Фото: Влада

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во обраќањето на регионалниот настан во рамките на иницијативата „Балкански дијалози“ во организација на францускиот Сенат, истакна дека сега е вистински момент Европа да го направи потребниот чекор за зачувување на вредностите што се темел на Унијата.
Според него, оваа година е клучна за дефинирањето на политиката за проширување, од која регионот очекува придвижување на процесот на евроинтеграциите и потврдување на неговата европска иднина.
– Ако Унијата не одговори на овој повик и С. Македонија и Албанија не добијат датум за почеток на преговорите, тогаш цел Западен Балкан се остава на страна, без јасна перспектива и со можност за други надворешни влијанија – посочи Маричиќ.
Тој уште додаде дека во овој момент е важно Европа да покаже единство и кога станува збор за евроинтеграцискиот процес на Македонија.
– Верувам дека Европа ќе ја покаже нејзината најголема сила, а тоа е нејзиното единство, и ќе докаже зошто е глобален лидер, со пресврт во евроинтеграцискиот процес, кој веќе е неодложен – истакна вицепремиерот Маричиќ.