Бугарија кои биле искрен и отворен дијалог.

– Во тој процес бевме исклучиво водени од интересот на граѓаните и затоа сум горд што ги одбранивме нашите позиции и на достоинствен начин ги направивме нашиот јазик и идентитет европски. Ние ќе почнеме преговори како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Историјата им ја оставаме на историчарите и овие прашања не се во преговарачката рамка. Договорот за добрососедство со Бугарија се наоѓа во општиот дел на рамката, а не во патокази според кои ќе бидеме дополнително оценувани – рече Маричиќ на прес-конференцијата по средбата со германскиот специјален преставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

Тој додаде дека е време да се запечатат македонскиот јазик, идентитет и иднина.

– Сега кога работите се поместени од мртва точка, кога се отвораат вратите за нас за да седнеме на иста маса со развиените земји, потребни се одлуки. Потребно е како држава да покажеме обединетост. Не знам на кого би му одело државата да ја оставиме во неизвесност и можни турбуленции од надворешни и внатрешни влијанија – кажа Маричиќ.