Фото: Игор Бансколиев

Со учество на повеќе од 40 странски македонисти и слависти од 17 земји во светот, вчера започна втората Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Овој настан особено добива на тежина во светло на бугарските уцени, притисоци и негација на македонскиот јазик и токму преку овој Меѓународен семинар се испраќа автентичен научен одговор пред целиот свет за вековната традиција, постоење и посебност на македонскиот јазик. Или, како што кажал Петре М. Андреевски, без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура

Со цитат од Петре М. Андреевски, директорката Весна Мојсова-Чепишевска ја отвори втората Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, кој од вчера, 24 јануари, па до 29 јануари ќе се одвива виртуелно, онлајн преку платформата ЗУМ.
Големата мисла на уште поголемиот Петре М. Андреевски дека без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме, треба да остане вечна поука и порака до сите нас. Драги семинаристи, вљубеници на убавиот македонски збор, вие со вашата страст за изучување на македонскиот јазик, со вашата посветеност да ја читате македонската литература и да ја запознавате македонската култура (музика, филм, театар…), правите оваа мисла Петрева да зрачи не само во нашите туку и во вашите срца. Во ова пригодно обраќање ја искажувам сета благодарност за поддршката што МСМЈЛК постојано ја има од страна на ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и од целиот негов тим, од проректорите проф. д-р Биљана Ангелова, проф. д-р Ордан Чукалиев, проф. д-р Валентина Гечевска и проф. д-р Христина Спасевска, како и од генералната секретарка м-р Марија Маневска. Благодарност и до членовите на Советот на МСМЈЛК – се обрати на почетокот од Семинарот директорката Весна Чепишевска-Мојсовска пред повеќе од 40 странски македонисти и слависти од 17 земји, кои во текот на петдневната виртуелна настава ќе ги продлабочуваат своите познавања и ќе согледаат нови предизвици за своите проучувања за македонскиот јазик, литература и култура.

Секој ден, од понеделник до сабота, и за секоја група ќе се одржуваат по шест часа. Организирани се лекторски групи за сите нивоа – почетно, средно и напреднато, и тоа напреднатото со две поднивоа, за јазик и за литература. Пријавени се учесници од универзитетските центри од Австралија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска, Чешката Република и од Швајцарија, и тоа како истакнати имиња на славистиката, универзитетски професори со долгогодишно искуство и автори на референтни истражувања на европската и светската филологија. Но покрај искусните научници, на Зимскиот семинар учествуваат и млади истражувачи – слависти и македонисти, меѓу кои се и студенти на прв циклус студии – идни афирматори на македонскиот јазик, литература и култура во светот. Зимската школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура првпат се одржа минатата година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј 100 години од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на МСМЈЛК при УКИМ, особено на Летната школа, која традиционално се одржува во Охрид и годинава ќе одбележи голем јубилеј – 55 години.

– Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, минатата година ја организира првата Зимска школа (на далечина). А Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје беше една од релевантните институции како дел од националната платформа на нашата држава за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. МСМЈЛК при УКИМ чувствуваше еден вид потреба на овој начин да му се оддолжи на Конески. А великиот Конески имал свој влог и учество во почнувањето и обмислувањето на тогаш т.н. Семинар за македонски јазик, во далечната 1967 година. Самиот тој во познатата книга „Разговори со Конески“, во која внимателно се забележани разговорите што Цане Андреевски ги водел со самиот Конески во период од пет години (1986-1990), вели дека идејата за формирање еден ваков семинар повеќе ја форсирал Владо Малески, кој во тоа време бил дел од Комисијата за културни работи со странство во тогашната држава. Кон оваа идеја потоа се приклучува и самиот Конески и со своите размисли дава сериозен придонес кон почнувањето на тој прв семинар. И во тоа свое сеќавање тој поентира вака: „… времето покажа дека има смисла и таа форма, бидејќи тие семинари дадоа свои резултати“ (Конески цитиран според Цане Андреевски, 2020: 169). Така што од таа 1967 поминаа безмалку цели 55 години. А во оваа 2022 се направија сите подготовки да се организира и втората Зимска школа. Со оваа втора Зимска школа, сакаме да покажеме дека сме подготвени и таа да стане еден вид традиција и тоа токму во годината кога МСМЈЛК ќе прослави и еден убав јубилеј – 55 години од почнувањето со работа на некогашниот Семинар за македонски јазик – кажа во своето поздравно обраќање до семинаристите, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, потсетувајќи на значењето на Блаже Конески, како за создавањето на Семинарот така и, воопшто, за афирмацијата и научната легитимација на македонскиот јазик. Учесниците на Семинарот, ректорот Јанкуловски ги поздрави како „најголемите културни амбасадори, поддржувачи и верни пријатели“ на македонскиот јазик и на Македонија.
Под притисок на актуелните предизвици од политички вид, поврзани со условите на Бугарија за Македонија да ги започне преговорите за членство во Европската Унија, македонскиот јазик на своевиден начин се претвори во „предмет на уцена“ за негово деноминирање до степен на западен дијалект на бугарскиот јазик. Во таков контекст, иако со научно докажан и признаен статус на македонскиот јазик, одржувањето на Зимската школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (и воопшто 55-годишната традиција на постоењето на Семинарот) на своевиден начин претставува научен одговор на политичките притисоци за негова негација и бришење од мапата на светските јазици.

– Ваквите настани, кои во научна смисла го афирмираат македонскиот јазик, се многу битни и воопшто, а особено во политички создаден амбиент што имплицитно го проблематизира прашањето за автентичноста на постоењето на македонскиот јазик и литература, а преку тоа и на целокупната македонска култура. Во таа смисла, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура претставува силен адут на нашата културна дипломатија, а учесниците на Семинарот ја афирмираат докажаната посебност на македонскиот јазик. Освен тоа, преку повеќе преводи на дела од македонската литература на странски јазици, кои Семинарот си ги постави како цел, се создава поголема видливост и конкурентност на македонската култура во светот – вели Весна Мојсова-Чепишевска, директорката на МСМЈЛК.
Како посебен предизвик на Меѓународниот семинар, Мојсова-Чепишевска го истакнува повторното отворање на Лекторатот по македонски јазик во Тирана, Албанија, со оглед дека со години тешко се наоѓа учесник на Семинарот од Албанија, а и сѐ поголемо е влијанието на бугарската пропаганда меѓу македонското малцинство, односно говорителите на македонскиот јазик во западното македонско соседство. Што се однесува до научната заинтересираност од Бугарија за учество на Семинарот за македонски јазик, Мојсова-Чепишевска вели дека таа повеќе се сведува на лични контакти, отколку на некаква институционална комуникација. И на оваа Зимска школа, учесничка од Бугарија е една познавачка на јужнословенските литератури, која преведува од српски и хрватски јазик на бугарски, а минатата година направила и некои преводи од Конески на бугарски јазик, но нејзиното учество е повеќе „вонинституционално“ и како нејзин личен професионален интерес за проучување на македонскиот јазик.