Фото: Игор Бансколиев

Во ситуација кога бугарското собрание (со дополнителни услови) ја има одобрено преговарачката рамка, а Франција како сѐ уште актуелен претседавач сугерира нејзино прифаќање и од македонска страна, со извесно „преформулирање“ на бугарските услови што претставуваат целосна негација на универзалните морални стандарди на кои се темели меѓународното право, во овој миг е клучно како Македонија институционално да го факторизира бриселското „не“ на Ковачевски, односно покрај во парламентот, тоа да стане „реална движечка сила и наш непоколеблив унисон услов низ евроинтегративниот процес“…

Како Македонија да го факторизира отфрлањето на предлогот од бриселскиот самит

Веројатно чекајќи реакција од македонската страна на преговарачката рамка на Македонија за ЕУ, со потпис на француското претседателство на Унијата, во Бугарија беше одблокиран процесот на усвојување на овој документ во Собранието во Софија, откако македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Брисел изјави дека тој, во ваква форма, е неприфатлив за Македонија. Веднаш потоа, предлогот беше одобрен на собраниската комисија за надворешни работи, а ден потоа (вчера, 24 јуни), Народното собрание на Бугарија, по повеќекратно прегласување, со 170 гласа за, 37 против и 21 воздржан го одобри францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија. Дополнително, Бугарија усвои и четири услови за влез на Македонија во Унијата: ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Македонија преку нивното вклучување во Уставот како државотворен народ, дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија и европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети.
Формално и по малку цинично, спакувано во „француска наивност“ со наводниот лапсус „северномакедонци“ , претседателот на Франција, Емануел Макрон, изрази надеж дека „сѐ уште е можен договор меѓу Скопје и Софија за преговарачката рамка“ .
– Блиску сме до договор што овозможува правда за бугарските барања и е компатибилен со тоа што С. Македонија може да го направи, потребни се видливост и доверба, во следните часови ќе има гласање на бугарскиот парламент, ќе гледаме кон бугарскиот претседател и партиите од сегашното мнозинство, опозициските партии – рече Макрон.
Откако Ковачевски го отфрли францускиот предлог како неприфатлив за Македонија, францускиот претседател Макрон изјави дека со „северномакедонците“ во следните часови ќе разгледува начин да се склучи договорот, за до идната недела да помине на амбасадорско ниво и да се деблокира процесот.

И покрај апелот на премиерот Ковачевски дека може да им олесни на Македонците, зашто нема да биде прифатен никаков предлог за преговарачка рамка со кој се загрозени македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик, во македонската јавност сепак постојат големи резерви дали сегашното „не“, под европски притисок може да се претвори во „кооперативност“ и прифаќање. Во ситуација кога бугарското собрание (со дополнителни услови) ја има одобрено преговарачката рамка, а Франција како сѐ уште актуелен претседавач сугерира нејзино прифаќање и од македонска страна, со извесно „преформулирање“ на бугарските услови што претставуваат целосна негација на универзалните морални стандарди на кои се темели меѓународното право, во овој миг е клучно како Македонија институционално да го факторизира бриселското „не“ на Ковачевски, односно покрај во парламентот, тоа „не“ да стане „реална движечка сила и наш непоколеблив унисон услов низ евроинтегративниот процес“…
– Наша задача сега, т.е. на македонските политички субјекти е да донесат одлука во македонското собрание со која јасно ќе се отфрли овој т.н. француски предлог за преговарачка рамка со ЕУ. Овој предлог треба целосно да се растури, зашто Бугарија понатаму ќе сака да продолжи евентуални понатамошни преговори од тие позиции. Ние треба да се избориме да го изразиме нашиот став дека ова досега беше целосно промашен процес на преговори и дека треба да се почне одново, со креирање чиста преговарачка рамка што ќе се однесува исклучиво на усогласување со европското законодавство, а никако во неа да бидат внесени какви било билатерални прашања и уцени. Треба на ЕУ јасно да ѝ ги кажеме нашите позиции за евроинтеграциите од Резолуцијата на македонското собрание – вели поранешниот амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.
Евентуалната попустливост и прифаќање преговори за модификација на условите во францускиот предлог на преговарачката рамка, од ЕУ ќе бидат сметани за прифатен „стандард“ за решавање на спорот, а секоја предлог-модификација ќе биде полоша од првичната верзија. Македонија треба јасно да ги изрази своите ставови, вградени во Резолуцијата на македонското собрание.