Сите разочарувања во изминатите 30 години резултираа со длабока апатија и летаргичност меѓу луѓето, а најдобра потврда за тоа се годишните светски истражувања, кои покажуваат дека Македонците од година на година тонат сѐ подолу на скалата на индексот на среќата и се вбројуваат меѓу најнесреќните народи во светот. Но што треба да се промени и кој е рецептот за конечно и во земјава да се вратат среќните насмевки меѓу луѓето

КОЈ НИ ЈА СКРИ СРЕЌАТА

Празниците како по обичај се моменти кога луѓето меѓусебно ќе си посакаат многу здравје и среќа, со еден збор тоа е најискреното и најблагородно нешто што човек некому може да му го посака во овие чудни времиња-невремиња, кога среќата како да се изгуби во лавиринтот на секојдневните предизвици и тешкотии од различен вид.
А токму таа среќа како подолго да не наминала низ градовите и селата во оваа наша Македонија, во која како да исчезна онаа безгрижна леснотија на живеењето, на дружбата, на хуморот, на пријатниот домаќински дух, на песната, на орото, на храната што ја исполнува душата… Сето тоа се изгуби во секојдневното пандемиско сивило со кое се будиме и легнуваме. Она што остана на уморните лица кај македонските граѓани се само киселите насмевки кога некој ќе им каже дека ќе биде подобро, како и долгите воздишки по некое посакувано подобро време.
Сите разочарувања во овие 30 години самостојност едноставно резултираа со длабока апатија и летаргичност меѓу луѓето, а најдобра потврда за тоа се годишните светски истражувања, кои покажуваат дека Македонците од година на година тонат на скалата на индексот на среќата и се вбројуваат меѓу најнесреќните народи во светот. Зошто е тоа така и кој ѝ ја украде среќата на Македонија?
– За жал, секако, нема многу причини за радост ниту за среќа во Македонија. Кризите (од здравствена, преку економска, до енергетска… и многу други попатно) се престигнуваат една со друга, а Бугарија уште еднаш ни го зачини крајот на годината со уште една блокада на патот кон Европската Унија (која, пак, веќе 30 години константно нè разочарува, уште од неприфаќањето на предлогот за признавање на Бадинтеровата (нивна) комисија, преку НАТО-блокада од Грција од 2008 г. наваму, па сè до оваа драмолетка со Бугарија) – констатира првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски.
Тој ја лоцира причината за летаргијата кај македонските граѓани во царувањето на корупцијата, партизираноста на институциите, неспособните кадри без чувство за одговорност.

– Не може да се очекува да има среќни граѓани во земја во која корупцијата е најголем општествен проблем (првпат во последниве 20 години), а која се создава од комплетната политичка елита, која ја разбира државата како друштво (фирма) со ограничена одговорност (што се манифестира со целосна неодговорност и неказнивост). Всушност, поради тоа и не може да се нарече „политичка елита“ тој збир на (со чесни мали исклучоци) неодговорни и неспособни медиокритети, кои воопшто не се ни заморуваат со прашања на државност, долгорочни визии, економски и сеопшт развој за благосостојба (и среќа) на граѓаните (иако им се полни устите со такви зборови) – нагласува Кржаловски.
Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, смета дека чувството на отсуство на правда т.е. на неправда е она што најмногу ги фрустрира луѓето и ги прави несреќни.
– Тоа чувство е во сржта на задоволството од животот, среќата и смислата на живеење. Ако државата не препознава што е добро, а што зло – уште повеќе истото тоа не го санкционира, нормално е луѓето да се несреќни, едноставно се губи компасот. Ова има директно врска со судскиот систем во кој целосно е урнисана довербата – истакнува Трошановски.
Тој прстот го вперува кон Уставниот суд, кој не води сметка за јавниот интерес, долгите судски процеси, партизираната администрација, заробените институции, негацијата на македонската посебност, разочарувањата од ЕУ, пандемијата…

– Сметам дека ова беше една од најлошите години од независноста, па наваму за нашата државност – нагласува Трошановски.
Несомнено обајцата соговорници доста прецизно ги лоцираат причините што доведоа до тоа македонските граѓани да се меѓу најнесреќните во светот, но овој народ секогаш покажувал дека може да ги преживее сите премрежиња и обединет да излезе како победник. Таквата победа е рецептот за враќање на среќата.
Трошановски посочува на неколку работи што треба да се променат за конечно и во земјава да се вратат среќните насмевки меѓу луѓето.
– Што треба да се смени – изборниот модел мора да рефлектира квалитет и плурализам на политичка понуда, односно на кандидатите, оттука изборниот модел мора да се смени во таа насока. Реформите во судството и прекинување на неговата зависност од политиката треба да се главен приоритет, како и проверката на имотот на судиите и обвинителите заради прочистување. Територијалната поделба мора да се реорганизира затоа што вака служи на етнички политики, а не на реалните географски и социоекономски карактеристики на поднебјето. Управните и надзорните одбори на јавните претпријатија мора да почнат да ја вршат својата работа или да одговараат за финансиските загуби и, секако, Законот за висока раководна служба да биде донесен што побрзо – е рецептот за кој Трошановски смета дека ќе го подигне квалитетот на животот кај македонските граѓани, а со тоа ќе се зголеми и индексот на среќата кај нив.

Кржаловски сака да верува дека има надеж работите од оваа година да тргнат во добра насока, но сепак поучен од досегашните искуства, останува скептичен.
– Секоја Нова година е период на нова надеж и поглед кон иднината со желби за подобро утре, па би сакал да верувам дека така и ќе биде. Но искуството нè учи дека и кога мислиме дека не може да биде полошо, праксата покажува дека – може! Па така, не верувам ниту дека новата влада ќе направи битен исчекор (напротив – очекувам да има избори напролет или најдоцна наесен), ниту дека ќе ги почнеме преговорите со ЕУ во 2022 година. Но нема зошто да се надеваме дека ќе биде подобро… особено ако ги смалиме очекувањата. На крајот од краиштата – поговорка вели дека „успех е да го добиеш тоа што го сакаш (и очекуваш), но среќа е да бидеш задоволен со тоа што веќе го имаш“ – заклучува Кржаловски.
Како и да е, по сè изгледа до среќата ќе мора сами да дојдеме. Барем така велат оние народи што се среќни и кои за таквиот успех работеле вредно и се потпреле врз сопствените сили. Затоа, за да ги оствариме ваквите цели, мораме да бидеме истрајни, трпеливи и мудри. Потрагата по детелинката со четири листа зависи само од нас.